Рубрика: Уводник
Конкурс за проекти, анкета и писма
Автор: Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/1996.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Драги читатели,
Пред нас е летото – време на годишни одмори, но и време во кое можеме повеќе да се посветиме на своето хоби или пак, да завршиме некоја работа за која не сме имале време и волја во претходните месеци. Ова лето за нас е значајно и по тоа што во август ЕМИТЕР го прославува својот прв роденден. Поради овие причини, а по углед на познатите светски списанија од оваа област, Редакцијата одлучи да распише КОНКУРС за проекти од областа на електрониката. Ако имате некоја идеја или веќе започнат проект – летото е идеално време својата идеја практично да ја реализирате, односно започнатата градба да ја довршите. Ви останува потоа сето тоа да го опишете и да го испратите на нашата адреса.

Подетално за пропозициите на конкурсот можете да прочитате на следната страница, а овде само уште еднаш би го повториле повикот: "Учествувајте на нашиот Конкурс, збогатете ги страниците на ЕМИТЕР со својот проект и заработете хонорар и некоја од наградите!"

Во овој период во тек е уште една наша акција, а тоа е анкетирањето на нашите читатели што го започнавме во претходниот број. За да може анкетата да ги даде саканите ефекти потребно е ваше помасовно учество во неа. Затоа, ако од било која причина тоа не сте го сториле до сега, ве молиме да го пополните анкетниот лист што го објавивме во минатиот број и што поскоро да ни го испратите. За возврат ќе добиете поквалитетен ЕМИТЕР, а доколку имате и среќа ќе добиете и некоја од наградите што ги обезбедивме со помош на нашите спонзори. Резултатите од анкетата и списокот на наградените ќе ги објавиме во следниот број.

Од досега пристигнатите анкетни листови, и без подлабока анализа лесно можеме да забележиме дека дека голем број читатели изразуваат желба во списанието да има рубрика во која ќе добијат одговори на своите прашања од областа на електрониката. За ваква рубрика редакцијата размислува од самиот почеток, но заради низа причини до сега не бевме во можност да ја реализираме. Меѓутоа сега е вистинскиот момент за нејзино започнување. Во таа рубрика, едноставно насловена "Писма", ќе можете да ги искажете своите критики, пофалби и предлози за списанието, но и да побарате и добиете одговор и совет за некој проблем од електрониката. За почеток, можеме да ви дадеме одговор само на прашања во врска со некој проект или текст објавен во ЕМИТЕР. Читајте не и пишувајте ни.

За крај на овој уводник сакам да ве информирам дека она што го гледате на насловната страница на овој број е работната маса на нашиот редовен читател и соработник (или како што самиот се нарекува ЕМИТЕРОВЕЦ), господин Петар Аврамовски од Битола. Неговата професија е лекар – специјалист по интерна медицина, но очигледно е дека и во своето хоби, т.е. електрониката, има високи познавања бидејќи пултот и повеќето инструменти и уреди што ги гледате се негово дело. Честитаме и посакуваме вакви електроничари и читатели да има што повеќе, а ЕМИТЕР да биде нивниот поттик.

Со почит,

Главен уредник
Слободан Таневски

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/1996. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.