Грција деновиве го пушти во работа најголемиот самостоен батериски систем за складирање енергија (BESS). Батерискиот парк во Лариса, Тесалија, е наголемиот во Источна Европа и еден од најголемите во Европската Унија.
Системот располага со инсталирана моќност од 330 MW и капацитет за складирање од 790 MWh, односно 0,79 GWh. Ова е голем капацитет како за батериски парк, но е мошне малку во споредба со можностите што ги нуди една реверзибилна хидроцентрала (РХЕ/ПАХЕ). Впрочем, тие батериски 790 MWh би биле потрошени за помалку од 2,5 часа при максимална моќност од 330 MW. Затоа, батериите се исклучително корисни, но главно за секундарна регулација и брз одговор на мрежата во рок од неколку милисекунди до неколку минути (активно балансирање на електроенергетскиот систем во реално време).
Ова ни кажува дека батериските системи не се наменети за долготрајно складирање на многу енергија, туку само за задоволување на пиковите на потрошувачката и премостување на краткотрајните периоди до стартот на реверзибилните хидроцентрали, како и за покривање на ненадејните испади во електроенергетскиот систем.
Колку и да ни кажуваат приватните увозници и бизнисмени дека батериските системи се решението за складирање, тоа не е точно. Најстручниот, најправилниот и најекономичниот начин претставува хибридниот начин, со 90% складирање во РХЕ и 10% во батериски системи (БЕСС). Жално е што и нашите власти ја прифаќаат пропагандата на приватниците здраво за готово, наместо да инвестираат во РХЕ.

Веста за батериските системи во Тесалија објавена на еден од грчките портали
Инаку, Македонија располага со неколку природни локации, односно природни вдлабнатини на голема висина над постоечка водена акумулација со можност за складирање дури до 50 GWh! Лично посетив една таква природна вдлабнатина на Сува Гора над Езерото Козјак, која има капацитет за складирање на околу 18 GWh енергија, односно приближно 23 пати повеќе од најголемиот грчки и југоисточен батериски систем. Со толкав капацитет за складирање, централата би испорачувала електрична енергија цели 54 часа при полн инсталиран капацитет од 330 MW. Така би се ослободиле и од увозот на скапа електрична енергија, бидејќи вишоците од фотонапонските електрични централи (ФЕЦ) и ветерните централи (ВЕЦ) би ги складирале и трошеле согласно побарувачката. Наместо да трошиме наша енергија по фиксна цена до 100 евра/MWh, ние денеска (16.10.2026 година) увезуваме и купуваме од приватници енергија по 261 евра/MWh.
Голема предност тука е што постоечката акумулација на Козјак веќе ја нуди долната базенска инфраструктура (блуфилд инвестиција), што драстично ги намалува почетните трошоци и времето на изградба. Се разбира, Грција има постоечки и гради нови реверзибилни хидроцентрали, а батериските системи им служат за намената опишана претходно, а не за складирање на голем капацитет.
Најважно е што капацитетот за складирање кај реверзибилните хидроцентрали се зголемува многу лесно, само со кревање повисока брана или барање поголема природна вдлабнатина. Тоа е мал дополнителен трошок во споредба со почетната инвестиција во реверзибилните турбини-пумпи. За разлика од нив, кај батериските системи цената линеарно и постојано расте со зголемување на капацитетот (во GWh), независно од инсталираната моќност (во MWh). Покрај тоа, батериските системи имаат ограничен век и траат од 10 до 15 години со постапна деградација на капацитетот, додека реверзибилните хидроцентрали претставуваат капитални објекти со работен век од над 80 до 100 години.

Changlongshang Pumped Storage Power Station, во Чанглонгшан, Кина, со капацитет од 2100 MW
Македонија досега изгуби драгоцено време, а од времето кога се боревме против раскрчмувањето на Чебрен и Тиквеш досега ќе ја имавме завршено горната акумулација. Таа бара само една мала брана (може да биде и земјена) висока 8 метри и долга 320 метри, што е во огромен контраст со лачната бетонска брана висока 192 метри и со должина на круната од преку 600 метри. Најважното е што овој проект самиот би се исплател од приходите во текот на експлоатацијата.
Но, оваа власт сите важни, исплатливи и профитабилни проекти не сака да ги гради или им ги подарува на странските приватни инвеститори (најочигледен е случајот со ветропаркот на Алказар Енерџи), а сите загубарски проекти, како што се брзата пруга или прескапите и непотребни автопатишта, за кои нема доволен промет и никаква економска и социјална исплатливост – ги гради сама и ја заглавува државата во должничко ропство.