Рубрика: Информатика
Дата центарот во Крагујевец подготвува простор за нов суперкомпјутер
Автор: Ива Манова
Објавено на 06.11.2026 - 16:15

Во српскиот државен дата центар во Крагујевец веќе работат два суперкомпјутера, чијшто капацитет се користи за развој на вештачка интелигенција, научни истражувања и технолошки иновации. До крајот на годината од Франција треба да пристигне и трет, значително посилен суперкомпјутер. За негово сместување веќе се подготвува посебен простор со современи системи за водено ладење.

Капацитетите на двата суперкомпјутера од Крагуевац веќе бесплатно ги користат српските научници, универзитети и технолошки компании. За многумина од нив, тие се можност да развиваат технолошки решенија без вложување во скапа опрема.

„Се користи за различни AI модели, машинско учење, кибер безбедност, но и во здравството и биоинженерингот. Ќе спомнам два интересни проекта. Првиот, каде што ја користиме вештачката интелигенција во е-агрикултурата. Ја користиме за обработка на големи количини податоци и документација. Вториот е ВИ мамографија каде вештачката интелигенција ја користиме за обработка на голем број мамографски снимки кои им помагаат на радиолозите да направат селекција и да откријат промени во најрана фаза“, вели Бобан Михаиловиќ од српската Канцеларија за информациски технологии и електронска управа.

Првиот суперкомпјутер во Крагуевац, со 32 графички процесори, имаше моќ од пет петафлопси, односно можност за пет билиони милијарди пресметки во секунда.

Еден од конкретните проекти за којшто ќе се употребува новиот суперкомпјутер е развој на национален јазичен модел, за што соседна Србија има осигурано соработка со француската компанија Mistral AI. Со ова се цели кон тоа вештачката интелигенција подобро да го разбира српскиот јазик, кирилицата, како и локалната стручна терминологија од областа на правото, медицината и образованието.

Во свет каде силата на една држава сè повеќе се заснова на технолошката надмоќ, суперкомпјутерите и дата центрите стануваат важен дел од стратешката инфраструктура.

Клучни зборови: