Во Швајцарија, просторот меѓу железничките шини доби нова намена – производство на електрична енергија од сонцето. Експерименталната електрана на стартап-компанијата Sun-Ways, поставена на активна железничка линија, по првата година работа покажа дека соларните панели можат да произведуваат струја и покрај секојдневното минување на возовите.
Во април 2025 година, во близина на местото Бут во кантонот Нојшател, биле поставени 48 фотонапонски панели на делница долга околу 100 метри. Наместо на покриви или на земјиште покрај пругата, панелите се сместени меѓу шините, поточно прицврстени на праговите. Инсталацијата има вкупна номинална моќност од околу 18 киловати и е дизајнирана така што панелите можат брзо да се отстранат кога се потребни зафати за одржување на железничката инфраструктура.
Резултатите од првата година се охрабрувачки. Според извештајот на швајцарската алијанса GGBa (Greater Geneva Bern area), изминатата година преку панелите поминале повеќе од 11 000 возови, без пријавени проблеми со нивната стабилност и без нарушување на редовното одвивање на железничкиот сообраќај. До јуни 2026 година, електраната произвела повеќе од 16 000 киловат-часови електрична енергија – приближно колку што трошат три до четири просечни домаќинства во текот на една година. Во меѓувреме, системот бил исклучен околу еден месец поради снег и технички работи.

Фото: Sun-Ways
Еден од најважните предизвици е одржувањето. Железничките пруги редовно се проверуваат, а шините и праговите понекогаш мора да се заменуваат или поправаат. Затоа, панелите се конструирани во модули што можат да се демонтираат со специјален алат. Модул долг шест метри, составен од три панели, може да се отстрани и да се исклучи од електричната мрежа за околу десет минути.
Интересено е решен и проблемот со прашината. Првичната идеја била панелите да се чистат со ротирачка четка прикачена на воз. Но, според основачот на компанијата, струењето на воздухот создадено при поминување на возовите помага да се отстрани насобраната прашина. Операторот на линијата, TransN, досега не пријавил ниту проблеми со одржувањето ниту поплаки за заслепувачки отсјај од панелите.
Според процените на Sun-Ways, искористувањето на соодветните делови од швајцарската железничка мрежа, долга околу 5320 километри, би можело да овозможи производство до една милијарда киловат-часови соларна енергија годишно. Тоа би одговарало на околу два процента од вкупната потрошувачка на електрична енергија во Швајцарија. Треба да се има предвид дека изјавата е само процена на компанијата, а не веќе докажан или договорен производствен капацитет.

Фото: Sun-Ways
Успешната прва година сепак не значи дека технологијата е подготвена за масовна примена. Потребни се дополнителни испитувања на долгорочната издржливост, трошоците, влијанието на временските услови и усогласеноста со железничките стандарди. Пилот-проектот треба да продолжи до 2028 година, а интерес за технологијата веќе покажале и железнички оператори од други земји.
Ако понатамошните испитувања ги потврдат досегашните резултати, просторот меѓу шините би можел да стане уште една алтернатива за производство на обновлива енергија – без потреба од уништување на плодно земјиште за соларни електрани.