Емитер 3/2012.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Современата телескопска техника им овозможи на астрономите да откријат многу значајни сознанија за природата на универзумот. Но, денес, таа техника ја досегна границата на своите можности, па за натамошен прогрес на науката сега е актуелно да се пристапи кон реализација на нова генерација, многу помоќни телескопски уреди. Тој предизвик го прифати Европа и со својот проект E-ELT ја отвори вратата кон новата ера во астрономијата: ерата на "супергигантски" телескопи.
Моќноста на секој телескоп е во правопропорционална директна зависност од димензиите на неговото огледало. По Галилеј, секоја нова генерација од инженери и астрономи се задоволуваше со зголемување на моќноста на телескопите преку зголемување на димензиите на нивниот објектив за минимум двапати. Така во 1900 год. најмоќните телескопи имаа огледало со пречник од 1 m, потоа во 1925 год. 2,5 m, па во 1950 год. 5 m и во 1990 год. 10 m. Но, понатаму до 2010 год., иако беа изградени една цела дузина телескопи со поголема моќност, димензиите на нивните огледала не се зголемиле, туку останале со пречник 8-10 m! Зошто се случи овај застој на порастот на димензиите на огледалата на телескопите? Постојат две причини за тоа: првата причина е што во текот на деценијата 1980-1990 дојде изумот на електронска CCD камера, која ја мултиплицира моќноста на телескопот за околу 10 пати без зголемување на димензиите на неговото огледало, а втората причина е пристапот кон телескопски набљудувања од орбита, којшто овозможи додатно зголемување на моќноста за фактор 10 како резултат од елиминацијата на влијанието на турбуленците присутни во атмосферата на Земјата, кои кај сите стационарни телескопи ја деградираат сликата. Така, на пример, орбиталниот телескоп "Хабл" со огледало од само 2,4 m во пречник е конкурент на сите стационарни телескопи со огледало од 10 m во пречник. За да парираат на тоа, астрономите смислиле друга итрина за зголемување на моќноста на стационарните телескопи: поврзување на неколку од нив во единствена мрежа на принцип на интерферометрија (ЕМИТЕР 10/09: "Со VLT-I поблиску до ѕвездите").
Несомнено дека, благодарејќи на сета современа техника, науката оствари голем прогрес во објаснување на природата на универзумот, но таа техника ја досегна границата на своите можности и стана немоќна да ги реши сите енигми на универзумот (ЕМИТЕР бр. 1/11: "Шесте најголеми енигми на универзумот"). Според тоа, за натамошен научен прогрес актуелна е промената на "скалата" на моќноста на телескопите преку градба на нова генерација, т.н. "супергигантски" телескопи.
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 3/2012. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.