Рубрика: Омнибус
Од историјата на македонската техничка култура: Списание ‘Техника’
Автор: Горан Џамбазов
Објавено на 08.09.2026 - 18:00

Во мојата колекција на списанија за практична електроника, чувам неколку броеви и од списанието „Техника“, кое веројатно е и првото техничко списание на македонски јазик, со кое дојдов во контакт пред речиси 40 години, во времето кога почнував со практична електроника. Примероците до кои дојдов во тоа време веќе беа постари од 20 години, но сепак, содржините ми беа интересни, а искуствата од изработката на некои од прикажаните уреди за самоградба ми користеа во понатамошното образование.

Очекувам дека ова списание е сосема непознато за голем број од сегашните читатели на „Емитер“, па затоа и одлучив да направам еден краток прилог и видео-претставување на еден број.

Во импресумот на броевите што ги имам стои дека ова е списание на „Народна техника на Македонија“, печатено од „Нова Македонија“, одговорен уредник бил Ристо Марковски, а освен тоа дека е уредувано од редакциски колегиум, нема повеќе информации за авторите на написите и за техничката подготовка.

Броевите се со по 24 страници, на формат што е нешто помал од А4, а цената им се движи од 30 стари динари (што подоцна одговара на 30 пари), за бројот 4-5 од 1965 година, до 50 пари, за бројот 1 од 1967 година.

Во списанието се опфатени теми од техниката, природните науки, технолошките процеси, макетарството, електрониката, радиотехниката, а секако има и практични експерименти и училишни проекти за општотехничко образование. Било наменето за ученици, млади техничари, радиоаматери и за членовите на техничките клубови на „Народна техника на Македонија“.

Според концепцијата и содржините е многу слично со познатото југословенско списание за техничко образование на младите „Техничке новине“, што во тоа време го издавала „Народна техника на Југославија“, па не е исклучено и може да се претпостави, дека дел од содржините можеби биле само преземани оттаму и преведувани на македонски јазик, во координација и со дозвола на уредништвото на „Техничке новине“.

Во отсуство на други сигурни информации, засега немам што повеќе да додадам за овој прилог.

Доколку некој од постарите генерации знае нешто повеќе за ова списание (во кој период излегувало, каде можело да се купи и сл.), или можеби бил член на некој од клубовите на „Народна Техника“, слободно може да ги сподели тие информации преку коментар на видеото или на објавата на Facebook-страницата на „Емитер“.

А сега, преку видеото, да се вратиме за момент 60 години наназад и заеднички да го прелистаме бројот 4-5 од 1965 година.

Клучни зборови: