Пет случаи на морбили во Македонија. Засега, толку.
На прв поглед, бројката изгледа мала. Се чини како изолиран инцидент, далеку од аларм за паника. Особено во време кога јавноста е навикната на многу поголеми бројки, на секојдневни здравствени предупредувања и на вести што брзо се потиснуваат една со друга.
Но, во епидемиологијата, значењето на една бројка не се определува само според нејзината големина. Понекогаш, многу поважно е што таа ни кажува за состојбата во популацијата.
А петте случаи на морбили ни кажуваат нешто што одамна требаше сериозно да нè загрижи.
Кога вирусот наидува на подготвен терен
Морбилите се меѓу најзаразните инфекции на планетава. Во целосно осетлива популација, едно заболено лице може да зарази во просек 12 до 18 други лица. За да не дојде до ширење на вирусот потребен е многу висок степен на колективна заштита, што подразбира вакцинален опфат од најмалку 95 проценти, со две дози и рамномерна распределба на тој опфат меѓу населението.
А каде сме ние?
Според годишниот извештај на Институтот за јавно здравје, опфатот со првата доза од МРП-вакцината во 2025 година изнесувал само 62,7 проценти. Една година претходно бил 72,7 проценти, а во 2023 година – 73,4 проценти.
Значи, за само две години, веќе недоволниот опфат се намалил уште повеќе – преку десет процентни поени!
Опфатот со втората доза во 2025 година бил повисок – 84,7 проценти – и покажува подобрување во однос на претходната година. Тоа охрабрува, но не го менува основниот проблем: голем број деца не ја добиваат првата доза навреме!
Овие проценти се однесуваат на различни целни групи и сами по себе не го покажуваат точниот удел на осетливи лица во целата популација. Сепак, нивното епидемиолошко значење е јасно и недвосмислено.
Со секоја нова генерација во која остануваат невакцинирани деца, се зголемува бројот на лица што вирусот може да ги зарази. Година по година, тие создаваат сè поголем резервоар на осетливост!
И вирусот не мора „самиот“ да си создаде услови за епидемија. Доволно е да наиде на условите што ние сме дозволиле да се создадат.

Како ја изгубивме довербата?
Постои еден парадокс што одамна оди рака под рака со вакцинацијата.
Вакцините се жртви на сопствениот успех!
Генерации родители пораснале без непосредно искуство со морбили, дифтерија, полиомиелитис и други инфекции што некогаш одзеле многу детски животи или оставале трајни последици. Болестите станале ретки, а со нив постепено исчезнало и сеќавањето на опасноста што ја носеле со себе. И така, постепено, стравот од болеста сѐ повеќе се заменуваше со страв од вакцината!
Социјалните мрежи дополнително ја катализираа оваа појава. Неточните информации (засилени со алгоритмите на социјалните мрежи), личните сведоштва претставени како научни докази и одамна побиените тврдења за поврзаност меѓу МРП-вакцината и аутизмот неумоливо продолжуваат да влијаат врз одлуките на дел од родителите.
Особено загрижувачки момент е кога неодржливите тврдења добиваат привид на медицинска легитимност. Советот вакцинацијата да се одложи додека детето не прозбори, на пример, нема научна основа. Говорниот развој сам по себе не е критериум за одложување на МРП-вакцинацијата. А кога ваков опасен мит доаѓа спакуван како совет од здравствен работник, неговата разорна моќ е поголема од десетици објави на социјалните мрежи. Тоа директно го урива авторитетот на институциите.
Сепак, би било погрешно нискиот опфат да го објаснуваме исклучиво со дезинформациите и недовербата.
Не секое невакцинирано дете има родители што ја одбиваат вакцинацијата. Некои деца ја пропуштаат поради одложување, недоволно информирање, организациски пречки, пропуштени термини или недоволно активно следење од здравствените служби.
Различните причини си бараат различни решенија. На родителот што се плаши од вакцинацијата потребен му е доверлив разговор. На родителот што пропуштил термин потребно му е навремено потсетување. На семејството што има тежок пристап до здравствена услуга потребен му е систем што ќе му ја направи достапна.
Е, баш тука започнува одговорноста на здравствениот систем.
Од предупредување до одговор: што ни покажуваат последните две години?
Во Македонија има законска рамка за задолжителна имунизација (Закон за заштита на населението од заразни болести), годишни програми, календар за вакцинација, стручни институции и Национална комисија за имунизација. Секој од овие механизми има свое место и своја улога. Но, какво е нивното заедничко функционирање во последните две години?
Уште во 2024 година, кога опфатот со првата доза МРП изнесувал само 72,7 проценти, веќе постоеле доволно јасни епидемиолошки показатели дека се создаваат услови за повторно ширење на морбилите. Не бил тоа ризик што требало допрва да се открие. Тој бил сосема видлив во податоците.
Во пролетта 2025 година била спроведена организирана теренска кампања за имунизација. Здравствените тимови посетиле 3394 домаќинства во 174 села, 15 градови и 19 општини, разговарале со родителите и работеле на надоместување на пропуштените вакцини.
Тоа е конкретна институционална активност и заслужува признание.
Во меѓувреме, се работело и на зајакнување на стратешката и организациската рамка. Во годишниот извештај на Обединетите нации за 2025 година, читаме дека била изработена Национална стратегија за имунизација 2026–2030, биле ажурирани плановите за подготвеност за полиомиелитис и елиминација на морбили и рубеола, а биле изработени и нов правилник за имунизација и 17 стандардни оперативни процедури.
Тоа се важни чекори. Арно ама, изработката на документите е само една фаза од еден поширок процес. Нивното вистинско значење може да се процени само ако се знае дали се формално усвоени, како се спроведуваат, со какви ресурси и според кои показатели се оценуваат резултатите од нивното спроведување.
А резултатот на крајот од 2025 година бил загрижувачки: националниот опфат со првата доза МРП паднал на 62,7 проценти!
За волја на вистината, овој податок не докажува дека теренската кампања била неуспешна. Можно е таа да постигнала значајни резултати во подрачјата каде што била спроведена. Меѓутоа, за таква проценка потребни се податоци за бројот на дополнително вакцинирани деца и за промените во опфатот на локално ниво.
Но, вкупниот национален резултат недвосмислено покажува дека преземените активности, заедно со редовното функционирање на системот, очигледно не биле доволни да го запрат негативниот тренд.
Во октомври 2026 година, Институтот за јавно здравје повторно упати апел за проверка на вакциналниот статус и надоместување на пропуштените дози. Со појавата на новите случаи – засега пет, здравствените власти започнаа епидемиолошки истражувања и следење на контактите, а здравствените установи добија протоколи за рано препознавање и изолација на сомнителните случаи. Беа доставени и насоки до училиштата и градинките, како и барања за проверка на вакциналниот статус на здравствените работници.
Овие мерки дефинитивно се неопходни за ограничување на непосредниот ризик. Но, нивните резултати допрва треба да се оценуваат.
И тука не може да не се постават следниве прашања:
• Како институциите го оцениле претходниот пад на вакциналниот опфат?
• Дали биле анализирани причините?
• Дали биле предложени и спроведени дополнителни мерки?
• Дали постои јавно достапна проценка на ефективноста на преземените интервенции?
Овие прашања немаат намера да покажат со прст кон една институција или едно стручно тело. Тие се однесуваат на целиот синџир на јавно-здравствено дејствување – од собирањето и анализата на податоците, преку стручните препораки и управувачките одлуки, до нивната реализација на терен и оценувањето на постигнатите резултати.
Токму во тој контекст посебно значење добива новата Национална стратегија за имунизација 2026–2030.
Нејзината изработка е значаен исчекор. Сега е многу важно јавноста да биде запознаена со нејзиниот формален статус, содржината на акцискиот план, носителите на активностите, обезбедените средства и начинот на кој ќе се следи спроведувањето. Зашто, за враќање на довербата и одржливо зголемување на вакциналниот опфат потребна е долгорочна политика со конкретни цели, одговорности, ресурси и мерливи показатели.
Таа политика мора да се темели врз вистинските причини за невакцинирањето. Навремено мора да се идентификуваат децата што ги пропуштиле вакцините, да се воспостави активно повикување, потсетување, да се обезбеди лесно достапна вакцинација и континуирано да се комуницира со родителите.
Особено внимание треба да се обрне на подрачјата со најнизок опфат. Националниот просек не е реален показател на состојбите на терен. Просекот ги прикрива локалните разлики. А вирусот се шири меѓу луѓе што имаат контакти едни со други, не меѓу статистички просеци.
Од клучна важност е и постојаната стручна едукација на здравствените работници, со јасни и усогласени препораки за вистинските контраиндикации и оправданите одложувања на вакцинацијата!
И, конечно, потребен е систем што ќе умее да учи од сопствените резултати. Да извлекува поуки. Ако одредена интервенција не дала ефект, таа треба да се преиспита. Ако некаде опфатот расте, треба да се разбере зошто и успешното искуство да се примени и на други места.
Тоа е суштината на јавното здравство: континуирано следење, дејствување, оценување и приспособување.
Пет случаи се предупредување. Ќе го разбереме ли?
Во моментот, здравствените власти преземаат мерки за епидемиолошко истражување, следење на контактите и спречување на понатамошно ширење на морбилите. Тоа е неопходен одговор на непосредната опасност.
Но, вистинската проверка на системот претставуваше неговата способност благовремено да реагира на податоците што покажуваа опасно намалување на вакциналниот опфат.
Не можеме секогаш да спречиме внесување на вирус во земјата. Можеме, меѓутоа, да изградиме такво ниво на заштита што ќе оневозможи неговото внесување лесно да прерасне во епидемија.
Токму затоа, петте случаи треба да бидат повод за темелна проценка на функционирањето на целиот систем за имунизација. Не само повод за уште еден апел до родителите.
На родителите им должиме точни информации, доверливи здравствени работници и достапна вакцинација. На здравствените работници им должиме јасни стручни насоки и организациска поддршка. А од институциите имаме право да очекуваме континуитет, координација и отчетност за постигнатите резултати.
Зашто, кога една епидемија е предвидлива, прашањето за одговорноста никогаш не започнува со првиот дијагностициран пациент. Тоа прашање започнува многу порано – со првите предупредувања што системот не успеал да ги преточи во доволно ефикасна превенција.
Д-р Драган Даниловски, професор по епидемиологија и биостатистика