Откако потрагата по остатоците на авионот на Ерхарт се разгоре последниве дваесетина години, имаше повеќе претпоставки и тврдења дека тој е пронајден (Види Дали остатоците од авион пронајдени во Пацификот припаѓаат на Амелија Ерхарт?). Последното тврдење што ги подгреа надежите дека конечно ќе биде разрешена една од најголемите мистерии во историјата на авијацијата дојде од млад ентузијаст кој забележал чудна форма на сателитските снимки од Apple Maps.
Приказната започна во 2020 година, кога истражувачот аматер Мајкл Ашмор на сателитските снимки достапни преку Apple Maps забележал необична форма во плитките води покрај атолот Никумароро, во островската држава Кирибати. Објектот, наречен „објект Тараја“, поради својата форма потсетувал на дел од авионско крило или труп, па се контемплирала можноста дека станува збор за остатоци од авионот на Ерхарт.
Никумароро и претходно привлекувал внимание поради теоријата дека славната пилотка и нејзиниот навигатор Фред Нунан можеби принудно слетале на островот и таму го дочекале својот крај.

Објектот виден на Епл Мапс. Најновата експедиција во јужниот дел на Пацификот заврши без сензационално откритие. Објектот што на сателитските снимки наликуваше на остатоци од исчезнатиот авион на Ерхарт, најверојатно е само куп големи дрвја исфрлени на брегот.
Ерхарт и Нунан исчезнале на 2 јули 1937 година, додека се обидувале да го завршат првиот лет околу светот по екваторската рута. Со авионот Локхид Електра 10-Е, Ерхарт требало да слета на островот Хауланд, каде што ги очекувало снабдување со гориво. Последните радио-пораки укажувале дека екипажот не успева да го пронајде островот и дека горивото е при крај. Потоа исчезнале без трага.
За да ја провери претпоставката, тим од 17 истражувачи, поддржан од Универзитетот Пердју и Археолошкиот институт за наследство, отпатувал до оддалечениот атол. Во истражувањето биле употребени магнетометар, за откривање метални предмети, и сонар за испитување на подводниот терен.
Резултатите, објавени на 19 октомври 2026 година, не донеле потврда дека таму се наоѓа исчезнатиот авион. Напротив, собраните докази укажале дека необичната форма најверојатно е составена од големи дрвја што биле наталожени покрај песочниот гребен. Дел од остатоците во меѓувреме биле однесени од водата, а површината што на снимките изгледала метално можеби се должела на природна карбонатна обвивка.

Истражувачите пронашле и други предмети, меѓу кои и челична цевка, кои допрва треба да бидат проучени. Но, клучниот доказ што би го поврзал местото со авионот на Ерхарт не бил пронајден.
Неуспехот на експедицијата не значи дека е дефинитивно отфрлена можноста Ерхарт и Нунан да стигнале до Никумароро. Застапниците на оваа теорија се повикуваат на други наоди од островот, меѓу кои остатоци од предмети од 1930-тите години, но досега ниту еден од нив не е недвосмислено поврзан со исчезнатиот авион.
Повеќето истражувачи сметаат дека авионот најверојатно паднал во океанот во близина на островот Хауланд. И претходните обиди за пронаоѓање на леталото завршиле без успех, вклучително и потрагата по друг објект што во 2024 година се покажал како природна карпеста формација.
Најновата експедиција уште еднаш потсетува дека сателитските снимки можат да откријат интересни траги, но не и автоматски да го потврдат нивното потекло. Додека не се пронајдат недвосмислени остатоци од „Електрата“, судбината на Амелија Ерхарт и Фред Нунан останува една од најголемите нерешени загатки на авијацијата.