... наместо распродажба на ресурсите на странски компании за ВИ
Во врска со дата центрите, власта продолжува да нé третира како да сме сите будали или со IQ 81,9. Откако видоа дека расположението кај населението е против изградба на странски приватни дата центри, сега сакаат да ни ги претстават како некакви наводни странски инвестиции во национален дата центар, кој секако ни е потребен.
Но, тука се крие подмолната манипулација. Наместо Македонија самата да инвестира во национален центар за вештачка интелигенција од 5-10 MW, власта ќе плаќа десетици милиони евра годишно на грчки клауд дата центар за ВИ. Истовремено сакаат да ни донесат странски приватни компании за ВИ кои ќе градат огромни дата центри од најмалку 100 MW, од кои нема да имаме никаква економска, развојна или финансиска корист. За овој економски аспект сум пишувал подетално претходно.
Не само што нема да имаме никаква финансиска корист од нив, туку нема ништо ни да научиме, ниту некого таму ќе вработиме, освен 5-10 стражари и ноќни чувари. Дури ни Словенија и Хрватска, кои ќе инвестираат во национални дата центри, нема самите да ги изградат, туку ќе ги нарачаат од американска компанија за да им ги изгради според принципот „клуч на рака“. Исто така би требало да постапи и Македонија, наместо да се откажува од податочниот суверенитет и да им плаќа на Грците за работа со нашите податоци.
Изгубена е и опозицијата, која неместо да направи јасна граница помеѓу големи странски и мали домашни дата центри, ги става сите дата центри (независно од големината) во ист кош и се залага против нивна изградба воопшто, како некакви антиваксери кои не знаат зошто, ама секогаш се против вакцините.
Треба јасно да дадат поддршка за итна инвестиција и изградба на национален дата центар од 5 или 10 MW (Словенија гради центар од 5 MW), но да се залагаат за забрана за раздавање на националните ресурси за странски дата центри од стотици мегавати. За дата центар од 5-10 MW не треба да се грижиме, бидејќи толку изнесува моќноста на една локомотива „Вектрон“. Проблем се дата центрите од стотици мегавати. Секоја земја треба да си гради сопствен дата центар според сопствените потреби, а Македонија е просторно и енергетски премала за гигантските дата центри на големите странски корпорации.

Доколку дозволиме нивен влез, тоа би значело да ни ги запоседнат сите полиња со фотоволтаици и сите ридови со ветерни централи и да не затрупаат со литиумски батерии со чиј отпад нема да знаеме што да правиме по 10-20 години, не добивајќи никаква финансиска корист (данок на добивка или ДДВ) за возврат. Но, најстрашното е што оваа штетна власт се спрема да им даде пристап на странските дата центри до водите на реката Вардар, за ладење на дата центар од 100 MW! Тоа би значело, поради загревање на водата во реката, засекогаш да нé лишат од капацитетот за ладење на наша идна, потенцијална нуклеарна централа, кај која токму водата за ладење е најважниот ресурс. Повторно за возврат не добивајќи ништо.
Ако пак странските дата центри се снабдуваат со електрична енергија од увоз, непотребно би го ангажирале и оптовариле електро-преносниот систем на МЕПСО, кој државата го градела за нашите граѓани - не добивајќи за возврат ништо, освен намален преносен капацитет.
Како власта се однесува кон сопствените граѓани и ги смета за недоветни, се гледа од изјавите на претставниците на власта според кои Енвидиа (Nvidia) или Мета заработиле милијарди долари од вештачката интелигенција, па наводно ќе заработела и Македонија. Тука ја гледаме манипулацијата преку замена на тезите.
Енвидиа го создава и продава „мозокот“, односно чиповите (GPU) и софтверот за нивно управување (CUDA). Нивната профитна маржа е огромна бидејќи имаат монопол над интелектуалната сопственост. Мета е пак софтверски гигант и сопственик на податоци. Тие градат алгоритми за вештачка интелигенција, ги користат за своите милијарди корисници, ги продаваат преку реклами и создаваат дигитални производи со висока додадена вредност.
Македонија е само физичка локација, односно податочна колонија. Доколку кај нас странска компанија изгради дата центар, Македонија нема да нуди ниту Енвидиа чипови, ниту Мета софтвер. Таа нуди само земјиште, струја и вода. Тоа е најниското ниво во синџирот на додадена вредност. Профитот од користењето на ВИ го зема оној што е сопственик на софтверот и хардверот, а не оној на чија територија стои зградата со серверите. Македонија би била во позиција на магарето што го носат на свадба - сите знаеме за што.
Дата центрите од голем обем (над 100 MW) се капитално интензивни, а не трудо-интензивни: Откако ќе заврши градежната фаза, дата центар од 100 MW бара многу мал број постојано вработени (физичко обезбедување, одржување хигиена и ладење), бидејќи високотехнолошкото одржување ќе го прават странците далечински, преку Интернет. Тоа не создава масовни високоплатени работни места за домашните ИТ инженери.
Тука размената на влог и корист е нерамноправна. Државата дава критични ресурси (зелена енергија од соларни и ветерни паркови, вода за ладење, оптоварување на мрежата на МЕПСО), а добива минимален надомест или данок, бидејќи добивката на глобалните компании најчесто се оданочува во нивните матични земји или преку офшор зони, а ДДВ не се прибира бидејќи услугата се извезува. Уште полошо е што дури имаат и право на поврат на ДДВ на увезената опрема и градежните работи. Ќарот за државата е чиста нула.

Енвидиа и Мета градат или закупуваат дата центри за сопствениот бизнис модел. Ако Македонија само отстапи простор за странски дата центар, податоците што се процесираат во тој центар не се македонски, ниту државата има пристап или корист од нив. Доколку на македонските институции, факултети или домашни компании им затреба капацитет за вештачка интелигенција, тие повторно ќе мора да си платат пазарна цена кај овој или друг странски клауд провајдер (како сега што и плаќаме на Грција).
Да се тврди дека Македонија ќе стане богата како Енвидиа или Мета само затоа што на своја територија ќе има нивни дата центар е исто како да тврдите дека земја што копа литиум ќе стане богата како Тесла која продава електрични автомобили, или земја што издава складиште за нафта ќе стане богата како Шел која произведува нафтени деривати. Богатство носи сопственоста над технологијата и знаењето, а не отстапувањето на просторот и електричната енергија.
Колку побрзо се разбуди ова заспано население, да ѝ даде шут-карта на оваа ненародна власт, толку помалку штети ќе можат да ни направат во иднина, бидејќи, ова штеточинство е веќе закономерност што се повторува. Власта не сака да гради сопствени електрични централи од обновливи извори, да отвора и стопанисува со сопствени рудници или да инвестира во национален дата центар, туку упорно го прави спротивното: раздава локации за соларни и ветропаркови на странци, го раскрчмува рудното богатство за мизерна концесија додека рударскиот отпад ни останува нам и сака да дозволи изградба на странски приватни дата центри. Што е многу - многу е.
Пред ваквото насилно и самоволно однесување на власта, која без подлабока анализа и јавна дебата ги распродава клучните национални ресурси, не можеме да молчиме. Наша должност е гласно да ги разобличиме овие штетни политики пред последиците да станат трајни и непоправливи.
Д-р Дејан Трајковски, професор на Техничкиот факултет при УКЛО - Битола