Секоја трета година Програмата за меѓународно оценување на учениците, скратено ПИСА, го става образовниот систем под прилично непријатно светло, обидувајќи се да го дознае и карактеризира нивото на функционална логичка и научна писменост. Вчера се презентирани резултатите од истражувањето спроведено мината година, во коешто беа опфатени повеќе од 760 000 ученици од 91 земја и економија. Тестирани биле и математичката и читачката писменост, како и способности поврзани со решавање проблеми.
Секоја трета година Програмата за меѓународно оценување на учениците, скратено ПИСА (Programme for International Student Assessment) го става образовниот систем под прилично непријатно светло, обидувајќи се да го дознае и карактеризира нивото на функционална логичка и научна писменост.
ПИСА не е класичен тест. Станува збор за обемно меѓународно истражување на мерливите образовни постигнувања на 15-годишниците. Истражувањето не ги прашува учениците колку формули запомниле, колку дефиниции можат да репродуцираат или колку лекции поминале. Прашува нешто многу посуштинско – дали знаат да го употребат она што го научиле. Оттаму ПИСА има поголема тежина од обичен тест. Стандардизираното истражување овозможува споредба на образовните системи од различни земји според исти критериуми. ПИСА тестовите се спроведуваат редовно од 2000 година, а го спроведува Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД (Organisation for Economic Co-operation and Development) со седиште во Париз, која обединува десетици држави и создава споредливи статистички и аналитички показатели за економијата, општеството, образованието и јавните политики.

Резултатите од најновите истражувања, ПИСА 2025, во коишто биле опфатени повеќе од 760 000 ученици од 91 земја и економија, беа објавени вчера, 8 септември 2026 година. Тестирани биле и математичката и читачката писменост, како и способности поврзани со решавање проблеми. Првата важна порака од овогодишната ПИСА е дека проблемот не е само балкански.
Просечниот резултат на земјите од ОЕЦД во 2025 година изнесува 482 поени по природни науки, 463 по математика и 461 по читање. Во однос на претходните циклуси, глобалниот тренд е загрижувачки, со падови од по неколку бодови, особено кај читањето. Но, постои и огромна разлика меѓу земјите.
На врвот повторно се источноазиските образовни системи, предводени од Сингапур, кинеските образовни региони Пекинг–Шангај–Џиангсу–Жеџијанг, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, а некаде рамо до рамо со нив се најде и Естонија. Од земјите на Европската Унија, Ирска оствари најдобар резултат во читање, а над просекот во повеќе категории се позиционираа и САД и Австралија. Далеку зад нив следи Балканот.

Резултатите од ПИСА 2025 покажуваат дека македонското образование има сериозен проблем. И тој проблем не е само тоа што сме ниско на меѓународната листа. Проблемот е што голем дел од нашите ученици не стигнуваат ниту до основното функционално ниво на знаење.
Македонските 15-годишници постигнале 380 поени по математика, 357 по читање и 378 по природни науки. Колку за споредба, просекот на земјите од ОЕЦД е 463, 461 и 482 поени, соодветно.
Бројките стануваат дополнително позагрижувачки кога се изразени во проценти. Само 26% од македонските ученици го достигнуваат основното ниво по читање. По математика тоа го остваруваат 32%, а во доменот на природните науки само 36% од учениците постигнуваат задоволителни резултати. Просекот на ОЕЦД е 69, 65 и 74 проценти, соодветно.

Поинаку кажано, речиси три четвртини од нашите 15-годишници не го достигнуваат ниту нивото 2 по читачка писменост.
Што значи тоа во реалниот живот? Ученик што го достигнува нивото 2 по читање треба, меѓу другото, да може да ја препознае главната идеја во текст со умерена должина, да пронајде информација според дадени критериуми и да размисли за целта или формата на текстот, да препознае што авторот сака да каже и критички да процени дали тоа нешто има смисла. Кај нас тоа го може само нешто повеќе од една четвртина од 15-годишниците.
Тоа веќе не е проблем на „лошо решена задача“. Тоа е прашање на функционална писменост.
Истото важи и за математиката. Теоретското знаење за пресметка на процент, на пример, не служи за ништо ако не се разбира што значи процентот во платата, кредитот, инфлацијата или во статистиката во една вест. Научната писменост, пак, не е меморирање на имињата на планетите или формулата за фотосинтеза. Таа значи да умееш да процениш доказ, да разликуваш научен аргумент од псевдонаука и да разбереш како едно тврдење се потврдува или се побива.
Но, ќе кажете нели нашите ученици средношколци се успешни, носат дома медали од мноштво меѓународни олимпијади од областа на природните науки, информатиката, математиката итн. Мора нешто да не е во ред со тестовите, нели?
Да расчистиме неколку работи. ПИСА не кажува дека македонските деца се „неспособни“, ниту дека наставниците се единствените виновници. Таа покажува дека образовниот систем не успева доволно голем број ученици да доведе до ниво на знаење што би им овозможило самостојно да читаат со разбирање, да применуваат математички концепти и научно да објаснуваат појави.

ОЕЦД дополнително забележува дека во Македонија меѓу 2022 и 2025 година се зголемила разликата меѓу најдобрите и најслабите ученици во сите три области. По предметот математика само 1 отсто од учениците во земјава се меѓу најуспешните, односно достигнуваат ниво 5 или 6, наспроти 8 отсто во просек во ОЕЦД, што значи дека тие се способни математички да моделираат сложени ситуации и да избираат, споредуваат и оценуваат стратегии за решавање проблеми. Едвај половина од македонските ученици (55%) имаат т.н. „развоен начин на размислување“, односно веруваат дека интелигенцијата може да се развива преку работа, труд и повратни информации. Просекот во ОЕЦД е 69%.
Во исто време, поддршката од наставниците се подобрила во подолг период, но семејната поддршка опаднала во периодот 2022–2025.
Македонија не е единствената земја од регионот со резултати под просекот на ОЕЦД, но тоа не треба да ни биде утеха. Србија, Црна Гора, Хрватска, Албанија, Бугарија и Косово исто така имаат потпросечни резултати, но разликите меѓу нив се значителни.
Во природни науки, на пример, Црна Гора има 435, Албанија 435, Србија 429, Хрватска 482, додека Македонија има 378 поени. Во математика Македонија со 380 е зад Црна Гора со 411, Србија со 417, Албанија со 433 и Хрватска со 455. Во читањето македонскиот резултат од 357 е исто така на самиот регионален минимум.
Особено интересен е примерот на Црна Гора, која во 2025 година го подобри резултатот во сите три области во однос на 2022 година. Србија, напротив, забележала пад во математика, читање и природни науки.
А што е со Словенија, ќе прашате? Па, тука приказната станува особено интересна. Словенечките ученици сè уште се прилично подобри од македонските резултати, но самата Словенија доживеа сериозен пад. Во 2025 година постигнала 484 поени по природни науки, 460 по математика и 445 по читање. Притоа, математиката паднала под просекот на ОЕЦД, а вкупниот резултат е оценет како најслаб откако Словенија учествува во ПИСА.
Веднаш по објавувањето на резултатите словенечкиот министер за образование најави крупна промена: постепено укинување на деветгодишното и враќање кон осумгодишно основно образование, со планиран почеток на промената во учебната 2028/2029 година. Најавата, сепак, не се сведува само на „една година помалку“. Се споменуваат растоварување на наставните програми, повисоки критериуми за оценување, поголем акцент врз разбирањето на материјалот, зајакнување на работните навики и поголема поддршка за надарените ученици.
Македонија има многу полоши резултати од Словенија, но засега нема реакција со споредлив интензитет.
Секако, не треба да се заклучи дека осумгодишното образование само по себе ќе донесе подобри ученици. Историски гледано, токму Словенија преминала од осумгодишно на деветгодишно образование како дел од поширока образовна реформа во 1990-тите. Таа реформа опфатила и наставни програми, начини на предавање и оценување, а не само промена на бројот на училишни години. Оттаму суштината на словенечкиот потег не е во бројот осум или девет. Суштината е во реакцијата на податоците.
Словенија не го игнорира падот. Не вели: „И другите паднале“. Не вели: „Учениците денес се незаинтересирани“. Не вели: „Проблемот е кај родителите“. Туку го поставува непријатното прашање: што треба да промениме?
Тоа е можеби најголемата разлика помеѓу образовен систем што учи од грешките и систем што само ги архивира.
Кај нас резултатите се значително полоши. Па, токму затоа би требало реакцијата да биде уште посериозна.
Не ни треба уште една кампања со пароли за „модерно образование“. Не ни треба ниту козметичко менување на учебниците, ниту уште еден проект што ќе заврши со конференција, фотографии и соопштение.
Потребно е да се прашаат многу понепријатни прашања. Зошто ученикот поминува години во училиште, а на 15 години не може доволно добро да разбере текст? Зошто наставата толку често го наградува репродуцирањето на информацијата наместо нејзиното разбирање? Зошто учениците учат за оценка, наместо за знаење? Зошто најголемиот дел од образовните реформи почнуваат со промена на програмата, а многу поретко со промена на начинот на кој се предава? И, конечно, зошто резултатите од ПИСА се тема неколку дена, а потоа системот продолжува како ништо да не се случило?
ПИСА не го тестира детето. Го тестира системот. Ова можеби е најважното што треба да го разбереме.
ПИСА не е натпревар во кој македонските деца изгубиле од словенечките, српските или хрватските. Децата не се виновни за образовниот систем во кој се родиле. Ако резултатите покажуваат дека само една четвртина од учениците го достигнуваат основното ниво на читачка писменост, тогаш првата реакција не треба да биде да ги обвинуваме учениците. Треба да се запрашаме што сме им понудиле во претходните девет години.
Оттаму резултатите од ПИСА 2025 не би требало да ги читаме како уште една меѓународна ранг-листа. Тие се нешто многу понепријатно. Тие се рентген-снимка на нашиот образовен систем. А снимката покажува сериозен проблем.
Прашањето е само дали проблемот повторно ќе го ставиме во фиока или конечно ќе почнеме да го лекуваме.