Рубрика: Психологија
Дали фотографирањето на одморот нè оддалечува од моментот?
Објавено на 26.08.2026 - 16:15

Шетате покрај море пред зајдисонце. Глетката е спектакуларна. Го вадите телефонот, го барате вистинскиот агол и ‘штрак’ – правите фотографија. Веројатно, речиси инстантно ја објавувате на Instagram или Facebook. Дали на овој начин, наместо да уживате во моментот, всушност го пропуштате?

Одговорот на науката е малку понеочекуван. Самото фотографирање не мора да ни го расипе искуството, понекогаш може дури и да го направи поинтензивно.

Во серија од девет експерименти, спроведени во реални услови и во лабораторија со повеќе од 2000 учесници, истражувачите Кристин Дил, Гал Зауберман и Аликсандра Бараш откриле дека фотографирањето на пријатни искуства вообичаено го зголемува уживањето.

Причината се крие во нешто едноставно: вниманието. Кога се обидуваме да фотографираме нешто, почнуваме да го следиме повнимателно. Го забележуваме светлото, деталите, композицијата, боите, необичните елементи во сцената. Наместо само пасивно да присуствуваме, стануваме поактивно вклучени во она што се случува пред нас. Токму ова зголемено ангажирање истражувачите го идентификуваат како главен механизам зад поголемото уживање.

Но, тука приказната добива интересен пресврт. Проблемот можеби не е во камерата, туку во публиката што ја замислуваме зад неа.

Во едно подоцнежно истражување, Бараш, Зауберман и Дил ги споредиле искуствата на луѓе кои фотографирале за да го зачуваат споменот со оние кои фотографирале со намера да ги споделат фотографиите со други – на пример, на социјалните мрежи. Разликата бил значајна. Кај втората група уживањето во искуството било помало.

Зошто? Бидејќи тогаш фотографијата престанува да биде само запис на она што го доживуваме и станува дел од сликата што сакаме да ја создадеме за себе.

Дали оваа фотографија е доволно добра? Како ќе изгледа на Stories? Ќе добие ли лајкови? Каков впечаток ќе остави нашиот одмор?

Вниманието постепено се преместува од самото искуство кон тоа како искуството ќе изгледа пред другите. Истражувачите го поврзуваат овој процес со таканаречената загриженост за самопретставувањето – размислувањето за тоа како другите ќе нè перципираат. Одеднаш, одморот повеќе не е само одмор. Тој станува малку и настап.

А што се случува со спомените?

Тука приказната станува уште посложена.

Истражувањата за таканаречениот „ефект на нарушување на помнењето при фотографирање“ покажуваат дека во одредени експериментални услови луѓето можат послабо да ги запомнат предметите што ги фотографирале отколку оние што само ги набљудувале. Една од можните идеи била дека фотографијата делува како надворешна меморија – како да му велиме на мозокот: „Нема потреба да го паметиш ова, камерата ќе го зачува.

Но, подоцнежните експерименти покажале дека објаснувањето не е толку едноставно. Ефектот се појавувал дури и кога учесниците знаеле дека фотографиите подоцна нема да им бидат достапни.

Па така, можеби вистинското прашање не е дали треба да го оставиме телефонот во џеб, туку зошто ја правиме фотографијата?

Ако фотката би ја направиле дури и кога претпоставуваме дека никој никогаш нема да ја види, веројатно навистина се обидуваме да го зачуваме моментот. Но, ако фотографијата постои првенствено за да им покажеме на другите каде сме, што правиме и колку добро си поминуваме, можеби веќе не го документираме само одморот. Можеби почнуваме да го режираме.

Клучни зборови: