Емитер 12/1996.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
По пет месеци откако беше објавен (во број 7-8/96) нашиот прв конкурс за проекти од областа на електрониката го приведуваме кон крајот. На неколку дена пред рокот предвиден со конкурсот (1.11.1996г.) во нашата редакција имаше пристигнато само неколку трудови што воопшто не влеваше оптимизам за успешна реализација на оваа идеја. Сепак во последните денови од октомври пристигнаа уште неколку проекти со што бројот на пристигнати трудови го достигна бројот 14. Од овој број можеме да бидеме задоволни но не и од квалитетот на дел од овие проекти.
Имено, четири од овие трудови не ги задоволуваа ни минималните критериуми за практични проекти - им недостасуваа по неколку елементи: цртеж на ППК, фотографија како доказ дека уредот е успешно изработен, опис на шемата, упатства за изработка и тестирање, технички карактеристики, список на потребен материјал ... Еден од читателите дури пријавувајќи се на конкурсот ни испратил само краток текст и фотокопирани страници од едно странско списание. Се разбира дека ваквите трудови не беа земени во предвид.
Останатите 10 проекти кои влегоа во конкуренција за наградите членовите на редакцијата ги оценуваа земајќи ја во предвид пред се нивната практична примена а потоа и нивната сложеност и квалитетот на пратечкиот текст. Бидејќи дел од читателите немаат можност за компјутерска подкотовка на своите проекти, одлучивме најмало влијание при оценувањето да има техничката дотераност на проектот. Земајќи ги предвид овие критериуми лесно дојдовме до победниците.
За најдобар проект на натпреварот за 1996г. Редакцијата го прогласува проектот
“Електронска телефонска секретарка” чиј автор е Петар Аврамовски од Битола. Освен хонорар Петар Аврамовски како награда добива и еден дигитален мултиметар, подарок од “Електро Ваце”.
Второто место во нашиот натпревар го освои проектот “Четириканална разгласна миксета” подготвен од Игор Димитриевски од Скопје кој за својот труд освен хонорар исто така ќе добие и дигитален мултиметар што го обезбеди “КАМ-ЕЛ електроника”.
Од останатите осум проекти не можевме да издвоиме ниту еден па затоа сите заеднички го делат третото место. Тоа се следните проекти: “Сигнал трасер-инјектор” од Благој Ќупев, “Студиски засилувач за слушалки” од Сашо Митевски, “Електронска птица” од Благоја Ѓаковски и Тони Станојоски, “BIAS генератор” од Тони Станојоски, “Виртуелно стерео” од Никола Левандис, “Едноставен транзисторски засилувач” од Александар Бабаков, “Обртомер за автомобил” од Александар Јорданов и “Милиомметар” од Александар Митревски. Авторите на овие проекти освен хонорар ќе добијат и утешни награди - прибор и алат за електроника чиј донатор е “КАМ-ЕЛ електроника”.
Во овој број покрај победничкиот проект можете да видите уште три од овие проекти. Останатите проекти ќе бидат презентирани во следните два броја на ЕМИТЕР.
На крај да констатираме дека, иако очекувавме повеќе, сепак можеме да изразиме задоволство од резултатите на нашиот прв конкурс. Се надеваме дека следната година ќе има повеќе и поквалитетни проекти.
Главен уредник,
Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 12/1996. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.