Рубрика: Психологија
Дали со вашиот миленик можете да разговарате со очи?
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 29.08.2026 - 14:15

Седите со вашето куче, се гледате во очи, трепнувате и... по некое време забележувате дека и тоа ги затвора очите. Ваквите моменти досега веројатно сте ги сметале за случајност. Но, истражувањата спреведени последниве години предлагаат дека овој чин помеѓу човекот и кучето можеби крие нешто посуптилно...

Трепкањето е чисто физиолошка работа го навлажнува окото, ја одржува неговата површина чиста и го штити од навлегувањето на ситни честички. Но, кај луѓето трепкањето има и социјална димензија. Така, на пример, во текот на еден разговор трепкањето кај двајцата соговорници не се случува не е целосно независно, во одреден момент нивните трепкања може временски да се усогласуваат. Поттикнати од ова научниците се запрашаа дали нешто слично се случува и при комуникацијата помеѓу човекот и неговото милениче.

Еден од првите директни одговори на ова прашање го дава трудот објавен во Current Zoology. При истражувањето научниците ги следеле трепкањата на кучиња и на мачки за време на визуелна интеракција којашто тие ја имале со нивните сопственици и со непознати луѓе. Во анализата биле вклучени 26 кучиња и 24 мачки, а кај дел од нив биле добиени доволно квалитетни снимки за детална анализа.

Резултатот бил мошне интересен. Кучињата почесто трепкале приближно една секунда откако човекот ќе трепнел. Истовремено и луѓето почесто трепкале непосредно по трепкањето на кучето. Ова значи дека не станува збор за тоа дека двајцата едноставно имале слична просечна честота на трепкање. Било забележано дека времето на трепкање на едниот се прилагодувало со трепкањето на другиот.

Авторите ова го опишале како форма на автоматска мимикрија – исто однесување, но со одредено временско задоцнување. Според нивната хипотеза, ваквото усогласување можеби помага во создавањето заеднички „ритам“ во социјалната интеракција. Интересно е што слична појава била забележана и кај мачките.

Едно ново истражување од Универзитетот во Парма, објавено во Royal Society Open Science во август 2026 година, додава уште една важна коцка во сложувалката.

Научниците ги следеле реакциите на 35 домашни кучиња, на кои им прикажувале видеоснимки од луѓе. На дел од снимките лицето трепкало, а на други гледало без да трепка. Меѓу луѓето прикажани на снимките од мноштво непознати лица била вметната снимка и сопственикот на кучето.

Било забележано дека кучињата трепкале почесто кога гледале човек кој трепка. Но, најинтересно било тоа што реакцијата била поизразена кога на екранот ќе се појавел нивниот сопственик. Ова укажува кон тоа дека не е важен само самиот визуелниот сигнал туку и социјалната важност на лицето што го испраќа.

Но, дали на оваа забелешка може протолкува како социјално усогласување е тешко да се каже. Новото истражување не покажало дека кучето задолжително трепнува веднаш откако ќе трепне сопственикот. Кога научниците барале прецизна временска врска во период од 1,5 секунда, не нашле убедлив доказ за таква синхронизација. Значи, не станува збор за едноставно „тој трепна – јас трепнав“.

Тогаш што се случува?

Засега не знаеме дали кучето со трепкањето намерно испраќа порака. Иако е можно дека зголеменото трепкање можеби одразува зголемено внимание, автоматска мимикрија или поширок механизам на социјална комуникација. Она што сепак го знаеме е дека однесувањето на песот се менува во зависност од она што го прави човекот пред него, како и  во зависност од тоа кој човек се наоѓа пред него.

Клучни зборови:

Слика: ЕМИТЕР / ВИ

Слика: ЕМИТЕР / ВИ