Рубрика: Аеронаутика
100 години од првите падобрански скокови во Скопје
Автор: Ѓорги Чачкиров
Објавено на 05.11.2026 - 17:45

Фотографија на падобрански скок објавена во весникот Илустровани лист во 1926 година

Годинава се навршија 100 години од првите падобрански скокови на македонскиот простор, поточно во Скопје. Скоковите биле изведени на некогашниот, а денес подзаборавен аеродром во месноста Зајчев Рид крај Скопје. Биле изведени вкупно четири скокови од различни авиони, а двајца од тие смели падобранци биле од Скопје – Александар Трајковиќ и Константин Арсиќ. За жал, овој настан влезе во сферата на заборавената историја бидејќи никој, ниту еден од нашите медиуми или институции не го одбележа овој значаен историски настан. За оваа заборавена историја раскажува Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство


Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство

Веродостојноста на настанот ја потврдив во годините на мојот ангажман на полето на сериозни и долгогодишни истражувања. Така, после повеќе од 90 години, пронајдов и соодветни документи за Александар, но не и за Константин. Претпоставката е дека на Константин ова му било единствено учество во авијацијата. За овој настан и сегментираниот авијациски историски развој на овој простор целосно, со сите документи и откриени фотографии, го објавив во книгата „Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ“. Во контекст на скоковите, значајно е да се спомене дека овие скокови биле меѓу првите дваесеттина скокови направени на просторот на тогашната држава Кралство на СХС. Поголемиот дел од овие падобрански скокови биле изведени промотивно, воглавно од пробни падобранци на светски фабрики коишто започнале производство на падобрани, во насока на реклама!

Поконкретно, Александар Трајковиќ, како младинец во одот кон сопственото осамостојување, од својата осумнаесет годишна возраст бил вработен како столарски работник – помошник во тогашната столарска работилница на извесен газда Милан Филиповиќ, во срезот Прешево.

Бидејќи ја сакал техниката и учењето, Александар не бил задоволен со ваквиот ангажман, па настојувал да се вработи на посоодветно работно место. Така, во текот на 1924 година, по објавен конкурс, а врз основа на своите знаења и квалификации се вработил како цивилно лице во тогашната Кралска војска. Бил распореден на „службување“ во Куманово, а подоцна добил преместување во Скопје, каде што го поминал целиот свој професионален ангажман. За таквото вработување тој, најнапред  добил  службена „објава“ со ограничено времетраење. Таквите лица тогаш биле именувани како вработени „дневничари“ (на дневница), за подоцна да преминат и во постојана воена служба, каква што добил и Александар.


Фотографија на падобрански скок објавена во весникот Илустровани лист во 1926 година

На почетокот бил распореден како помошен персонал во пешадиските единици, а подоцна бил префрлен во авијацијата којашто во тој период не била издвоена како воено воздухопловство на кралската војска. Со неговото преквалификување тој добил и чин резервен поднаредник со постојан работен однос во Кралската војска, во авијациската техничка служба на аеродромот во Скопје.

Осврнувајќи се на неговиот воздухопловен историски белег, тој на 22 годишна возраст го извел својот прв падобрански скок, којшто подоцна е влезен во историските падобрански анали на тогашната држава, а особено во македонската воздухопловна историја. За овој падобрански скок, често зборуваше и неговиот син, Владимир Трајковиќ, подоцнежен падобранец и пилот, но никогаш не извади некои веродостојни документи и фотографии.


Александар Трајковиќ

Инаку, Александар овој падобрански скок го направил како поднаредник на тогашната Кралска војска, на служба во овие македонски простори (тогашна Вардарска Бановина и сл.), на голем аеромитинг кој се одржал во Скопје на 3. октомври 1926 г. Веста, со голем пиетет,  била објавена на 4. 10. 1926 г., во весниците „Вардар“, весникот „Време“, „Илустровани Лист“ и други. Александар на овој аеромитинг скокнал четврти по ред, од височина од 2000 метри (а не како што е објавено во весникот „Време“, дека скокал од 1500 метри). Куриозитет е и тоа што петти по ред скокнал Скопјанецот Константин Арсиќ (подоцна Арсовски), цивил – граѓанин на Скопје. Тој, по сопствена желба, се пријавил и по куса подготовка скокнал од височина од 1200 метри. Претпоставка е дека тоа било единствено воздухопловно искуство на Константин.

Овој настан е од историски значај не само за Скопје, туку и пошироко, затоа што се работи за период кога падобраните сè уште биле во експериментална фаза, кога со нив најчесто биле фрлани вреќи со песок (заради испитувања) или биле користени за спасување на пилоти, при неисправност или оштетување на авионот. Токму заради тоа и присутните на аеромитингот овие скокови ги проследиле со неверување. Причина повеќе за таквото неверување била тоа што засилениот ветер ги однел падобранците подалеку од местото на случување и видното поле на публиката.

На истиот аеромитинг учествувале многубројни воени авиони, како и единствениот цивилен авион на Обласниот одбор на аероклубот на државата СХС во Скопје. Гледачите од Скопје и од многу македонски краишта за првпат виделе „лет на грб“ на еден авион, како и бришечки лет, лупинг и низа други акробации.

Од воените авиони, на овој аеромитинг биле прикажани авионите од типот „Бреге 14“ од Скопската воена ескадрила и авионите од типот „Среден Бранденбург“ од долетаната ескадрила од Нови Сад. Тие, во рамките на своите карактеристики и можности, на аеромитингот прикажале групни летови, гаѓање  балони во воздух, фрлање падобранци, фрлање школски неексплодирачки бомби на одредена цел, како и ракетирање кон целина земја.

Според пишувањето на тогашните весници, аеромитингот бил посебен настан на кој што присуствувала над десет илјадна публика, што за тоа време претставувала импозантна бројка. Тоа е период, според некои податоци, кога Скопје имало околу 80 000 жители.

Денес, кога падобранството достигна врвни дострели и повеќекратна употреба, се заборавија сите овие презентирани податоци и овој настан остана незабележан во македонската воздухопловна историја.

 

*За илустрација на овој текст се користени фотографии од архивата на Ѓорги Чачкиров

Клучни зборови:
Фотографија на падобрански скок објавена во весникот Илустровани лист во 1926 година

Фотографија на падобрански скок објавена во весникот Илустровани лист во 1926 година

Александар Трајковиќ

Александар Трајковиќ

Насловната страница од книгата 'Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ'

Насловната страница од книгата 'Сините хоризонти на таткото и синот Трајковиќ'

Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство

Ѓорги Чачкиров, поранешен пилот и хроничар на македонското воздухопловство