Емитер 7-8/1999.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Со овој број ЕМИТЕР ја заокружува четвртата година од своето постоење. Зад нас се 42 броја со околу 2000 страници што одговара на книга од околу 4000 страници. Зад нас е (барем се надевам дека е зад нас) уште една криза во државата која силно ги разниша и онака климавите темели на ЕМИТЕР. Сепак успеавме да го одржиме квалитетот и редовното излегување на списанието, пред сè благодарение на нашиот ентузијазам и искажаната доверба од нашите верни читатели и спонзори. Но, што понатаму?
И покрај сите проблеми од финансиска, техничка и организациона природа и за следниот период имаме многу планови. Тоа пред сè се однесува на проширувањето на нашата издавачка дејност во насока на издавање книги и брошури од областите што се предмет на интерес на списанието. Нашата прва книга "Обработка на аудио сигналот" од нашиот соработник Миле Серафимовски излезе од печат непосредно пред овој број на ЕМИТЕР. Следната книга што планираме да ја издадеме сè уште нема наслов, но нејзината концепција (и содржина) е одредена - таа исклучиво ќе содржи проекти и апликации за разни електронски кола. Некои од тие проекти и апликации веќе се објавени во постарите броеви на списанието, а некои ќе бидат нови и специјално подготвени за таа книга. Во план имаме уште неколку книги на разни теми, но заедничко за сите книги што планираме да ги објавиме во наредниот период е да бидат со мал обем (100 до 150 страници) и со формат 17x24cm (B5) со намера нивната цена да биде ниска и достапна за поширок круг на потенцијални читатели. Вториот сегмент во проширувањето на нашата издавачка дејност ќе бидат брошурите кои ќе имаат обем од околу 50-тина страници на A5 формат. Тие ќе одат како додаток на списанието еднаш на 2-4 месеци, а тој број на списанието (заедно со брошурата) ќе чини околу 150 денари. За почеток имаме во план да објавиме цела серија брошури под заедничко име "ЕМИТЕР каталог на електронски елементи". Секоја брошура ќе биде посветена на една група компоненти (транзистори, операциски засилувачи, интегрирани НФ засилувачи, TTL интегрирани кола, CMOS интегрирани кола итн.) и ќе содржи краток теоретски вовед, табели со каталошки податоци, изглед на куќиштата и типични апликации. Освен оваа серија брошури во план имаме и брошури за хемиските извори на напон (видови, карактеристики, апликации на електронски кола за нивно одржување и испитување), микрофоните и нивната примена, просторната аудио репродукција и др. Овие планови за издавање на книги и брошури воопшто не значат дека списанието ќе ни биде во втор план, туку баш напротив, значат надополнување на самото списание. Со издавањето на книги и брошури ќе престане (или ќе се намали) потребата за објавување на маратонски серии во списанието (каква што е серијата "Почетен курс по практична електроника") со што ќе се добие повеќе простор за нови содржини на актуелни теми од електрониката. Во план ни е да објавиме една серија написи од неколку продолженија на тема "Основни поими во радиотехниката" и исто толкава серија за PIC контролерите и нивната примена, како и проекти за токи-воки, детектор на метал, еквилајзер, фреквенцметар, воблер, функциски генератор, AC миливолтметар, читач и програматор на чип картички, радиоаматерски примопредавател, идентификатор на телефонски броеви, стерео кодер, ФМ предавател со поголема моќност и многу други; а се разбира ќе подготвиме и многу написи од другите рубрики - информации, прикази, тестови, теорија и апликации. При ова особено ќе се потрудиме да има што помалку "написи" во рубриката "Исправки". Објавувајќи ги овие издавачки планови ги повикувам сите оние кои имаат знаење и спремност да пишуваат, независно дали се или не се соработници на ЕМИТЕР, да се јават во Редакцијата и да ги понудат своите предлози и трудови, а вас, драги читатели, ве повикувам да ги искажете своите размислувања и предлози на оваа тема. Се надевам дека ќе имаме доволно сили, знаење и среќа да оствариме поголем дел од овие планови. Уживајте во летните одмори и радости. Главен уредник Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/1999. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.