Рубрика: Колумна
Сонцето не припаѓа подеднакво на сите
Автор: Звонко Марковски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 4-6/2019.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Иако државава се декларира дека дава активна поддршка на сите иницијативи поврзани со раз­војот на обновливите извори на енергија, според најновата законска регулатива, фактичката состојба во моментов е сосема спротивна - се фаворизираат големите фирми, а малите фирми и домаќинствата практично се спречени да произведуваат струја од фотонапонски системи.

Иако државава се декларира дека дава активна поддршка на сите иницијативи поврзани со раз­војот на обновливите извори на енергија, според најновата законска регулатива, фактичката состојба во моментов е следната: Постоечките фирми можат да изградат систем за сопствено производство на струја од фотонапонски панели (“фотоволтаици”) и вишокот да го продаваат на слободниот пазар, но нај­мно­гу до 20 kW инсталирана моќност. Можно е да се прават фотонапонски централи наменети за производство на струја само за продажба – без ограничување на голе­ми­ната, но под услов да се формира друга, сосема нова фирма.

Домаќинствата можат да поставаат фотонапонски системи за сопствена потро­шу­вачка, но со ограничување на големи­ната до 4 kW – премалку за едно просечно домаќинство. Домаќинството може вишо­ците од прозведената струја да ги продава, но само под услов да не е снабдувано со електрична енергија од универзалниот снабдувач, т.е. да не е приклучено на ЕВН!? Тоа домаќинство тогаш мора да се приклучи на друг снабдувач, на слободниот пазар, а потрошената струја ќе ја плаќа по цена што ќе биде околу 50% повисока од дотогашната, односно еднаква на таа што ја плаќаат индустриските капацитети!

Снабдувачот ќе му ја плати на дома­ќин­с­твото вишокот струја произведена од фотонапонски панели најмногу до 90% од цената. Меѓутоа, тука има и едно дополни­телно но: ако домаќинството не троши струја од снабдувачот, туку само испора­чува вишок струја од фотонапонските па­нели, за испорачаната струја ќе му се пла­тат нула денари!? Неверојатно!

За сите системи, без разлика дали се работи за голема мегаватна централа или за минимален систем од еден единствен фотонапонски панел, потребно е да се обезбедат истите комплетни документи: основен проект, дозвола за градба од опш­тина, сите мора да добијат согласност од ЕВН и да се пријават во Агенцијата за енергетика!? Исто така, сите што сакаат да ја продаваат произведената струја од фотонапонски панели, задолжително треба да извадат лиценца за производител од Регулаторната комисија за енергетика.

Со сегашната законска регулатива, иако начелно сите ги третира под исти услови и ги изедначува на пазарот, држава­ва фактички не дозволува домаќинствата реално да можат да продаваат струја на пазарот и притоа да заработуваат. Уште полошо, не дозволува да се постави едно минијатурно фотонапонско панелче кое преку батерија ќе напојува една единс­твена ЛЕД светилка ноќе во дворот!

Не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека за државава, домаќинствата не се тука да про­из­ве­дуваат електрична енергија (па дури ни за себе), туку тие се ту­ка за да ја купуваат и да ја тро­шат веќе обезбедената електрич­на енергија од ЕВН и од новите големи фир­ми. А знаеме дека тие нови големи фир­ми ќе можат да ги формираат само оние поединци кои имаат доволно голем ка­питал. Богатите да станат уште по­богати!

Основно е за едно домаќинство што не генерира вишоци на енергија (не враќа енергија во мрежата) да му се овозможи, без непотребни бирократски сопки и тро­шо­ци, непречено да си произведува струја за сопствени потреби. Неопходно е за сис­те­мите што немаат вишоци на електрична енергија за предавање во дистрибутивната мрежа, да не се бара дозвола од ЕВН. ЕВН е приватна компанија и за неа државата не смее да креира специјални законски од­ред­би кои би биле само во нејзина корист.

Исто така, проблематично прашање е како ќе се постапува со веќе инстали­раните фотонапонски системи? Дали тие сега стануваат илегални? Повеќе од 10 години, во Македонија постојат многуброј­ни домаќинства кои имаат инсталирано фотонапонски системи за свои потреби. Енергијата што им недостига ја земаат од мрежата на ЕВН, но назад во мрежата не враќаат енергија. Најстариот ваков систем во Македонија – првата Еко куќа во Ка­дино (фотонапонски систем поставен од СИЕТО доо) работи веќе 15 години.

Одлучно сме против какво и да било ограничување на основното човеково пра­во да ја користи сончевата енергија за сопствени потреби. Со други зборови, ус­тав­но загарантирано право е неповред­ливост на приватната сопственост. Тоа значи дека секој сам одредува што и како ќе користи (вода, воздух и сонце) на сво­јата сопственост/територија, ако со тоа не ја загрозува околината и не пречи никому. И наместо ограничувања, државата треба да воведе поттикнувачки мерки и субвен­ции за секое домаќинство и за секоја мала фирма што ќе постават фотонапонски сис­тем, а вишоците од струја да се откупуваат без непотребни бирократски ограничу­вања. Доволен пример е Германија, каде што сето ова функционира со години, па сега имаат инсталирани дури 42 GW во фотонапонски системи, од коишто доби­ваат околу 7% (а во некои периоди дури 40%) од вкупната произведена електрична енергија во Германија.

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 4-6/2019. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.