Рубрика: Аудио и видеотехника
34-то издание на ФАДФ Kамера 300
Автор: Перица Поповски
Објавено на 02.11.2026 - 21:45

Изминатиов викенд во Битола по 34 пат се одржа меѓународниот Фестивал на аматерски документарен филм Камера 300. Фестивалот продолжува да ја негува традицијата на филмско документирање настани од секојдневието по примерот на браќата Манаки. 

Викендов во Битола се одржа 34. Интернационален фестивал на аматерски (непрофесионален) документарен филм (ИФАДФ) Камера 300.

Пред присутните во име на организаторот поздравно обраќање имаше Стефан Хаџиантоновски, претседател на Кино-клубот „Студио Милтон Манаки“.

Тој потсети дека ова издание се совпаѓа со неколку значајни јубилеи поврзани со битолската кинематографска историја: 120 години од освојувањето на златниот медал за фотографија од страна на Милтон Манаки во Романија, кој му бил врачен лично од кралот, 80 години од формирањето на Народна техника во 1946 година, кога Манаки одржал предавање, како и 70 години од снимањето на првиот документарен филм во Битола, во 1956 година.

Хаџиантоновски информираше дека на конкурсот за испраќање на документарни филмови пристигнале 28 филма, од кои во конкуренција влегле 12. Овие филмови во двата фестивалски дена им беа прикажани на публиката во Малата сала.

Од името на покровителот на фестивалот, Општина Битола, на присутните им се обрати градоначалникот на Тони Коњановски. Говорејќи за значењето на ФАДФ, Коњановски ја истакна улогата на фестивалот во културниот живот на градот, но и во афирмацијата на документарниот филм како моќно средство за раскажување вистински човечки приказни.

“Уникатноста на овој фестивал е пренесувањето на големото платно на обичните приказни, реалните настани, погледот на секојдневието“, истакна градоначалникот.

Жиро комисијата во состав: Благојче Божиновски – претседател, м-р Гоце Господиновски, д-р Антон Антонов, Аликвиадис Восд и Димитар Спасевски донесе одлука најголемата награда на Фестивалот GRAN PRIX наградата „Плакета Милтон Манаки” за најдобар филм на фестивалот да му се додели на филмот „МОЈОТ СИН“ на авторот Маријан Стевановски од Македонија.

„Златната камера 300“ му беше доделена на Горјан Атанасов од Македонија за филмот „Современиот Манаки“, додека „Сребрената камера 300“ ја освои Валентин Иванов од Бугарија за филмот „Гагарин и Варна“. „Бронзената камера 300“ ѝ припадна на Надица Петковиќ од Македонија за филмот „Кумство, вера и духовна визија“.

Сребрениот медал на УНИКА им беше доделен на Никола Трајковски и Андреј Митревски од Македонија за филмот „Срце што пакува куфери“.

Плакетата на Општина Битола за најдобра камера ја доби Ајсу Салиевски од Македонија за филмот „Назад во времето“, а плакетата за режија „Драги Савевски“ им беше доделена на Апостол Фанев, Красимир Георгиев и Нико Мајеров од Бугарија за филмот „За верата“.

Признанието за монтажа му припадна на Иван Ваххи од Узбекистан за филмот „Шеховиот пат. На почетокот“, додека плакетата за идеја „Стево Сидовски – Сидо“ ја освои Џејмс Калмерс од Велика Британија за филмот „Како Битлси го добија името“. Плакетата за репортажа му беше доделена на Џим Кастриоти Реџепи од Македонија за филмот „Преспа“.

Жирито додели и специјални награди – плакети. Признанието на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО КОЛОРС) му припадна на Сергеј Шутју од Русија за филмот „Дилема на северот“, за трајни вредности. Специјални плакети добија и „Студио КЛИН“ при Професионалната гимназија по економија од Шумен, Бугарија, како и Евелина Швидченко од Молдавија за филмот „Кирнев од Тракија“.

За наградите одлучуваше стручно жири во состав: Благојче Божиновски, претседател, м-р Гоце Господиновски, д-р Антон Антонов, Аликвиадис Восд и Димитар Спасевски.

Клучни зборови: