На 12 август над аеродромот во Платсбург, во сојузната држава Њујорк (САД), се случи нешто што до неодамна би звучело како сцена од научнофантастичен филм. Од пистата полета авион долг 23 метри, со распон на крила од 32,3 метри а во неговите мотори не влезе ниту капка авионско гориво.
Heart X1, експерименталниот авион на компанијата Heart Aerospace, стана најголемиот батериски електричен авион што некогаш полетал. Со маса при полетување поголема од 11,3 тони, авионот приближно тежи колку и празен градски автобус (обичен, не од двоспратните или дуплите :) ). Неговите електрични мотори добиваат енергија директно од вградените батерии.
Летот траел 27 минути. Авионот достигнал височина од околу 335 метри, а системот за електричен погон испорачувал повеќе од еден мегават моќност. Во кабината немало патници – само пилот, кој со авионот извел серија маневри, по што безбедно слетал. Целта не била да се постави рекорд во далечина, туку да се покаже дека електричниот погон може да функционира и на размери блиски до оние на вистински регионален патнички авион.

Демонстративниот авион X1 во лет над Платсбург, Њујорк, на изгрејсонце за време на својот прв лет Фото: Харт Eроспејс
Повеќе од обичен експеримент
Heart X1 не е замислен како авион наменет за превоз на патници на редовните авиоплинии. Тој претставува летечка лабораторија за развој на идниот ES-30 – авион за регионален сообраќај со 30 седишта којшто компанијата планира да го нуди како хибридно-електричен патнички авион.
Иако X1 може да лета исклучиво на батерии, неговата цел не е да докаже дека големите патнички авиони можат веднаш да станат целосно електрични. Напротив, тој покажува колку далеку може да се стигне со денешната технологија и каде се нејзините сегашни граници.
Најголемиот проблем е добро познат – тежината на батериите. Имено, авионите на класичен погон, со керозин, постепено стануваат полесни во текот на летот бидејќи го трошат горивото. Батериската маса, пак, останува речиси непроменета од полетување до слетување. Колку е поголем авионот и колку подалеку треба да лета, толку повеќе енергија му е потребна, а тоа значи уште поголема батерија, односно уште поголема маса.
Затоа целосно електричниот X1 има релативно ограничен дострел од околу 200 километри. За комерцијален авион тоа едноставно не е доволно.
Зошто тогаш хибрид?
Идниот ES-30 ќе ги комбинира карактеристиките од двата света. На пократки релации авионот ќе може да користи електрична енергија од батериите, без да испушта директни емисии на јаглерод диоксид во атмосферата. За подолги летови ќе се вклучуваат турбогенераторите кои ќе произведуваат електрична енергија и ќе можат да го прошират дострелот на авионот за до околу 800 километри, зависно од бројот на патници и од условите на летот. Компанијата предвидува околу 200 километри целосно електричен дострел и до 800 километри во хибриден режим.
Иако ова можеби и не звучи како револуција во стилот на „авион без капка гориво“,токму оваа комбинација можеби е пореалниот пат кон електрификацијата на регионалниот воздушен сообраќај.
Електричните мотори имаат и друга предност: мошне помалку подвижни делови од класичните погонски системи, што потенцијално значи поедноставно одржување и пониски оперативни трошоци. Heart Aerospace проценува дека ES-30 би можел да има околу 40 проценти пониски оперативни трошоци од споредливите конвенционални регионални авиони.

Успешно слетување на демонстративниот авион X1 на меѓународниот аеродром Платсбург во Њујорк по завршување на својот прв лет Фото: Харт Eроспејс
Интересен детаљ од првиот лет на X1 дополнително го привлече вниманието. Компанијата проценува дека електричната енергија потрошена за целиот лет чинела само околу пет долари. Сепак, оваа бројка треба да се земе со голема резерва, бидејќи таа го опфаќа само трошокот за потрошената електрична енергија, а не и батериите, одржувањето, екипажот, аеродромските такси и останатите трошоци.
Оттамну иако Heart X1 не означува почеток на нова ера во која утре ќе се качиме во целосно електричен авион за прекуокеански лет, неговото 27-минутно патување над Њујорк е значаен доказ дека електричниот погон веќе може да подигне авион со размери блиски до оние на вистински патнички летала.
Следниот чекор ќе биде многу потежок: да се претвори оваа технологија во авион што ќе носи патници, ќе лета стотици километри и ќе биде економски исплатлив. Heart Aerospace планира тестирањето на производниот ES-30 да започне во 2028 година, со цел авионот да влезе во сообраќај во 2031 година.