Рубрика: Енергетика
Користење на фосилни горива во Европа и Македонија
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 17.09.2026 - 15:15

Република Македонија е земја кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) и затоа нашата држава работи на усогласување на нашето законодавство, политиката, економијата, екологијата и друго. Во овој напис сакам да дадам краток преглед на показатели во енергетскиот сектор во ЕУ и мала споредба како е во Македонија. 

 

Употреба на фосилни горива во ЕУ според видот

Фосилните горива сè уште доминираат во ЕУ со околу 66% до 69% во вкупниот енергетски биланс, а останатиот дел го сочинуваат обновливи извори на енергија и нуклеарна енергија. Според видот, фосилните горива се рангирани на следниов начин:
 Нафта и нафтени деривати (34% 38%). Ова е убедливо најкористениот енергент во ЕУ. Нафтата останува доминантна поради високата зависност во транспортниот сектор.
Природен гас (21% 23%). Вториот најважен фосилен извор. Се користи масовно за греење на домаќинствата, во индустријата и како транзиционо гориво за производство на електрична енергија.
Цврсти фосилни горива / Јаглен (9% 10%). Јагленот се наоѓа во постојан пад низ цела Европа. Некои земји целосно ги затворија своите електроцентрали на јаглен.

 

Употреба на фосилни горива во ЕУ по сектори

Зависноста од фосилни горива варира во зависност од секторот на крајна потрошувачка:
Транспорт. Нафтени деривати (90%). Најтешко заменлив сектор; нафтата останува главен двигател.
Индустрија. Природен гас (31,9%), нафта (10,4%), јаглен (5,5%). Директните фосилни горива сочинуваат речиси половина од индустриската потрошувачка.
Домаќинства. Природен гас (29,4%), нафтени деривати (10,4%), јаглен (1,9%). Најголем дел од гасот во домаќинствата се троши за затоплување на просториите.

Производство на електрична енергија (транзиција во тек)

Во секторот за електрична енергија, фосилните горива ја губат својата позиција во корист на обновливите извори (ветер, сонце и хидро). Фосилните горива учествуваат со само околу 27% до 29,6% во производството на струја. Во овој микс, природниот гас покрива околу 16,8%, додека јагленот падна на ниски 9,2%.

 

Увозна зависност

Европската Унија е силно зависна од увозот на фосилни горива, покривајќи 57% од своите вкупни енергетски потреби од увоз. По воведувањето на санкциите кон Русија, структурата на увозот драстично се промени: нафтата главно се увезува од САД и Норвешка, додека Норвешка стана главен снабдувач со природен гас за ЕУ.

 

Земји од ЕУ што користат најмногу фосилни горива во однос на вкупната енергија

Малта (96%): комплетно зависи од увоз на нафтени деривати и гас за сите свои потреби.
Кипар (89%): екстремно зависен од течни фосилни горива (нафта и дизел).
Холандија (89%): голем потрошувач на природен гас во индустријата и за греење.
Ирска (88%): висока зависност од нафта и гас за греење и транспорт.
Полска (88%): најголем потрошувач на јаглен во ЕУ, за нивната тешка индустрија и економија.
Во апсолутни количини (милиони тони потрошена нафта, гас и јаглен) најголеми потрошувачи (загадувачи) во ЕУ се најголемите индустриски економии: Германија, Италија и Франција.

 

Емисии на СО2 во апсолутен износ во земјите на ЕУ

Во ова рангирање доминираат економски најголемите и најнаселените земји членки во ЕУ. Вкупните годишни емисии изразени во милиони тони се Германија – 580,  Италија – 299,  Полска – 276,  Франција – 274,  Шпанија – 220,  Холандија  – 118.

 

Емисии на СО2 во тони по жител на годишно ниво

Кога вкупните емисии ќе се поделат со бројот на жители, сликата целосно се менува. Малите земји со висок животен стандард, специфични индустрии или голема увозна потрошувачка избиваат на врвот. Податоците се изразени во тони по жител на годишно ниво: Луксембург – 11,3,  Естонија – 8,3,  Полска – 7,36,  Белгија – 7,35,  Чешка – 7,32,  Германија  – 7,03.

 

Структура на употребата на фосилни горива во Македонија

Фосилните горива (нафта, јаглен и природен гас) се најдоминантниот извор на енергија во Македонија. Според Министерството за енергетика тие сочинуваат околу 87% од вкупниот енергетски биланс. Структурата според видот на гориво е прикажана подолу.

Нафтени продукти (42%). Тие се убедливо најзастапениот енергенс во државата. Бидејќи Македонија нема сопствени извори на сурова нафта, овој сегмент е 100% зависен од увоз.
Јаглен (лигнит) (36%). Ова е примарното домашно фосилно гориво. Тоа е нискокалоричен лигнит од домашните рудници и се користи за производство на струја во РЕК Битола и РЕК Осломеј. Поради исцрпеност на домашните наоѓалишта, во последниве години се појавува и потреба од увоз на јаглен.
Природен гас (9%). Неговото учество бележи тренд на пораст во индустријата и централното греење во Скопје. Гасот целосно се увезува преку интерконективниот гасовод со Бугарија.

 

Употреба на фосилни горива во Македонија по сектори

Транспорт: 41,9%.  Моторен бензин, дизел горива и ТНГ (течен нафтен гас).
Домаќинства: 26,9%. Доминантно огревно дрво (биомаса), електрична енергија и ТНГ.
Индустрија: 20,5%.  Природен гас, мазут, петролкокс и јаглен за технолошки процеси.

 

Емисии на СО2 во Македонија

Македонија емитува околу 6,6 до 7,3 милиони тони CO2 во апсолутен износ на годишно ниво. Кога оваа бројка ќе се подели со бројот на жители, се добиваат емисиите на СО2 во тони по жител на годишно ниво и тие изнесуваат 3,5 до 3,6 тони, а тоа е значително подобро од просекот на ЕУ кој изнесува околу 5,5 тони.

И една добра вест објавена пред еден ден од Министерката за енергетика на Македонија: во 2025 година 46% од целата произведена електрична енергија во земјата била од обновливи извори, што е речиси еднакво како во ЕУ (47%).

Д-р Ристо Цицонков е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје

Клучни зборови: