Рубрика: Аудио и видеотехника
Бас-рефлекс звучни кутии (1)
Автор: Владимир Филевски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 1/1998.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Бас-рефлекс звучници B&W Matrix 805

Многу љубители на Hi-Fi техниката имаат голема желба да научат сами да проектираат бас-рефлекс звучни кутии. Ќе им ја исполниме таа желба - во овој серијал ќе биде даден краток теоретски осврт за бас-рефлекс звучните кутии, а потоа и потребните формули и табели за нивна пресметка. Сето ова ќе биде зачинето со повеќе практични примери и совети, како и со посочување и употреба на соодветен софтвер за оваа намена.

ЈУБИЛЕЈ

Пред точно две години, во Декември 1995, на овие страници (ЕМИТЕР 5/95) го имав тоа задоволство да ви го презентирам текстот “Компресиони звучни кутии”. Во тој текст, за прв пат на овие простори, беше објаснета постапката за проектирање и конструкција на компресионите звучни кутии. Во следните броеви на редовните читатели им откривав мали, но тешко достапни тајни од областа на аудио и Hi-Fi техниката, а особено од областа на звучниците. Дури и во лежерната рубрика “Hi-Fi информации” повремено објаснував и анализирав некои детали кои не беа дадени во изворните информации од странските списанија. Исто така, проектите за звучници беа добра прилика читателите да стекнат многу нови сознанија.

Благопријатните плодови на овие текстови се многукратно поголемите знаења на читателите за аудио и Hi-Fi техниката, во однос на “знаењата” на самопрогласените “стручњаци” и останати “дечки кои се разбираат од техника”. За дилетантите кои изработуваат и (скапо) продаваат катастрофално лоши звучници и да не правиме муабет.

Организирањето на слепите слушни тестови на Hi-Fi уреди (ЕМИТЕР 5/97, 6/97, 7-8/97 и 10/97) беше еден храбар чекор на научниот метод во неприкосновените подрачја на владеење на маглата, митовите, woodoo и црната магија, суеверието, незнаењето и религијата наречена “познавање” на Hi-Fi техниката. Повеќето љубители на Hi-Fi техниката имаат потполно погрешна претстава за тоа како произведителите ги проектираат своите Hi-Fi уреди. Спротивно на раширениот мит, вистината е дека тоа го прават електро инженери или луѓе со огромни познавања од таа област, кои цврсто се држат до науката (и љубовта кон музиката и добриот звук) и кои се трудат да ги прошират хоризонтите на научното спознание. Неоспорен е фактот дека буквално ама баш секој пронајдок и напредок во аудио и Hi-Fi техниката е дело на вакви луѓе, а не на продавачите на магла и црна магија.

Се надевам дека мојот скромен придонес во популаризацијата на науката, применета во аудио техниката, ќе вроди со резултати на овие простори.

 

ВАШИТЕ ПЕТ МИНУТИ

Многу љубители на Hi-Fi техниката имаат голема желба да научат сами да проектираат бас-рефлекс звучни кутии. Ќе им ја исполнам таа желба, иако бас-рефлекс звучните кутии даваат малку полош звук во однос на компресионите звучни кутии. Произведителите на звучници ги форсираат бас-рефлекс кутиите, бидејќи тие овозможуваат малку пониска долна гранична фреквенција во однос на компресионите, при ист волумен и иста ефикасност.


АФК на бас-рефлекс звучна кутија во споредба со компресиона

Проектирањето на бас-рефлекс кутии е сложен и неизвесен процес, особено во аматерски услови. Компресионите кутии се многу едноставни за проектирање и изработка, а евентуалните (т.е. неизбежните) грешки лесно ќе бидат проголтани од добрите својства инхерентни на овие кутии. За да се направат добри бас-рефлекс кутии потребни се: големи знаења, многу работа, добра мерна опрема, многу среќа и добар слух. Да не ви кажувам што е сè потребно за многу добри бас-рефлекс кутии. ... А постојат и одлични бас-рефлекс кутии...


Бас-рефлекс звучни кутии од самоградба

За да проектираат нов звучник, познатите компании за звучници ангажираат цел тим на стручњаци, кои во еден макотрпен и долготраен процес вршат компјутерски симулации, прават прототипови на звучниците, мерат со врвна компјутеризирана опрема, вршат корекции, повторно прават прототипови, па вршат слушни тестови... а потоа сè одново. И така една година... најмалку. Не дека ве плашам, ама оваа област навистина е многу проблематична и сложена. Но кога веќе инсистирате, нема проблем. Само да не кажете после дека не сум ве предупредил.

Во овој серијал ќе биде даден краток теоретски осврт за бас-рефлекс звучните кутии, а потоа и потребните формули и табели за нивна пресметка. Сето ова ќе биде зачинето со повеќе практични примери и совети, како и со посочување и употреба на соодветен софтвер за оваа намена. 

Бас-рефлекс звучници B&W Matrix 805

Бас-рефлекс звучници B&W Matrix 805

Скица на бас-рефлекс кутија

Скица на бас-рефлекс кутија

АФК на бас-рефлекс кутија во споредба со компресиона кутија

АФК на бас-рефлекс кутија во споредба со компресиона кутија

Бас-рефлекс звучни кутии од самоградба

Бас-рефлекс звучни кутии од самоградба

Бас-рефлекс звучници B&W Matrix 805

Бас-рефлекс звучници B&W Matrix 805

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 1/1998. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.