Рубрика: Научна фантастика
Двајца великани на Ѕвездени патеки заминаа во непознатото
Објавено на 30.10.2026 - 17:15

Смртта на Волтер Кениг, а потоа и на Патрик Стјуарт, по само неколку дена, ја потресе големата семејна заедница на обожавателите на Ѕвездени патеки. Со нив заминуваат двајца актери кои оставија неизбришлива трага во една од највлијателните научнофантастични приказни во историјата на телевизијата.

„Времето е огнот во кој сите гориме“. Оваа мисла, изречена во филмот Ѕвездени патеки: Генерации (1994), како предупредување упатено до капетанот Жан-Лик Пикард, деновиве добива особено силна и тажна смисла. За само неколку дена, светот на Ѕвездени патеки загуби двајца свои препознатливи актери – Волтер Кениг и Патрик Стјуарт. Двајца различни уметници, две генерации и два лика што на свој начин ја обликуваа историјата на оваа култна научнофантастична франшиза.

Најпрво, во неделата, на 90-годишна возраст почина Волтер Кениг, актерот кој на милиони гледачи им остана познат како Павел Чехов, младиот руски офицер за навигација од оригиналната серија Ѕвездени патеки. Неколку дена подоцна, во четвртокот, на 86-годишна возраст почина и Патрик Стјуарт, актерот кој му даде живот на капетанот Жан-Лик Пикард во серијата Ѕвездени патеки: Следната генерација.

Кениг ја доби улогата на Чехов во втората сезона на оригиналната серија, во време кога Студената војна сè уште ја делеше планетата на два спротивставени блока. Изборот на руски лик во екипажот на Ентерпрајз не бил случаен. Креаторот на серијата Џин Роденбери сакал да прикаже иднина во која луѓето, без оглед на нивното потекло или разликите, ќе можат да соработуваат за заедничка цел. Така уште првиот екипаж на Ентерпрајз вбројуваше јапонски кормилар, црна жена како офицер за комуникации и жени на позиции со авторитет, нешто што за телевизијата во шеесеттите години било прилично смело.

Чехов, со својата младешка енергија и препознатлива фризура, брзо стана омилен лик. Но, Кениг не остана запаметен само по оваа улога. Беше и сценарист, режисер и педагог, а неговата долгогодишна поврзаност со Ѕвездени патеки го направи еден од најпрепознатливите членови на актерската екипа.

Со неговата смрт, од оригиналната телевизиска екипа од шеесеттите години остануваат живи само Вилијам Шетнер, кој го толкуваше капетанот Џејмс Т. Кирк, и Џорџ Такеи, познат како Хикару Сулу. Шетнер денес има 95, а Такеи 89 години. За многубројните обожаватели, оваа бројка има особена тежина: луѓето кои некогаш заедно управуваа со Ентерпрајз полека заминуваат од сцената на реалниот свет.

Веста за смртта на Кениг не стигна ниту да стивне кога пристигна уште една, за многумина уште потешка. Патрик Стјуарт, актерот кој на капетанот Жан-Лик Пикард му подари интелектуална длабочина, достоинство и препознатлива смиреност, почина на 86-годишна возраст. Според информациите објавени од неговото семејство, тој починал во својот дом во Лос Анџелес, по кратко боледување од Алцхајмерова болест и деменција со Левиеви телца.

Кога во 1987 година Стјуарт ја доби улогата на Пикард во Ѕвездени патеки: Следната генерација“, веќе имаше изградено сериозна театарска кариера, особено како актер во делата на Шекспир. На 47-годишна возраст, со својата препознатлива појава и длабок глас, тој стана лице на новата генерација истражувачи на вселената. Во текот на седумте сезони, Пикард се издвои како капетан кој повеќе се потпира на разумот, дипломатијата и моралните принципи отколку на силата. Неговите препознатливи команди „Engage!“ и „Make it so!“ станаа дел од популарната култура.

Стјуарт подоцна ја повтори улогата во четири играни филмови, а од 2020 до 2023 година повторно му се врати на ликот во серијата Ѕвездени патеки: Пикард. Неговиот актерски опус, секако, не завршува тука. За пошироката публика беше познат и како професорот Чарлс Ксавиер од филмската серија Икс-Мен, улога со која дополнително го зацврсти својот статус на актер кој знае да спои авторитет, ранливост и човечност.

Колку длабока трага оставил покажаа и реакциите на неговите колеги. Вилијам Шетнер се прости од него со зборовите дека Пикард ја претставувал најдобрата страна на човештвото, а Џорџ Такеи истакна дека Стјуарт инспирирал нови генерации да гледаат кон ѕвездите и да веруваат во посветла иднина за човештвото.

Можеби ова е и најголемото наследство на Ѕвездени патеки. Уште од првата епизода емитувана во 1966 година, серијата не беше само приказна за вселенски бродови, непознати цивилизации и далечни галаксии. Таа беше визија за иднина во која љубопитноста ја победува омразата, различностите се предност, а разумот и соработката се посилни од предрасудите. Нејзиното влијание одамна излезе од телевизиските екрани и навлезе длабоко во поп-културата и научната иконографија – од вселенскиот шатл Ентерпрајз, именуван по бродот од серијата, до идеите за комуникациски уреди што подоцна станаа дел од секојдневието.

Со заминувањето на Кениг и Стјуарт, уште две познати лица од овој измислен универзум преминаа во нашите спомени. Можеби најубавиот начин да се одбележи нивното дело е да се потсетиме на една мисла што постојано провејува низ Ѕвездени патеки: иднината сè уште не е напишана.

“Минатото е пишано, но нам ни останува да напишеме иднината. А ние располагаме со моќни алатки: отвореност, оптимизам и дух на љубопитност”, вели капетан Пикард во истоимената серија.
Ние велиме: Сѐ дури има луѓе кои веруваат во љубопитноста, храброста и човечноста, патувањето на Ентерпрајз нема да заврши.

Клучни зборови: