Рубрика: Омнибус
Кратки информации
Автор: Н Н
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 7-8/2010.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Бесмртна медуза;
Транзит на ISS пред Сонцето;
Sapphire Radeon HD5670;
Леново во 3Д;
Електричен фластер;
Биоелектрични транзистори;
Една третина од интернет-содржините се порно;
Аирлија 7 GHZ!;
Македонски форум за електроника, вторпат;
Нова интернет-страница на Радиоаматерскиот сојуз на македонија;
Прво лансирање на ракетата-носач Фалкон 9;
Бифокални електрични очила?!;
Атомите на Интел;
Проект за нов надзвучен патнички авион;
Летна фото школа на тема пејзаж;
Потврдена прва фотографија на планета придружник на сонцевидна ѕвезда;
HP G5000;
Пластика од перја;
Сите бои на Сонцето;
20 години Неоком;
Една година на СОТА Македонија;
На Светскиот куп 2010 во Јужна Африка беа поставени 10 "паркови за фановите";
Умни семафори;
NVidia GeForce GTX 460;
Тивкото "крчкање" на портокаловото сонце;
Прв еколошки хибриден клима-уред;
Нов меѓународен јазик – Глобиш;
Промоција на Microsoft Office 2010

Бесмртна медуза
Медузата Turritopsis nutricula е единственото живо суштество на Земјата кое ја знае формулата за бесмртноста. Оваа медуза има способност за кружно минување низ процесот на стареење, односно го познава начинот и клучот за подмладување, клучот што човекот го бара со векови. Животот на оваа медуза се движи од зрело доба до полипска форма и назад. Поради овој факт научниците сметаат дека таа живее вечно, бидејќи кога ќе остаре се подмладува и се враќа на почетната животна форма. Според биолозите, ова е единственото живо суштество на земјата, други форми не се познати.
Шифрата за овој феномен лежи во процесот кој е познат под називот "трансдиференцијација", при кој една врста на клетка преминува во друга врста. Неправедно би било да не се каже дека делумно овој процес се сретнува и кај други животни како што е дождовникот, кој е во состојба да ги обнови и да ги регенерира некои делови од телото, како што е опашка или нога! Втор пример за ваква појава е зебрастата риба, која има моќ да ја регенерира ретината во очите (за ова веќе имаше напис во Емитер).
Медузата Turritopsis nutricula трансдиференцијацијата ја прави на целото свое тело и тоа постојано. Научниците го знаат ова, но не знаат како го прави тоа. Но, бидејќи таа ова го прави постојано, бројот на вакви медузи е сè поголем и поголем во водите на сите океани.
Процесот трансдиференцијација се надевам дека ве потсетува на еден друг напис од Емитер. Вакво "враќање" на клетките во рана животна фаза се врши во лабораторија врз матичните клетки, со цел истите да бидат способни и искористени за создавање на нови органи. Но ова се случува во скапо опремени лаборатории со комплицирани постапки и методи, а медузата ова го прави во лабораторија сместена во нејзиното сопствено тело. Како го прави и зошто ќе дознаеме еден ден!
Калина С. Андонова

Биоелектрични транзистори
Користејќи течност од аденозинтрифосфат, молекуларна структура што служи за размена на енергија и е присутна во речиси сите живи клетки, истражувачи од националната лабораторија "Лоренс Ливермор" направиле транзистор што ќе им овозможи на електронските уреди директно да се поврзат со нервниот систем на жив организам. Ова претставува уште еден голем чекор во зближување на живиот свет и машината.
Транзисторот е креација на Александар Ној. Ова е првиот интегриран биоелектронски систем во светот кој се состои од карбонски наноцевки што се протегаат меѓу две електроди. Кога електродите ги приклучиле на напон и врз нив истуриле од течноста аденозинтрифосфат, протекла струја од едната кон другата електрода. Но, според тимот од истражувачи на лабораторијата "Лоренс Ливермор" за да може да почне да се применува ова ново откритие треба да помине долг период во кој ќе се направи целосно интегриран биоелектронски систем, со помош на кој би се овозможила целосна комуникација меѓу машините и живите суштества. Како што изгледа, конекцијата меѓу технологијата и биологијата е сè поевидентна и не е далеку денот кога ќе биде овозможено директно комуницирање меѓу човекот и уредот.
Се поставува прашањето каков ќе биде тогаш животот, какво ќе биде општеството и кој ќе го регулира сето тоа?!
Калина С. Андонова

Нов меѓународен јазик – Глобиш
Постарите генерации сигурно се сеќаваат на јазикот Есперанто, за кој се сметаше дека ќе стане меѓународен јазик за комуникација. Многумина го учеа и го научија, а денес можеби и веќе го подзаборавиле. Веројатно ќе се запрашате зошто го споменувам сега. Причината е што на повидок е или се создава нов светски јазик познат под името Глобиш (Globish). Овој нов јазик веќе се користи на интернет и во многу други облици на комуникација, а се смета дека ќе доминира во дваесет и првиот век. Новиот јазикот глобиш претставува мешавина од најчесто користените англиски зборови и изрази во секојдневната комуникација на луѓето од целиот свет. За овој јазик на иднината, кој е во сè поголема употреба, пишува и британскиот писател Роберт Мек Крум во својата книга “Globish: How the English Became the World's Language“. Во книгата тој тврди дека новиот јазик се користи од Пекинг до Њујорк!
- Во 19 век доминираше британскиот јазик, во 20 век американскиот-англиски јазик, а сега во 21 век време е со светот да завладее еден глобален јазик, односно глобиш, вели Мек Крум. Британскиот автор смета дека познавањето на еден ваков јазик како што е јазикот глобиш може многу да им олесни на луѓето кои бараат работа во други земји, а особено во Кина или Индија.
- Луѓето кои сакаат да зборуваат глобиш за пример треба да го земат американскиот претседател Барак Обама, бидејќи јазикот кој тој го користи успешно ги совлада сите јазични граници. Кога тој зборува, на неговите куси и концизни реченици потребна е само мала адаптација за неговите зборови да станат разбирливи насекаде во светот. На пример, неговиот слоган "Yes We Can" е разбирлив во кој било дел од светот, вели Мек Крум.
Инаку, името глобиш, Мек Крум го презел од Жан Пол Неријер, кој во 1995 година пишувал за создавање на една нова форма на англискиот јазик во која би се користеле само 1 500 зборови кои најчесто се употребуваат во секојдневниот говор. Други извори, пак, сметаат дека идејата за ваков доминантен светски јазик не е на Мек Крум, туку дека таа потекнува од Индиецот Мадукара Гогатеа. Идеата е убава и корисна, а дали ќе опстои и ќе заживее ќе покаже иднината.
И на крајот неколку интересни податоци околу јазиците воопшто. Сигурно многумина од вас не знаат колку јазици постојат во светот. Постојат многу повеќе отколку што веројатно претпоставувате, но точниот број никој не го знае, а со време тој и се менувал. Така во 1911 година се сметало дека постојат едвај околу 1000 јазици. Денес, според Ethnologue organization (http://www.ethnologue.com) која има направено детална листа на јазици, тој број изнесува околу 7000 или поточно кажано 6 809, од кои само 230 се зборуваат во Европа, додека 2197 во Азија. Најголема разновидност на јазици има во Папуа Нова Гвинеа каде 3,9 милиони луѓе зборуваат на околу 832 јазици. Интересен е и податокот дека секој јазик во светот има 40-50 слични јазици, и дека постојат јазици на кои зборуваат еден до десет луѓе! Кога е во прашање, пак, економијата и бизнисот, светската економија "зборува" главно на три јазика: англиски, кинески-мандарински и шпански јазик. Се надевам дека сега ви е јасно зошто е потребен глобиш!
Калина С. Андонова

Електричен фластер
Наидува летото и деновите кога сме изложени на штетното дејство на УВ-зраците, како резултат на што се јавуваат промени на кожата, па дури и рак. За овие и други промени на кожата имаше напис во еден од претходните броеви на ЕМИТЕР. Се надевам дека се сеќавате. Од друга страна, после смртноста од кардиоваскуларните болести, а на второ место е смртноста од рак. Од таа причина научниците и фармацевтите се во постојана потрага по лек или начин како да се справи болниот со оваа опасна болест и, се разбира, колку што е можно тоа да биде побезболно и понепријатно.
Така, на десеттиот конгрес на Европското здружение на фотодинамична терапија во Монако научниците го претставија електричниот фластер за лечење на рак на кожата. Светлечкиот фластер го добил името Ambulight PDT, а пациентите го носат со цел да го намалат времето поминато во болница и да ја забрзаат терапијата и лечењето.
Уредот е долг пет сантиметри и пред употреба се полни со енергија три часа, а потоа се залепува на местото кое претходно е намачкано со посебна крема. Научниците тврдат дека со помош на електричниот фластер лечењето е многу поудобно и побрзо, бидејќи пациентот се лечи во домашна релаксирана атмосфера. Имено, опремата за фотодинамична терапија (PDT) порано била достапна исклучиво во болниците. Но, сега благодарение на електричниот фластер Ambulight PDT пациентот ја посетува болницата само за болното место на кожата да му биде премачкано со специјалниот крем, не мора да биде хоспитализиран бидејќи електричниот фластер може да се носи без проблем надвор од болницата. Лечењето е потполно безболно и веќе 50 луѓе го користеле овој електричен фластер, а научниците тврдат дека искуствата се позитивни и дека нема контрандикации и несакани ефекти!
- Ова е многу поудобна форма на третман, бидејќи им овозможува на пациентите да се движат и да ги вршат секојдневните обврски и задачи, да одат на работа или на училиште - вели професорот Ифор Самуел, кој е дизајнер на направата.
Електричниот фластер е за лечење на рак на кожа, но да се надеваме дека ќе се пронајде нешто слично и за другите видови.
Калина С. Андонова

Бесмртната медуза

Биоелектричен транзистор

Електричен фластер

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 7-8/2010. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.