Рубрика: Медицина
Пробиотиците не делуваат еднакво кај сите
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 28.10.2026 - 15:15

Зошто пробиотиците кај некого помагаат, а кај друг имаат слаб ефект? Едно ново истражување предлага дека одговорот можеби се крие во постојната заедница од микроорганизми што секој од нас ја има во цревата, но и од моментот кога се започнува со третманот.

Илјадници милијарди бактерии живеат во нашите црева, каде што учествуваат во разградувањето на храната, создавањето корисни материи и одржувањето на цревната слузница. Но, оваа сложена микробна заедница не е иста кај сите луѓе. А токму тие разлики би можеле да објаснат зошто пробиотиците, иако се наменети да го поддржат здравјето на цревата, не им помагаат на сите подеднакво.

Истражувачи од Универзитетот во Берн и Универзитетската болница Инзелшпитал во Швајцарија покажаа дека ефикасноста на пробиотска мешавина зависи од составот и активноста на бактериите што веќе живеат во цревата. Резултатите, објавени во Cell Reports, засега се добиени кај глувци со експериментално предизвикано цревно воспаление, но отвораат можност за поперсонализиран пристап кон пробиотската терапија.

 

Не е важен само пробиотикот

Научниот тим, предводен од професорот Бахтијар Јилмаз, испитал мешавина од четири бактериски соеви кај глувци со различен почетен состав на цревната микробиота. Пробиотикот бил даван превентивно, пред појавата на воспалението, но и откако воспалителниот процес веќе започнал.

Резултатите покажале дека истата мешавина не делува еднакво кај сите животни. Кај глувците што добро реагирале на третманот, губењето на телесната тежина било помало, симптомите на болест биле послабо изразени, а оштетувањето на цревното ткиво било помало. Кај животните што не реагирале добро, заштитниот ефект бил значително послаб.

Особено интересен бил моментот на започнување на третманот. Најизразено подобрување било забележано кога пробиотикот бил даден пред развојот на воспалението. Кога терапијата започнувала дури откако воспалението веќе се појавило, ефектот бил послаб. Тој се намалувал и при повторени епизоди на воспаление, и покрај продолженото давање на пробиотикот.

„Ова укажува дека и почетната состојба на цревата и времето на започнување на пробиотскиот третман можат да бидат пресудни“, објаснува Гектуг Eзкурт, еден од првите автори на трудот.

 

Корисните бактерии зависат од својата средина

Разликите не се однесувале само на видовите и застапеноста на бактериите, туку и на нивната метаболичка активност – односно на материите што ги создаваат и на начините на кои функционираат во цревната средина.

Кај глувците што добро реагирале на пробиотикот, дел од метаболичките промени поврзани со воспалението се придвижиле кон состојба поблиска до здравата. Биле забележани и повисоки нивоа на бутират и пропионат, кратковерижни масни киселини што, меѓу другото, помагаат во одржувањето на цревната слузница.

Според Џјаки Ли, коавторка на трудот, резултатите укажуваат дека успешниот пробиотски третман ѝ помага на постојната микробна заедница да ги зачува своите функции и делумно да се опорави од воспалението.

Со дополнителни експерименти, истражувачите испитувале и дали пренесувањето на цревната микробиота од третирани глувци во животни одгледувани без микроорганизми може да придонесе за разликите во одговорот на третманот.

 

Чекор кон персонализирана терапија

Наодите се важен чекор кон подобро разбирање на индивидуалните реакции на пробиотиците, но не значат дека истата мешавина е докажано ефикасна кај луѓето со Кронова болест или улцерозен колитис. За тоа се потребни дополнителни истражувања и клинички испитувања.

Следната цел е да се утврди кои бактерии и метаболички функции се поврзани со успешниот одговор, како и дали цревната микробиота што не реагира на пробиотик може целно да се измени.

Како што истакнува Јилмаз, клучното прашање во иднина нема да биде само кој пробиотик се применува, туку и со каква цревна микробиота тој се среќава. Тоа би можело да помогне во развојот на терапии приспособени на индивидуалниот микробиом, наместо да се очекува ист препарат да делува подеднакво кај сите.

Клучни зборови: