Во Пекинг се одржа второто издание на Светските игри на хуманоидни роботи. На игрите учествуваа 2056 роботи од 16 земји. Бројот на учесници беше речиси четири пати поголем отколку на првото издание на натпреварот. Овогодинешните игри вклучија вкупно 51 дисциплина, меѓу кои и нови предизвици како влечење јаже, карлинг и подигање тегови, но и задачи кои симулираат примена на хуманоидни роботи во секојдневниот живот како сортирање облека во домаќинствата, гаснење пожари во симулирани итни ситуации, како и подготовка на готови оброци во малопродажни објекти.
Натпреварите имаа за цел да ги прикажат не само физичките способности на роботи, туку и нивната примена во реални животни и работни сценарија.
Игрите беа официјално отворени на 22 август во Националната арена за брзо лизгање во Пекинг. Петдневното натпреварување собра 666 тимови од 16 земји од шест континенти, при што 2056 роботи се натпреваруваат во 51 дисциплина. На церемонијата на отворањето под темата „Со интелигенција кон иднината“ повеќе од 1000 хуманоидни роботи се собраа во салата за да ги прикажат најнапредните технологии и да покажат како хуманоидните роботи излегуваат од лабораториите и сè повеќе навлегуваат во реалното производство и секојдневниот живот, отворајќи нови можности за коегзистенција на луѓето и роботите. Церемонијата на отворање вклучуваше и посебна парада на тимовите учесници, за време на која повеќе групи на роботи изведоа мноштво усогласени точки, вклучувајќи и координирани промени на формации и низа акробации.




Еден од кинеските хуманоидни роботи постави нов рекорд во скок од место, прескокниувајќи 2,88 метри. Рекордот беше поставен при демонстрација пред церемонијата на отворање и го надмина најдобриот забележан резултат на човек спортист во скок од место, кој изнесува 2,45 метри.



