Рубрика: Астрономија и астронаутика
Зошто се раѓаат сè помалку ѕвезди?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 02.09.2026 - 20:30

Пред неколку милијарди години вселената изгледала нешто поинаку – галаксиите биле многу поактивни, а во нив непрекинато се раѓале нови ѕвезди. Денес, космичката „машина за создавање ѕвезди“ работи со помал интензитет. Во текот на последните 4,5 милијарди години, стапката на раѓање ѕвезди се намалила повеќе од двапати.

Она што прво би го помислиле е дека можеби галаксиите едноставно го потрошиле горивото. Но, едно ново истражување објавено во Nature Astronomy укажува дека приказната е посложена. Универзумот, всушност, сè уште располага со огромни количества атомски водород – главната суровина од која, преку сложен процес, на крајот се создаваат нови ѕвезди.

Истражувачите ги анализирале податоците за околу 2,5 милиони галаксии, покривајќи речиси 12 000 квадратни степени од небото. Ова го постигнале комбинирајќи ја чувствителноста на кинескиот радиотелескоп FAST (Five-hundred-meter Aperture Spherical radio Telescope) со огромната оптичка база на податоци на DESI (Dark Energy Spectroscopic Instrument). Ова им помогнало да добијат една од најпрецизните слики досега за тоа како се менувало количеството на атомскиот водород во релативно блиската вселена.


FAST и DESI го преобликуваат нашиот поглед на космичката еволуција (Слика од Националните астрономски опсерватории на Кина, Шангајската астрономска опсерваторија на CAS)

Водородот во галаксиите не е едноставно „резервоар за гориво“. Атомскиот водород, означен како H I, претставува своевиден посредник во космичкиот циклус на материјата. За да се роди ѕвезда, гасот мора да стане погуст и да премине во молекуларна форма, пред сè молекуларен водород. Токму густите молекуларни облаци се местото каде што гравитацијата може да го започне процесот што на крајот води до формирање на нови ѕвезди.

И тука се појавува изненадувањето.

Ако главниот проблем лежи во тоа што галаксиите го трошат својот гас, тогаш е природно да очекуваме за количината на атомски водород да опаѓа со приближно иста стапка со намалувањето на создавањето ѕвезди. Но, тоа не е она што го покажуваат набљудувањата.

Пред околу 4,5 милијарди години, стапката на создавање ѕвезди била приближно 2,5 пати поголема од денешната. Но, количината на космичкиот атомски водород, била само околу 1,4 пати поголема! Според анализата, необработените податоци покажуваат пад на густината на H I од фактор 1,35, а и по земањето предвид на систематските грешки падот останува само околу 1,12 пати.

Ова значи дека резервоарот не се испразнил, дека гориво сè уште има. Но зошто тогаш водородот сè потешко стигнува до фазата во која може да создава ѕвезди.

Една од можните причини лежи во начинот на кој материјата циркулира низ галаксиите. Космичката мрежа што ги поврзува галаксиите постепено обезбедува сè помал прилив на гас, додека густината на материјата опаѓа. Во такви услови, атомскиот водород може да остане присутен во големи количества, но неговото претворање во густ молекуларен гас станува помалку ефикасно.

Новото истражување се очекува да го смени фокусот на астрономите. Наместо да се прашуваат каде исчезнал гасот, тие сега треба подобро да разберат што го регулира неговото движење, згуснување и преминување од атомска во молекуларна состојба.

Клучни зборови:
FAST и DESI го преобликуваат нашиот поглед на космичката еволуција

FAST и DESI го преобликуваат нашиот поглед на космичката еволуција (Слика од Националните астрономски опсерватории на Кина, Шангајската астрономска опсерваторија на CAS)