Рубрика: Биологија
По повеќе од еден век откриен нов вид на мачка
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 22.09.2026 - 18:45

На прв поглед, животното не изгледа како нешто што би можело да ја изненади современата биологија – малечко маче што тежи едвај околу 1,4 килограми,  прошарано со темни, неправилни розети врз ќилибарестото светлокафено крзно. Но, оваа малечка мачка од боливиските прашуми на екорегионот Јунгас се стекна со статусот на нов вид – Leopardus tilcayo, првиот нов вид на жива мачка формално опишан од науката по повеќе од еден век.

Приказната започнува со телефонски повик од едно засолниште за диви животни до боливискиот биолог Паола Ногалес-Аскарунс во 2017 година. Во засолништето била донесена  чудна мачка што едно од локалните семејства ја пронашло уште како маченце во близина на шумата, по што извесно време ја чувале како милениче верувајќи дека се работи за домашно животно. Но, животното со мало, збрчкано лице, кратки заоблени уши и долги мустаќи, било премало за една домашна мачка. Притоа најмногу во очи паѓала шарата на крзното кое било покриено со дамки налик на леопард.

Кога Паола ја видела мачката во засолништето за диви животни Сенда Верде”, првично претпоставила дека станува збор за припадник на видот тигреста мачка (Leopardus tigrinus) – мала дивa мачка позната како тигрина, онсиља, тигриљо или мала пегава мачка, вид којшто е опишан пред 250 години со илустрација на животно од Француска Гвајана. Се претпоставувало дека овој вид е мошне распространет во Централна и Јужна Америка, вклучувајќи ја и Боливија. Иако, некои детали баш и не се вклопувале.

Две години подоцна, сомнежот се зголемил. Разгледувајќи ги фотографиите од животното што таа самата ги направила, Ногалес-Аскарунс уште еднаш се замислила над големите и неправилни розети на крзното кои едноставно изгледале погрешно. Но, ќе бидат потребни уште неколку години за Паола да го усоцрши владеењето со алатките за генетски анализи, за овој сомнеж да биде ставен на тест.

Тогаш во соработка со генетичарот Едуардо Ајзирик, Паола Ногалес-Аскарунс и Џонас Лескроар анализирале целосни геноми на 38 примероци од родот Leopardus. Резултатите покажале дека необичната боливиска мачка не е само варијанта на веќе познат вид. Таа претставува посебна еволутивна линија, која се одвоила од сродните мачки пред околу 1,4 милиони години. Истата генетска анализа покажала дека групата која долго време била третирана како еден вид тигреста мачка всушност опфаќа пет одделни видови, меѓу кои е и потенцијално новиот подвид од Перу –Leopardus tigrinus antisuyo.

Кога пет различни еволутивни линии ќе ги ставите под едно име, лесно можете да добиете погрешна слика за нивната бројност и распространетост. Вид кој на картата изгледа широко распространет и релативно безбеден може, по поделбата, да се покаже како неколку мали популации – секоја со свој ризик од исчезнување.

Распространетост на секој од петте видови

Научното име на новиот вид откриен во Боливија – Leopardus tilcayo, го задржува локалното кое луѓето во регионот одамна користат за животното: тилкајо. Интересно е што самото потекло на зборот не е познато. Кога истражувачите ги запрашале локалните жители зошто животното се нарекува така, одговорот бил едноставен: нивниот дедо така ја нарекувал мачката.

Новиот вид Leopardus tilcayo сè уште има повеќе прашања отколку одговори. Научниците допрва треба да утврдат колку единки живеат во дивината, со што точно се хранат, како се размножуваат и колкаво е нивното вистинско подрачје на распространетост.

Клучни зборови: