Рубрика: Аудио и видеотехника
Карверовиот предизвик
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 207 - 12/2024.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Многу често ќе ги чуете аудиофилите како со беспоговорна ароганција тврдат дека не постојат два различни засилувача со идентичен звук. Сите тие сигурно не слушнале за американскиот конструктор и производител на засилувачи Роберт (Боб) Карвер и за неговиот јавен предизвик од пред точно 40 години. Имено, тој ги предизвикал најпознатите светски hi-fi списанија од тоа време дека ќе успее во рок од само 48 часа да го наштима својот најнов транзисторски засилувач да даде звук идентичен со кој било друг засилувач што ќе го изберат, вклучувајќи ги и засилувачите со електронски цевки (ламби)! Притоа, се обврзал дека нема да ја смени топологијата на својот засилувач (!) и дека нема да ги смени употребените транзистори (!), туку дека по потреба само ќе ги менува работните точки на транзисторите и негативната повратна врска – а тоа е само промена на вредностите (и евентуално нивниот број) на некои од употребените кондензатори и отпорници! Резултатите од тој предизвик се запишани со златни букви во светската историја на аудиотехниката, како The Carver Challenge (Карверовиот предизвик).

Веројатно на сите ви е позната легендарната американска фирма за засилувачи Phase Linear. Таа фирма била основана во 1970 година од страна на Роберт (Боб) Карвер (Robert Carver), кој бил конструктор на сите нејзини засилувачи. Првиот негов производ бил стерео засилувачот на моќност Phase Linear 700, класичен засилувач во класа AB, кој давал моќност од 350 W по канал на 8 ома - исклучително голема моќност за тоа време, а цената била иста со онаа на слaвниот Crown DC 300 кој давал само 150 W по канал на 8 ома. Веќе следната година на пазарот излегла верзијата Phase Linear 700 II, со поубав надворешен дизајн (и LED диоди наместо класич­ните електромеханички VU метри со стрелка) - слика подолу. Сликата на таа верзија е онаа која најчесто им излегува пред очи на аудифилите кога ќе се спомне името Phase Linear. Пофалбите од слушниот тест објавен во влијателното хај-фај списание The Absolute Sound само го зацврстија култниот статус на Phase Linear 700.

Во производственото портфолио понатаму следеа предзасилу­вачот Phase Linear 4000 и неколку варијанти на засилувачи со различни излезни моќности. На врвот на славата, во 1979 година Боб Карвер ја продаде компанијата Phase Linear на големиот кон­церн Pioneer. Кратко време потоа Pioneer го продаде брендот Phase LInear на компанијата Jensen (која ги поседуваше американските брендови за звучници Acoustic Research - AR и Advent), а по купувањето на Jensen од страна на Recoton, брендот Phase Linear потполно згасна. Но без Боб Карвер и онака не беше тоа она вистинското.

J. Gordon Holt имаше доблест да признае дека Боб Карвер, мену­вајќи ја вредноста на само неколку кондензатори и отпорници на свој­от релативно евтин транзисторски засилувач од средна класа успеал да постигне звук тотално идентичен со скап, high-end засилувач со електронски цевки (ламби)!

Според зборовите на J. Gordon Holt: „Без оглед на тоа кои звучници корис­тевме... Двата за­силувача слушно беа идентични! Би било големо потценување да се ка­же дека бевме запрепастени! ... Тоа што го постигна Боб Карвер би требало да биде невозможно... А што е со слушните разлики меѓу тран­зисторите, кондензаторите, ожичувањето – сите оние работи што зна­еме дека придонесуваат за супериорноста на врвните засилувачи? ... Боб не водел сметка за квалитетот на кондензаторите, минимално­то интерно ожичување, златните контакти или што било од овие ра­боти... тој само (само?!) требал да знае како да го смени секој пара­метар на својот засилувач... По вториот ден од слушното тестирање „фрливме пешкир”, му се предадовме на Боб. Сакавме Боб да не успее, сакавме да чуеме разлика... Но кога и да го приклу­чевме другиот засилувач, слушајќи го истиот музички пасаж повторно, ја слушнавме потполно истата работа. Според правилата, Боб победи.”

Но шокот од тоа сознание беше преголем, па J. Gordon Holt на крајот од својата статија сепак „мораше” да нафрли неколку сомневања за моралноста и легал­носта на ваквото пиратирање/кражба на звукот на скапите high-end засилувачи – што, сигурно ќе се сложите, е смешно!

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 207 - 12/2024. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.