Рубрика: Емитер ви најавува
High-End предзасилувач со ECC83
Автори: Емилијан Иљоски, Славко Стојковски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 3/2011.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Во последно време присутен е еден негативен тренд во аудиотехниката: на сè што е врзано со електронски ламби му се припишуваат "волшебни" својства и истите априори се категоризираат како High-End односно како "езотерични". Оваа подредување оди до таа мерка што се деградираат самите поими High-End односно езотерика. Во овој мал серијал, кој ќе започне од априлското издание на Емитер, ќе се обидам да го промовирам вистинското значење на овие два збора преку конкретна реализација и презентација на проект за самоградба на High-End предзасилувач со ECC83.

Како што поимот "haute couture" воспоставува високи стандарди во облекувањето, често со своите "езотерични" креации; така и изразот "High End” го прави во полето на техниката. Еден “High End” електронски уред, покрај тоа што треба да користи врвни решенија во полето на електрониката и да е составен од електронски компоненти од највисока класа, тој треба да задоволи и врвни естетски критериуми.
И веднаш тука да застанам, бидејќи треба горенаведената дефиницијата да ја споредам со она што најчесто се прави, не само кај нас, туку тоа е присутно и во повеќето реализации презентирани на интернет кои се декларираат како “High End”. Многу вообичаено е да се примени некое сосема стереотипно решение, да се применат компоненти со низок квалитет и да се реализира некоја катастрофално лоша (и неефикасна) механичка конструкција која, згора на сè, е толку естетски грда што ја криеме таму некаде, длабоко во плакарот.
Голем број решенија со ламби кои се декларираат како “High End” во основа користат еден неисправен концепт - концептот на користење јака повратната врска. Токму затоа нашиот проект се базира на многуте класични решенија кои го користеа колку што е можно повеќе засилувањето на самите ламби, а повратните врски беа присутни само таму каде навистина беа неопходни. Овој проект би требало да им се допадне и на најрадикалните следбеници на “High-End” аудио уреди бидејќи претставува симбиоза на класични и проверени решенија кои даваат јасно изразен “лампашки звук“ и нови концепти кои само придонесуваат да дојде до израз квалитетот на базичното решение. Прикажаниот предзасилувач има 2 ламби, 3 влеза и регулација на јачината со преклопник - атенуатор. И секако топлиот звук на старите лампаши.
Но, како што кажав, за еден High End уред не е доволно да работи беспрекорно, туку тој треба навистина да се одликува со иновативен дух во областа на естетскиот дизајн. Нашата изведба можете да ја видите на приложените фотографии, но би ве замолил да размислете за сопствено естетско обликување додека го чекате новиот број на Емитер каде ќе ги откриеме сите конструкциски детали.

Технички карактеристики:

Фреквентен опсег: 20 Hz – 100 KHz (± 3 dB); 32 Hz – 20 KHz (± 1 dB).
Изобличување: Втор хармоник: 0,8%, Трет хармоник: 0,15%, Четврт хармоник: 0,03% (влез CD, 0dBu на излез)
Однос сигнал / шум: >81 dB(A)
Преслушување на канали: 78 dB на 1 kHz; 63 dB на 10 kHz

 

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 3/2011. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.