Претставете си ултразвучна снимка од бебе кое сè уште не го направило својот прв здив. Одеднаш устата му се отвора, вилицата се спушта, а по неколку секунди повторно се затвора. Небаре се проѕева. Но, ако фетусот сè уште не дише воздух и не може да биде уморен на истиот начин како возрасен човек, што всушност се случува?
Проѕевањето како облик на однесување е присутно кај човекот во текот на целиот живот. Научниците одамна знаат дека фетусите покажуваат движења налик на зевање. Таквото однесување е забележано уште околу 11. гестациска недела. Но, долго време не било сосема јасно колку често фетусите навистина се проѕеваат и дали секое отворање на устата на ултразвук може да се нарече зевање.
Токму ова прашање се разгледува во истражувањето чиишто резултати се објавени во февруари оваа година во списанието PLOS One. Тим истражувачи од Универзитетот во Ферара, Универзитетот во Падова и неколку американски институции анализирал ултразвучни снимки од 32 здрави фетуси, набљудувани во периодот помеѓу 23. и 31. гестациска недела. За разлика од некои постари истражувања, научниците користеле поспецифичен систем за разликување на вистинското зевање од обичното отворање на устата.

Резултатот е интересен: фетусите зевале во просек помалку од пет пати на час, при што средната вредност била околу две проѕевања на час. Згора на тоа, зачестеноста на зевањето не се менувала значајно со напредокот на бременоста во испитуваниот период. За разлика од тоа, обичното отворање на устата станувало поретко со приближување на раѓањето.
Ова откритие е важно затоа што дел од постарите истражувања пријавувале многу почесто „зевање“ кај фетусите. Новата студија предлага оваа разлика можеби се должи на методологијата: дел од обичните движења на устата веројатно биле погрешно класифицирани како проѕевање. Со попрецизно препознавање, феталното зевање изгледа многу поретко и постабилно.
Но, истражувачите откриле и нешто уште позанимливо. Кај фетусите што подоцна биле родени со помала телесна тежина, проѕевањето било почесто. Врската била статистички значајна, но тоа истовремено и не значи дека почестото зевање предизвикува помала родилна тежина. Авторите претпоставуваат дека проѕевањето можеби е одраз на одредени физиолошки состојби, вклучително и благ стрес, слично како што кај веќе родените луѓе зевањето може да биде поврзано со различни состојби на организмот. Се работи за мошне интересна хипотеза, но не и за дијагностички критериум.
Во мај оваа година, пак, во Current Biology беа објавени резултатите истражување во кое научниците го испитувале прашањето дали проѕевањето на мајката можеби е проследено со зголемена веројатност за зевање кај фетусот.
Ова не значи дека нероденото бебе свесно „ја имитира“ мајката. Мошне поверојатно е дека станува збор за рана форма на физиолошка или моторна усогласеност помеѓу мајката и фетусот. Ако резултатите од ова истражување се потврдат во идни студии, тие би можеле да покажат дека одредени елементи на социјалното и моторното однесување почнуваат да се поврзуваат уште пред раѓањето.