Рубрика: Информатика
Знаењето и споделувањето искуства како прва линија во кибер одбраната
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 13.10.2026 - 17:45

– Интервју со Игор Франц, претседател на Здружението eSecurity Србија

Пред десетина дена во Белград, соседна Србија, се одржа 10-та Конференција eSecurity, настан посветен на прашања од областа на кибер безбедноста и кибер криминалот, заштитата на податоците и, секако, едукацијата на корисниците и професионалците. Конференцијата ја организира Здружението eSecurity, посветено на подигање на важноста, улогата и свеста на општеството и пошироката заедница во Република Србија за информациската безбедност, како и промовирање на знаењето за високотехнолошкиот криминал. Како што веќе знаете, ЕМИТЕР известуваше за настаните на оваа конференција од лице место, а денес ви носиме интервју со еден од основачите и претседател на Здружението eSecurity – д-р Игор Франц, професор на Метрополитен универзитетот, основач на SECIT Security Consulting, предавач и експерт консултант во областа на информациската безбедност и дигиталната форензика.

ЕМИТЕР: Што Ве инспирираше да се посветите на работа во доменот на кибер-безбедноста и како ја препознавте потребата од формирање здружение што ќе ги обедини професионалците од областа на информациската безбедност?

И. Франц: Уште од основно училиште ме интересираа компјутерите, не заради нивно градење како повеќето луѓе, туку од страна на тоа како оваа технологија функционира. На факултет во дипломскиот труд пишував за малициозниот софтвер и правев анализа на кододт на вируси и црви, а на постдипломските студии ја изучував таа област на кибер безбедноста. Тоа повеќе беше нешто што ме интересираше не дека мислев дека темата во иднина ќе биде толку важна и профитабилна. Почнав во 2007 година да студирам и дигитална форензика и наскоро се појавија првите работни ангажмани. Ја отворив компанијата SECIT SECURITY во 2015 година и почнав да работам во областа на кибер безбедноста, како прва таква компанија во Србија. Тука полека се собра одреден број луѓе и сфатив дека би било добро некако да ги зближам. Разговарав со моите пријатели Александар Мирковиќ и Јован Шикањ за тоа и полека почнавме да работиме во 2014 година на основање на здружение со цел да создадеме заедница на луѓе кои работат во оваа област.

ЕМИТЕР: Можете ли да го објасните начинот на делување на здружението еБезбедност малку пошироко за нашите читатели?

И. Франц: Основната идеја од самиот почеток беше да се изгради заедница на професионалци кои работат во оваа област. Така го замислувавме од самиот почеток и на тоа работиме и денес. Здружението беше вклучено во разни активности за подигање на свеста за кибер заканите, како и во некои одговори на инциденти што се случија во државните институции во тоа време. Бидејќи тука се собравме многу луѓе, имавме потенцијал да помогнеме таму каде што беше потребно во тој момент.

ЕМИТЕР: Скокот од здружение до организирање на прва конференција посветена на информациската безбедност во регионот веројатно претставуваше логички след на настаните. Колку луѓе учествуваа во овој логистички потфат и беше ли тешко да се обезбедат квалитетни предавачи/говорници, како и компании што ќе го поддржат и каков е одекот во професионалната заедница?

И. Франц: Токму така, видовме дека треба да го искористиме потенцијалот што го имаме и сите заедно да напредуваме преку споделување на знаењето и во 2016 година започнавме да размислуваме за првиот собир. Ова и се случи мошне бргу во просториите на Високата школа  електротехника во Белград, каде што се собраа околу 100 луѓе, но сепак тоа беше далеку од конференција. Во основањето и зачнувањето на овој проект, покрај Александар Мирковиќ и мене, се вклучи и Лука Милинковиќ, кој имаше претходно искуство во организирање на сличен настан и тоа ни даде насоки за заеднилки да го оствариме сето тоа. Така што, верувале или не, 3 лица го започнаа ова а со нас беа секако уште неколку луѓе од Здружението и ни помогнаа. Немаше проблеми со говорниците односно предавачите бидејќи веќе имавме добра база во Здружението, а покрај тоа, јас сум доста вклучен и во работата на некои други организации и работни тела, па лесно најдовме доволен број предавачи со помош на нашите пријатели и познаници. Што се однесува до поддршката од компаниите, ни таму немавме многу проблеми и морам да кажам дека луѓето кои беа блиски до Здружението мошне бргу препознаа што правиме и го пренесоа тоа на своите компании каде што работат, па релативно лесно стигнавме и до првите спонзори.


Основачите на здружението eSecurity на сцената на десеттата конференција eSecurity одржана во Белград. Од лево кон десно: Лука Милинковиќ, Александар Мирковиќ и Игор Франц фото: Н. Стојановска/ЕМИТЕР

ЕМИТЕР: Штотуку заврши десеттото издание на конференцијата eSecurity. Главна тема на која се расправаше беше употребата на ВИ како за злонамерно хакирање така и во системите за кибер безбедност. Дали развојот на вештачката интелигенција ќе ја намали потребата од стручњаци за кибер-безбедност преку автоматизација на нивната работа или, напротив, ќе ја зголеми потребата од искусни професионалци кои ќе можат да ги контролираат и правилно да ги користат овие системи?

И. Франц: На ова прашање во моментов многу тешко може да се даде вистински одговор, но ќе кажам што лично мислам дека ќе се случи, врз основа на моето искуство. Што се однесува до кибер експертите, сигурно е дека ќе има големи промени поради вештачката интелигенција. Кај оние кои работат на позиции од почетно ниво, како што се извршители на L1 во SOC тимовите, тука се случи тие да бидат заменети со вештачка интелигенција. Исто така, мислам дека во иднина ќе се намали и потребата од пен тест експерти бидејќи дел од работата ќе ја преземе вештачката интелигенција. Сепак, што се однесува до останатите експерти во оваа област, мислам дека тие само ќе треба да научат како да ја применуваат вештачката интелигенција на правилен начин и дека тие нема да бидат засегнати на друг начин. Така што лично мислам дека ќе дојде само до тоа малку да се променат начините на работа и алатките што ќе се користат, како и експертизата во областа на кибер безбедноста, којашто ќе мора да оди во насока на употреба на вештачка интелигенција.

ЕМИТЕР: Колкава е свеста за значењето на кибер-безбедноста денес, за значењето за безбедноста на податоците, овозможувањето на безбеден пристап до нив и нивно безбедно складирање? Како да се создаде вистинска безбедносна култура во една организација, наместо само да се исполнат административните обврски со некаква минимална обука?

И. Франц: Ова е секогаш болно прашање за сите експерти за кибер безбедност бидејќи состојбата со свеста е на значително пониско ниво отколку што треба да биде. Она што можам да го кажам е дека тука постои навистина голем проблем, а она што го знам од мојот приватен бизнис што го водам е и дека повеќето компании гледаат на ова како на трошок, а не како на инвестиција. Така што тие не сакаат да инвестираат во обука на своите луѓе, кои се, како што веројатно повеќето веќе и знаат, најслабата алка во системот на одбрана. Не е важно какви и колку скапи системи имате внесено во вашата компанија ако луѓето не се обучени да не наседнуваат на разни видови измами. Постојат мошне квалитетни решенија за фишинг симулации и онлајн обуки кои не се претерано скапи, но засега, лично мислам дека мал број компании го препознале ова и инвестираат во тоа. Она што е исто така важно да се нагласи е дека според некои истражувања, секој долар инвестиран во превенција вреди 100 долари кога инцидентот ќе се случи, а тогаш компаниите се подготвени да платат затоа што немаат друг избор ако нивните податоци се заклучени. Сè на сè, ова е многу важно прашање и, според мене, на него треба да му се посвети поголемо внимание отколку што е тоа сега.

ЕМИТЕР: Со текот на годините секако дека се гледа подем во обемот и во тежината на темите што се третираат во рамките на конференцијата eSecurity. Како ја гледате иднината на здружението и на конференцијата во наредните години, постои ли простор eSecurity да иницира заеднички активности со сродни организации од Македонија и другите земји во регионот? Колку здруженијата и професионалните конференции можат да придонесат за подобра регионална соработка?

И Франц: Да, како што минуваа годините така се зголеми бројот на теми на конференцијата. Некои доаѓаа и си заминуваа, а некои се тука од самиот почеток и се подеднакво актуелни и денес. Што се однесува до иднината на конференцијата, мислам дека ќе продолжиме да градиме заедница и преку конференцијата да споделуваме знаење како што тоа го правевме и досега. Досегнавме до околу 300+ луѓе и немаме намера да одиме кон многу поголем број бидејќи ова е специфична област и е многу потесна од ИТ [областа], каде има многу поширока публика. Ќе се погрижиме предавањата да бидат што е можно подобри, да донесеме што е можно повеќе професионалци од странство и да се обидеме да имаме што е можно помалку теоретски и што повеќе практични презентации. Како Здружение, соработуваме со голем број високообразовни институции во Србија и околината, и секако има простор за соработка со слични организации од опкружувањето. Во еден момент планиравме да ги прошириме нашите активности во регионот и да создадеме наши чартери во Македонија, Црна Гора и БиХ, но сè уште не сме стигнале до точката за тоа и да го реализираме, иако сметам дека има доволно луѓе со кои би можеле ова да го оствариме. Сметам дека конференцијата е вистинско место за размена на искуства и за вмрежување, и дека е еден од најдобрите можни начини за меѓународна соработка и отворање на некои заеднички проекти во иднина.

Клучни зборови: