Емитер 11/1998.
Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.
За рубриката "Писма" и начинот на работа на Редакцијата сме пишувале во повеќе наврати, а најважните принципи за таа рубрика ги објавуваме во секој број, обично на стр. 4. Сепак, со оглед на тоа што многу често добиваме писма во кои читателите бараат некоја шема или помош во решавањето на некој проблем од електрониката, ќе морам уште еднаш да нагласам дека не сме во можност да одговориме на секое писмо туку само на некои од оние кои се во врска со некој напис објавен во списанието или се во врска со неговата концепција. Оние писма за кои сметаме дека се од интерес за поголем број читатели ги објавуваме во рубриката "Писма", се разбира со наш одговор, а на дел од другите писма одговараме лично на домашна адреса. Во принцип не одговараме на писма во кои се бара решавање на некои лични проблеми и желби од областа на електрониката, а кои не се во директна врска со некој напис објавен во списанието. Има две главни причини зошто вака работиме:
Првата причина е што желбите на читателите можат да бидат многу различни почнувајќи од некаква едноставна зујалка, па сè до засилувач од 1000W или микропроцесорски контролиран процес. Решавањето на секој поединечен проблем бара многу време, па дури и да станува збор само за прелистување на обемната стручна литература што ја поседуваме во потрага по бараната шема. Во повеќето случаи, заради специфичните барања, прелистувањето не е доволно па ќе треба да се креира ново решение а тоа бара уште повеќе време. Втората причина е самата организација на работата во ЕМИТЕР. Имено во ЕМИТЕР никој не е вработен, вклучувајќи ме и мене, едноставно затоа што за тоа нема доволно приходи. Сите што се вклучени во подготовката на списанието се хонорарни соработници. Тоа значи дека имаат и други (важни) обврски во животот (работа, студирање, фамилија...), а соработката со ЕМИТЕР ја прават во своето слободно време, се разбира за одреден хонорар. Тој хонорар во никој случај не е (и не може да биде - барем не за сега) толку висок за да можам да барам од нив и дополнителни ангажирања како што е барање на шеми или нивно проектирање по барања на читателите. Впрочем ангажманот околу издавањето на списанието (изработката и тестирањето на проектите, подготовката на написите, нивната компјутерска обработка, неопходните проверки и корекции, водењето на целата администрација и организација на работата) е толку голем што што ја доведува во прашање и оправданоста за негово постоење, особено кога ќе се земе во предвид и скромниот профит. Се надевам дека сега ќе имате повеќе разбирање зошто ЕМИТЕР не може да решава поединечни желби од електрониката особено не надвор од неговите страници. Впрочем таква обврска не превземаат ниту светски познатите списанија за електроника иако имаат по 10 - 20 вработени луѓе плус уште најмалку двојно повеќе хонорарци. Сепак ова не треба да се сфати дека не нè интересираат желбите на читателите, туку само дека не можеме за кратко време и поединечно да одговориме на сите желби. Желбите на читателите биле и понатаму ќе бидат наш водич во изборот на содржините за списанието што до сега повеќе пати сме го кажале и докажале. Токму во таа насока пред дваесетина дена одржавме состанок на Редакцијата и постојаните соработници на кој ги анализиравме резултатите од анкетата и желбите на читателите. Од сето тоа произлезе план и договор за подготовка на одредени написи и проекти. Затоа во оваа прилика можам да ве известам за дел од она што можете да го очекувате во следните броеви: проекти за токи-воки, метал детектор, UHF модулатор (ТВ предавателче), дигитален ревербератор, ФМ предавател со поголема моќност, стерео кодер, засилувач со електронски лампи, еквилајзер, мерач на индуктивност, мерач на капацитивност, сирена, брзиномер за велосипед, адаптер за џојстик, прецизен фреквенцметар, едноставен фреквенцметар, деминерализатор на вода, читач и програматор на чип картички, AC миливолтметар, воблер функциски генератор, како и серии написи за PIC контролерите и за електронските лампи. По оваа најава верувам дека повеќето од вас, драги читатели, со нетрпение ги очекуваат следните броеви. Бидете и понатаму со нас и ние ќе бидеме со вас. Главен уредник Слободан Таневски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 11/1998. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.