Рубрика: Омнибус
Технома 2008 и Макинова 2008
Автори: Бранко Атанасовски, Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11/2008.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


И оваа година, најпрестижната саемска манифестација ТЕХНОМА 2008, која години наназад се одржува на Скопскиот саем, привлече големо внимание. Во периодот од 14 до 18 октомври, бројните посетители имаа можност да се запознаат со многу компании од разни области на индустриското стопанство. ТЕХНОМА 2008 со право можеме да ја наречеме најголема промотивна манифестација од овој тип во нашата држава. Преку 800 директни и индиректни изложувачи од нашата земја и од странство од областа на технологијата, металургијата, електрониката, неметалите, градежништвото и други индустриски области, се потрудија што подобро да се претстават себе си и своите производи.

Големиот број на компании кои годинава беа присутни на ТЕХНОМА 2008, зазедоа простор од 4 саемски хали, односно околу 15000 квадратни метри и дополнителен надворешен изложбен простор, на кој вообичаено се претставуваат компании од областа на градежната механизација. Оваа година на манифестацијата беа поканети и претставници на Европските стопански структури. Како групни учесници на Саемот се претставија претприемачите од Словенија, Хрватска и Грција, сите претставени преку нивните стопански комори и асоцијации. Традиционално, соработката со Занаетчиската комора на Македонија и МАКИНОВА, продолжи и годинава, со нивен информативен штанд на кој ги презентираа своите актуелни и идни активности. Практично, ТЕХНОМА 2008 како манифестација ги опфати 34. Меѓународен саем на металургија, електроника, неметали и градежништво, обезбедување и заштита, потоа 28. Меѓународна манифестација на иновации, 9. Меѓународен саем на занаетчиство и мало стопанство и 3. Саем на златарство, накит, часовничарство и оптика.

МАКИНОВА-ЕКОНОВА 2008
Во рамките на овогодишниот саем ТЕХНОМА се одржа редовната, 28-ма по ред, Меѓународна изложба на пронајдоци, технички унапредувања, нови производи и творештво на млади МАКИНОВА, истовремено со 6. Меѓународна изложба на технички унапредувања и иновации од областа на животната средина ЕКОНОВА. За жал, бројот на учесници беше минимален, а од македонските фирми беше пријавена само една! Манифестацијата МАКИНОВА е од меѓународен карактер – беа пријавени и изложени постери на пронајдоци и иновации од пронаоѓачите од Босна и Херцеговина, од Република Србија и од Република Српска. Всушност, бројот на нивните изложени пронајдоци беше поголем од бројот на македонските! Организаторот на МАКИНОВА во иднина мора повеќе да поработи на планот на ширењето на иноваторството во Македонија.
Најсимпатичен дел од МАКИНОВА-ЕКОНОВА 2008 секако беа децата, ученици од трето одделение во Основното училиште "Гоце Делчев" од Скопје, кои донесоа повеќе цртежи, а имаа изработено и неколку модели. Лука Јован Пренк имаше цртеж на "Мото-куршум" – автомобил брз како куршум (☺), а имаше и направено роботчиња од делови од скршени играчки, Леон Спремо нацртал робот со вртлива антена на главата, која служи да ги пронајде децата ако се изгубат (☺), Горазд Спасовски направил човече од прирачни делови – дрвени лажици, пластични цевчиња и штипалки, Ана-Марија Павловска изложи убава кукла ("Убавка" ☺) што сама ја направила, а Мартин Андриќ изложи цртеж на робот, "Роботон". Упатувам честитки за професорката Гоца Стојковска за трудот да им отвори нови видици на децата и да ги насочи кон науката, техниката и иноваторството. ЕМИТЕР го награди Основното училиште "Гоце Делчев" за поттикнување на младинското творештво со Пофалница и укоричен комплет од ЕМИТЕР, а комисијата на МАКИНОВА им додели Специјално признание за поттикнување на иноваторството.
Ѓорѓи Серафимовски и Дејан Арсов од Основното училиште "Алија Авдовиќ" од с. Цветово и с. Елово изложија многу практичен уред за читање отпорници со обоени вртливи дискови, за што редакцијата на ЕМИТЕР го награди О.У. "Алија Авдовиќ" за поттикнување на младинското творештво со Пофалница и укоричен комплет од ЕМИТЕР, а комисијата на МАКИНОВА со Златна плакета МАКИНОВА 2008 и со Специјално признание за поттикнување, помагање и ширење на иноваторството.
Повозрасните средношколци сериозно се зафатиле со работа. Најголем впечаток ми остави проектот "Уред за затоплување" од Димитар Џундев од Средното училиште "Јахја Кемал" од Скопје, кој изработи еден цел научен елаборат за употреба на отпадна топлина од печка на дрва. Тој практично направил уред за затоплување на 300-литарски бојлер со помош на бакарна цевка обвиткана околу цевката (ќункот) од печката на дрва. Уредот обезбедувал топла вода за целиот период додека греела печката, без дополнителна енергија. Комисијата на МАКИНОВА го награди со Сребрена плакета МАКИНОВА 2008, а С.У. "Јахја Кемал" со Специјално признание МАКИНОВА 2008 за поттикнување и ширење на иноваторството.
Илија Багашовски од Средното училиште "Ацо Русковски" од Берово имаше направено комплетно функционална "Пречистителна станица за отпадни води", за што комисијата го награди со Сребрена плакета ЕКОНОВА 2008, а редакцијата на ЕМИТЕР со пофалница за млад иноватор и укоричен комплет од ЕМИТЕР. Драгана Младеновска од С.У. "Ацо Русковки" од Берово изложи мелем за иритирана кожа, лосион против акни и мелем за херпес симплекс, сите направени од лековити билки. Комисијата ја награди со Златна плакета ЕКОНОВА 2008, редакцијата на ЕМИТЕР со Пофалница за млад иноватор и укоричен комплет од ЕМИТЕР, а Агенцијата за интелектуална сопственост БЕРИН доо - Скопје со Диплома.
Комисијата го награди С.У. "Ацо Русковски" од Берово со Признание за поттикнување и ширење на иноваторството.
Во повисоката категорија на пронаоѓачи и иноватори имаше многу мал број учесници. Со бронзен медал МАКИНОВА 2008 е награден Дејан Видаковиќ од Друштвото на пронаоѓачи и рационализатори на Скопје, за "Стериаир" – уред за стерилизација на воздух за операциони сали и сл. Со златен медал МАКИНОВА 2008 се наградени Веле Нелковски и Драги Дамески, од Друштвото на пронаоѓачи Скопје, за "Калап за лиење бетонски производи без употреба на шрафови и кланфи", а редакцијата на ЕМИТЕР ги награди со Диплома и објавување на пронајдокот во рубриката Еурека. Со златен медал МАКИНОВА 2008 и со награда од редакцијата на ЕМИТЕР - Диплома и објавување на пронајдокот во рубриката Еурека се закити Ратко Јончевски од Скопје, за "Мултифункционална автоматска брава" која во својата конструкција употребува помалку федери (само три!) отколку останатите познати решенија во светот. Златен медал МАКИНОВА 2008 исто така доби и Сашо Антоноски од Скоје за "Високофреквентен ватметар" и "Кабелски засилувач" изведени во SMD техника. Редакцијата на ЕМИТЕР ги награди со Диплома и објавување на пронајдокот во рубриката Еурека добија иноваторите Зубер Рамани од Струга за "Панорама тркало" - спектакуларно големо и елегантно панорама-тркало без централна оска, која би се поставила на реката Дрим во Струга (за инает на Охриѓани ;-)); и Иван Поповиќ и Вангел Димановски од фирмата AC/DC од Скопје за "Линеарен MOSFET засилувач од 5 000 W / 0,2 Ω".
Владимир Филевски

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/2008. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.