Германски научници развиваат биоматеријал што ги насочува клетките да создаваат ’рскавично ткиво. Целта е еден ден да се овозможи поефикасна поправка на оштетените зглобови.
Оштетената зглобна ’рскавица претставува еден од најголемите предизвици во ортопедијата. За разлика од многу други ткива, таа нема сопствено снабдување со крв, па нејзината способност за самостојно заздравување е ограничена. Повредите можат да предизвикаат долготрајна болка и ограничена подвижност, а напреднатото оштетување понекогаш завршува со потреба од замена на зглобот со вештачки имплант.
Но, дали е можно природното ткиво да се обнови со помош на специјално дизајниран гел?

Материјал што им го покажува патот на клетките
Во јули 2026 година, истражувачки тим поврзан со Институтот DWI – Leibniz во Ахен, Германија, објави нови резултати за таканаречениот систем Anisogel — материјал што комбинира микрогелови во поголема хидрогелна матрица. Истражувањето е објавено во Advanced Healthcare Materials
Идејата е да се создаде структура којашто нема само да ги поддржува клетките, туку и ќе ги насочува нивното движење и развој. Во материјалот се вградени издолжени микрогелови (elongated microgels), чие порамнување може да се контролира со магнетно поле. Околу нив се наоѓа хидрогелна матрица што обезбедува средина за растење на клетките.
Во лабораториските испитувања, одредена конфигурација на микрогеловите поттикнала изразување на гени поврзани со создавањето ’рскавица, вклучувајќи ги SOX9, ACAN и COL2A1. Истражувачите го испитале пристапот и во модел со глувци, како почетен чекор кон процена на неговиот потенцијал за создавање ткиво.
Иако резултатите покажуваат потенцијал за насочување на регенерацијата, тие сè уште не докажуваат дека материјалот може да обнови оштетена човечка ’рскавица во секојдневната клиничка практика. Патот што треба да се изоди до клинички испитувања а потоа и до готова терапија за пациенти е сè уште долг, додела пристигнувањето на целта неизвесно и далечно.
Од лабораторија до клинички испитувања
Развојот на ваквите материјали не започнува од нула. Во февруари 2026 година, истражувачи од Универзитетот Фридрих-Александар во Ерланген и Нирнберг објавија студија за хидрогел за инјектирање изработен од модифициран алгинат и желатин. Материјалот бил испитуван во однос на механичките својства, разградувањето и компатибилноста со клетките, вклучувајќи клетки што се користат во истражувањата на ’рскавицата. И овој пристап засега е во претклиничка фаза.

Шематски приказ на пристапот за вкрстено ин ситу поврзување кај инјектабилниот ADA-GEL Слика: Шебел, Артес, Лорке, Бокачини / American Chemical Society
Постои и клинички поиспитан пристап. Германската терапија NOVOCART Inject комбинира клетки од сопствената ’рскавица на пациентот со хидрогел. Во петгодишно следење на 100 пациенти со локализирани дефекти на ’рскавицата од коленото, 92,8 % го постигнале однапред дефинираниот праг на клинички значајно подобрување по пет години (првите резултати се објавени онлајн во април 2025 година, а во септемви 2026 трудот е објавен во стручното списание Cartilage). Сепак, и покрај одличните резултати, треба да се напомене дека испитувањето немало контролна група, додека терапијата вклучува имплантација на клетки а не едноставно вбризгување гел.
Уште од 2013 година во Европа се користи и ChondroFiller, материјал на база на колаген за одредени локализирани оштетувања на ’рскавицата. Тоа покажува дека примената на гелови во оваа област не е нова, но нивната ефикасност зависи од видот и степенот на оштетувањето.
Дали вештачките зглобови ќе станат минато?
Ова е сè уште тешко да се предвиди. Најновите истражувања покажуваат дека биоматеријалите можат да создадат средина што им помага на клетките да формираат ново ткиво. Следни чекори би биле барање на потврда за долгорочната безбедност, механичката издржливост и ефикасноста на оваа постапка кај луѓе.
Особено важно е да се разликува локализираниот дефект на ’рскавицата од напредната остеоартроза, при којашто се засегнати и други структури од зглобот. Затоа, на новите гелови засега треба да се гледа како на ветувачки алатки за регенеративната медицина, но не и како непосредна замена за вештачките зглобови.