Неодамна астрономите открија необичен диск од планетарни остатоци околу белото џуџе J1328−1450. Невообичаената двојна структура на дискот укажува дека некои планетарни тела можат го да преживеат бурниот крај на нивната матична ѕвезда.
Крајот на животот на една ѕвезда не мора да значи и крај за сите планети што кружеле околу неа. Новите набљудувања на астрономите откриваат необичен систем околу мртва ѕвезда, во кој остатоците од некогашните планетарни тела се распоредени во два одделни појаси. Откритието направено со помош на телескопот VLT на Европската јужна опсерваторија нуди редок поглед кон судбината на планетарните системи, а можеби и кон далечната иднина на нашиот Сончев Систем.
Во центарот на системот се наоѓа белото џуџе J1328−1450 – густото, жешко јадро што останува откако ѕвезда слична на Сонцето ќе го потроши своето нуклеарно гориво и ќе ги отфрли надворешните слоеви.

Уметнички приказ на диск од планетарни остатоци околу белото џуџе J1328−1450, мртвото јадро на ѕвезда слична на нашето Сонце. Слика: Fortuna and Gentile Fusillo
Два прстена и можни планетарни преживеани
Кога ѕвезди како нашето Сонце ќе навлезат во завршната фаза од својот живот, тие се шират во огромни црвени џинови. Во тој процес можат да ги проголтаат и уништат блиските планети. Други тела, сепак, може да преживеат, да бидат нарушени од гравитациските сили и да се распаднат, создавајќи диск од гас и планетарни остатоци околу преостанатото ѕвездено јадро.
Но, системот J1328−1450 се разликува од досега познатите слични случаи. Наместо еден диск, астрономите забележале два концентрични прстена од гасовити остатоци, разделени со јасна празнина. Нивната стабилна и сложена структура укажува дека нешто ги обликува и одржува на одделни орбити.
Според истражувачкиот тим, можно објаснување е присуството на две преживеани тела слични на планети. Внатрешното би можело да биде со големина на типичен астероид, со пречник од неколку километри, додека надворешното би можело да биде големо колку Плутон, па дури и Месечината. Нивната гравитација би можела да влијае врз распределбата на материјалот и да ги одржува двата прстена одделени.
Спектроскопските мерења со инструментот X-shooter на VLT откриле присуство на калциум, кислород, магнезиум и железо – елементи карактеристични за карпести планетарни материјали. Особено интересно е што двата прстена имаат различен хемиски состав: внатрешниот е богат со магнезиум, додека во надворешниот овој елемент е значително помалку застапен. Тоа укажува дека материјалот можеби потекнува од две тела со различен состав. Алтернативно, прстените би можеле да содржат материјал од различни делови на едно тело, како што се кората и јадрото на планета.
Резултатите се објавени во Nature Astronomy. Истражувачите нагласуваат дека ова е првиот познат пример на толку сложена структура со двоен диск од остатоци и можни две преживеани планетарни тела околу бело џуџе.
Далечен поглед кон судбината на Сонцето
Откритието има значење и за разбирањето на иднината на нашиот Сончев Систем. За милијарди години, Сонцето исто така ќе се прошири во црвен џин, ќе ги отфрли надворешните слоеви и на крајот ќе стане бело џуџе. Земјата може да биде уништена во таа еволуција, додека дел од другите тела би можеле да преживеат или да се распаднат и да создадат дискови од остатоци.
Системот J1328−1450 не претставува буквална слика за тоа што сигурно ќе се случи со нашиот Сончев Систем. Но тој покажува дека планетарните системи можат да остават зад себе многу посложени структури отколку што се претпоставувало. Понатамошните набљудувања би можеле да откријат како гравитацијата на преживеаните тела ги обликува овие прстени и колку планети можат да ја надживеат својата ѕвезда.

Уметнички приказ на диск од планетарни остатоци околу белото џуџе J1328−1450, мртвото јадро на ѕвезда слична на нашето Сонце. Слика: ESO/L. Calçada

Уметнички приказ на диск од планетарни остатоци околу белото џуџе J1328−1450, мртвото јадро на ѕвезда слична на нашето Сонце. Слика: Fortuna and Gentile Fusillo

Kако астрономите го детектираат присуството на гасовит диск околу една ѕвезда. Гасот емитува светлина само во многу одредени бои или бранови должини, што може да се набљудува со помош на спектрограф. Оваа карактеристична бранова должина ќе се помести кон посини или поцрвени бои, во зависност од тоа дали гасот се движи кон нас или се оддалечува од нас. Слика: ESO/L. Calçada