Маргарет Хамилтон, исклучително влијателна компјутерска научничка, најпозната по тоа што го предводеше тимот за софтверско инженерство во Лабораторијата за инструменти при МИТ (MIT) за време на програмата „Аполо“ на НАСА, почина на 30 септември. Таа имаше 90 години.
Како пионерка во областа на компјутерските науки и авторка на повеќе од 130 публикации, Хамилтон помогна софтверското инженерство да се воспостави како посебна дисциплина. Таа работеше на МИТ од 1959 година до средината на 1970-тите, по што стана успешна претприемачка во областа на компјутерските технологии и извршна директорка.

Нејзината животна работа беше наградена со бројни признанија и почести, вклучувајќи го и Претседателскиот медал на слободата, доделен во 2016 година од претседателот Барак Обама, во чие образложение беше истакнато: „Хамилтон дефинираше нови форми на софтверско инженерство и помогна да се создаде индустрија што засекогаш ќе ја променеше човечката историја. Нејзината софтверска архитектура овозможи огромни чекори напредок за човештвото, преку пишувањето на кодот што ѝ помогна на Америка да стапне на Месечината“.
„Да се каже дека Маргарет Хамилтон беше пионерка – или дека беше пред своето време – би било премногу скромно опишување на нејзината улога. Таа беше софтверски инженер во време кога таа област беше во своите зачетоци; не само што сама развиваше напреден код, туку и предводеше тим што ја користеше таа нова технологија за да создаде еден од најсложените системи што човештвото некогаш ги изградило“, вели Оливие де Век, професор на програмата Аполо и вршител на должноста раководител на Катедрата за аеронаутика и астронаутика при МИТ.
„Програмата ’Аполо‘ и денес претставува еден од најголемите докази за моќта на соработката, генијалноста и инженерството, а Маргарет Хамилтон даде клучен придонес за успехот на таа програма. За неа, тоа беше само почетокот! Таа продолжи како претприемачка и остана на чело на иновациите во системскиот софтвер во текот на својата извонредна кариера, истовремено служејќи како застапник, ментор и инспирација за милиони луѓе.“