Рубрика: Информатика
Вашиот паметен часовник може сериозно да лаже
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 15.09.2026 - 16:45

Секој што некогаш носел паметен часовник го знае тоа добро чувство на задоволство: по напорниот тренинг ја кревате раката, ја погледнувате екранот и гледате дека сте согореле неколку стотици калории. Тоа изгледа како совршено оправдување за заслужен оброк или десерт. Сепак, науката нуди студен туш за оваа дигитална утеха.

Според најновите истражувања, вашиот паметен асистент на зглобот најверојатно значително го преценува вашата потрошувачка на енергија. Притоа, колку повеќе телесни масти имате толку грешката станува поголема.

Тим истражувачи од Меѓународниот универзитет во Флорида решиле да ја тестираат прецизноста на четири популарни брендови: Apple Watch Series 8, Garmin Forerunner 955, Samsung Galaxy Watch 5 и Fitbit Sense 2. Резултатите, објавени во научниот магазин PLOS One, се поприлично изненадувачки. Три од овие четири уреди значително ги преценувале согорените калории, додека четвртиот покажал непредвидливи и хаотични мерења.

За да разбереме каде настанува грешката, мора да го ѕирнеме механизмот зад овие гаџети. Паметните часовници не го мерат директно калориското трошење, туку прават индиректна проценка. Тие користат технологија наречена фотоплетизмографија, истиот оптички сензор со зелено светло што го затекнавме кај пулсоксиметрите за време на пандемијата. Сензорот ги следи варијациите во протокот на крв под кожата за да го процени пулсот. Во исто време, вградениот акцелерометар го регистрира интензитетот и брзината на движењето на раката. На крајот, алгоритмот ги зема овие податоци, ги комбинира со вашите лични параметри (возраст, пол, висина и тежина) и исфрла бројка за согорени калории.

За да ја проверат нивната точност, научниците ангажирале 58 возрасни лица. Учесниците возеле лежечки велосипед 10 минути (со паузи пред и по вежбањето), носејќи ги паметните часовници, но и COSMED K5 – софистициран медицински уред за анализа на дишењето кој се користи во спортската медицина и важи за „златен стандард“ за прецизно мерење на потрошувачката на енергија.

Резултатите покажале дека паметните часовници во просек отстапувале од медицинскиот уред за 15% до 25%. Притоа Apple Watch во просек преценувал околу 22 калории, Samsung промашувал нагоре за околу 57 калории, додека Garmin покажал најголемо отстапување, преценувајќи го потрошокот за дури 69 калории во просек. Fitbit имал релативно умерени просечни грешки, но во 13% од тестовите давал екстремни вредности, а во една сесија дури и воопшто не исфрлил податоци.

Најинтересното откритие на студијата е дека грешката драстично се зголемува со зголемувањето на процентот на телесни масти кај корисникот. Ова правило важело за сите четири тестирани брендови.

Научниците нудат неколку логични објаснувања за овој феномен.

Прва претпоставка е дека се работи за оптичка пречка. Имено, оптичкиот сигнал потешко минува низ подлабоко масно ткиво, што ја намалува прецизноста на сензорот при читањето на пулсот. Иако, лично тука сума малку скептик. Мислам, колку масно ткиво може да имаш околу зглобот?

Втората можна причина ја гледаат во движењето на мекото ткиво. Поголемото поместување на ткивото околу зглобот за време на вежбањето создава шум во податоците на акцелерометарот.

И како трета можна причина се наведува алгоритамската пристрасност. Математичките модели и алгоритми на часовниците најверојатно биле развивани и тестирани на луѓе со понизок процент на телесни масти, што ги прави помалку соодветни за луѓе со прекумерна тежина.

Заклучокот на истражувачите е јасен – доколку имате вишок килограми и се обидувате да ослабете, не потпирајте се слепо на бројките за согорени калории што ви ги прикажува вашиот паметен часовник. Ако врз основа на тие податоци решите да си дозволите дополнителна храна, постои реална опасност несвесно да внесете повеќе калории отколку што реално сте согореле, со што го поништувате ефектот од вежбањето.

Паметните часовници остануваат одлични алатки за мотивација, следење на трендот на физичка активност и мерење на чекорите, но кога станува збор за егзактна калориска математика – земете ги нивните бројки со голема резерва.

Клучни зборови:

Слика: ЕМИТЕР/ВИ

Слика: ЕМИТЕР/ВИ