Цел ден работите во канцеларија во која нема прозорци. Над вас светат LED светилки, компјутерот е вклучен, а природна сончева светлина речиси и да нема. За многумина ова е нормално современо секојдневност. Но, според едно истражувачко гледиште што го развива професорот Глен Џефери од Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL), можеби на ваквото осветлување му недостига нешто што нашите клетки го добивале со милиони години – поширокиот спектар на сончевата светлина.
Во јануари 2026 година, Глен Џефери и Едвард Барет ги објавија во Scientific Reports резутатите од нивното истражување во кое испитувале што се случува со човечката визуелна функција кога луѓето работат под типично LED осветлување, а потоа се додава светлина со поширок спектар. Современите бели LED-светилки воглавно работат во видливиот дел од спектарот, со изразен врв околу 420 до 450 нанометри, додека имаат многу малку зрачење во спектарот над 700 nm, односно во инфрацрвеното подрачје.
Џефери и неговите соработници сметаат дека митохондриите („електраните“ на клетката) се чувствителни на светлина и дека различните бранови должини можат различно да влијаат врз нивната функција. Во нивниот модел, подолгите бранови, особено црвената и блиската инфрацрвена светлина, можат да ја поттикнат митохондријалната активност, додека доминацијата на пократки бранови може да има спротивен ефект. Но, што покажал експериментот со луѓе?

Истражувачите работеле во простор без дневна светлина, осветлен исклучиво со LED-светилки. Потоа во истиот простор додале обични 60-ватни сијалици со вжарено влакно, кои имаат значително поширок спектар и содржат и инфрацрвено зрачење. По две недели била измерена подобра способност за препознавање на контрастите во боите. Подобрувањето било за околу 25% и било забележливо и во обата испитувани визуелни опсези.
Интересно е што ова не е изолиран наод. Во една друга студија, објавена во Scientific Reports во 2025 година, тимот на Џефери покажал дека инфрацрвената светлина од сонцето може да помине низ човечкото тело. Кога испитаниците биле изложени на светлина од околу 830–860 nm, визуелната функција им се подобрила и во случаи кога очите биле заштитени од светлината.
Постои и уште еден интересен експеримент. Во 2024 година, Мајкл Пауер и Џефери изложиле 30 здрави испитаници на 15 минути светлина со бранова должина од 670 nm. По изложувањето, порастот на гликозата во крвта за време на тестот за толеранција на гликоза бил за 27,7% помал во споредба со контролата. Вкупната изложеност на гликоза била намалена за околу 7,3%.
Сепак, тука треба да се повлече важна граница. Овој експеримент не покажува дека LED-светилките предизвикуваат инсулинска резистенција, ниту дека обичното LED осветлување го зголемува шеќерот во крвта. Тој покажува дека специфичната изложеност на црвена светлина од 670 nm може да влијае врз метаболизмот на гликозата. Исто така, студијата од 2026 година првенствено ја испитува визуелната функција, а можните системски метаболички последици се хипотеза што бара дополнително истражување.
Токму затоа терминот „инфрацрвено гладување“ треба да се сфати како опис на истражувачката хипотеза, а не како воспоставена медицинска дијагноза. Уште помалку може да се каже дека LED-светилките се „нов азбест“. Самата споредба, која Џефери ја користи за да го нагласи потенцијалниот јавноздравствен проблем, е предупредување, а не научно утврдена класификација на ризикот.
Што можеме да направиме во меѓувреме? Наједноставно е да не го поминуваме целиот ден под вештачко осветлување. Дневната светлина има исклучително широк спектар, па престојот надвор во текот на денот е најприродниот начин да се изложиме на него. За внатрешните простории, пак, истражувањето отвора интересно прашање дали идните светилки треба да произведуваат поширок спектар, наместо да бидат оптимизирани само за видливата светлина и за енергетската ефикасност.
Можеби иднината на осветлувањето нема да биде едноставно LED или не LED, туку ќе се развие во насока за вклучување на поширок дел до природниот спектар во просторот во кој живееме.