Рубрика: Колумна
И железото има душа
Автор: Томе Скендеровски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 11-12/2014.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


"И железото има душа!" – крикна долгогодишниот пријател на мојот татко, кој ми беше дошол на гости во мојот автосервис, кога јас го шутнав настрана алатот што ми го попречуваше патот за да поминам. Бев нервозен и затоа така постапив (друго е прашањето зошто и како се нашол тој алат на патот, но тоа може да е тема за некоја друга колумна).

Повеќе од 20 години, мошне често ми одѕвонува оваа реченица во мојата глава. Без сомнение, се работи за фрапантна вистина. Уште како полуфабрикат, железото има душа. Челичните лимови, валаните полуфабрикати, шавните и бесшавните цевки итн. како да повикуваат да се направи од нив нешто што ќе биде корисно, употребливо. Таа трансформација во модерново време ја викаме додадена вредност, но слободно може да се преведе како додадена душа. Тоа е душата на рударот и на работниците во железарите кои практично “земјата” ја трансформираат во железни полуфабрикати (ова мора да е ѓаволски интересна работа!), потоа, тоа е душата што ја оставаат проектантите и конструкторите вдахнувајќи им живот на овие полуфабрикати. Така, човекот е исправен очи в очи пред еден “жив организам” којшто совршено прецизно и со невидена послушност си ја обавува својата работа од која има непроценлива корист. И како човек треба да се однесува кон ваква, речиси жива творба? Одговорот е едноставен. Со целосна почит кон неговата (и не само додадена) вредност, како кон живо суштество без кое животот би ни бил како на животни водени само од инстинктот. Творењето значи да му се даде живот на нешто што наизглед е мртво. Да се оживи железото, да профункционира конструкцијата, емотивно да се поврзе човекот со неа и таа да стане дел од неговиот живот, се логични и природни последици и релации на секој творечки и кориснички дух, а на општа добробит на сите нас. Од тука, односот кон железото не смее да е однос како кон мртва природа, туку преносно, тоа е однос кон неговиот творец што му дал душа (живот), кој треба да е, пред сè човечки, природно пријателски настроен и со голема почит и признание за неговото дело. Најдобар доказ дека железото има душа се техничките музеи. Во нив се негува култот кон железото. Таму тоа гласно кажува, преку неговиот облик и функција, за својата душа, за својата додадена вредност, за размислувањата и состојбите на духот во своето време, т.е. во времето кога му бил вдахнат живот. На секој технички производ што има големо значење и вредност од аспектот за којшто говориме овде, крајната дестинација мора да му биде техничкиот музеј. Во тој дом, со нагласена љубов и пиетет ќе биде згрижен и негуван секој технички производ што го отслужил своето. Тоа претставува благодарност кон неговиот творец. Тоа е историја. А историјата е учителка на животот. И како би се создал култ и здрав однос кон техниката (железото) ако не преку техничките музеи? Како би оделе напред ако не стоиме цврсто на фундаментот на минатото? На крајот имајте предвид дека коректниот однос кон техничките помагала е најдобрата слика за самите вас, тоа ги оддава вашите фрустрации или вашето спокојство и рамнотежа, и тоа е дел од вашиот печат. Како пример, никогаш немојте да ја исклучувате пеглата по завршената работа со безмилосно, отсечно тргање на гајтанот од штекерот. Исклучувањето направете го внимателно, со двете раце, при што со едната го придржувате штекерот, а со другата внимателно го исклучувате (тргате) утикачот од шетекот. Таков треба да биде односот кон нашите најверни технички помагала и придружници. И секогаш кога имате работа со техниката, имајте ја предвид вистината дека и железото има душа. Железото ќе ви биде благодарно, а вие, сигурен сум дека ќе се чувствувате радосно, спокојно и исполнето. Зарем тоа не е долг и кон нашите заеднички предци – тие што оставиле дел од својата душа во техничките производи!

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11-12/2014. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.