Емитер 10/2014.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
Некој на времето да ми тврдеше дека падот на Берлинскиот ѕид ќе има толкаво влијание врз фалсификувањето на електронските компоненти, немаше воопшто да му верувам. Но гледано од денешна перспектива, директен генератор на овој опасен проблем, кој тешко ја обременува електронската индустрија, е токму падот на овој легендарен ѕид во 1989 година. Навистина, проблемот со фалсификувањето електронски компоненти директно се поврзува со падот на комунизмот и “народните демократии” во Источна Европа, а е последица од “распродажбата” на севкупната електронска индустрија во бившите Советски Сојуз, Источна Германија и во Чехословачка како и во Бугарија, Романија и во Полска.
Во тој период (1990 – 1997) за неверојатно мали износи се распродаваа цели постројки за производство сосе потребната технологија, па дури и сосе потребниот стручен кадар ако треба! Сепак, “врвниот” кадар во оваа област неповратно заврши во САД и во Западна Европа. Но, стотици тони електронски компоненти останаа во овие земји и беа третирани како безвреден отпад и се продаваа како такви. Најголема полза од тоа извлекоа фалсификаторите од тие земји, како и нивните колеги од Турција и Србија, кои бргу дојдоа до “брилијантната” идеја да ги бришат оригиналните и за западниот свет непознати ознаки, за на нивно место едноставно да ги отпечатат западните. Од технички аспект, немаше никаков проблем бидејќи фалсификуваните компоненти беа еквиваленти од Источниот блок наменети за воени потреби, односно компоненти изработени по најстроги можни критериуми за квалитет. Така што, речиси и да немаше поплаки од корисниците! Но, резервите бргу се исцрпуваа, та производство на електронски компоненти за војска во распаѓање нема баш некоја економска логика. Фалсификаторите, од своја страна, несакајќи да напуштат ваков “вносен бизнис”, фалсификуваа и воведуваа на пазарот компоненти со сè понизок квалитет. Од друга страна, добар дел од технологијата и опремата за производство на овие електронски компоненти заврши како “старо железо”, претежно откупено од турски претприемачи, и овој процес завршува во 1996-1997. Сепак, човековиот фактор е најбитен во електрониката, а тој, како што реков, веќе си најде работа во сончевата Калифорнија, во Австрија или во Германија, каде што се формираат мноштво мали фирми што работат како “fabless” фирми, односно фирми коишто само дизајнираат на електронски компоненти и ги даваат на други да ги произведуваат (fabless = без фабрика). Па, неспособни да започнат какво било содржајно производство со оваа застарена технологија, многу турски претприемачи наоѓаат “спас” во продавањето на оваа технологија и опрема на штотуку проширената специјална економска зона со повластена состојба во Шенжен (Н. Р. Кина) непосредно по враќањето на Хонг-Конг на Н. Р. Кина (1997). На тој начин, фалсификаторите добиваат повторна шанса со отворање производни капацитети коишто ќе ги користат старите, добри “советски рецепти” за призводство на електронски компоненти со “воен” предзнак. Но, технологијата за производство на електронски компоненти многу брзо застарува, па со такви средства за производство, придружено со слаб стручен кадар, возможно е да се добијат само производи со инфериорен квалитет! Уште повеќе, подведени од “рецептите” за брза заработка, овие новопечени производители честопати забораваат на една многу битна алка во производниот процес: проверката на квалитетот. Денес, фалсификувањето на електронски компоненти претставува добро утврдена индустрија со приходи од неколку десетици милијарди долари годишно. Мошне силна и корумпирана структура, со корени во многу угледни институции низ целиот свет. Денес, фалсификувани компоненти можеме да најдеме во НАСА и на сателитите, во армијата на САД и во најновото вооружување. Едноставно, тоа е мафијата на 21-от век со која веќе никој не може да се справи!
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 10/2014. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.