Рубрика: Колумна
Ладење со вентилатор?
Автор: Ристо Цицонков
Објавено на 13.08.2026 - 14:00

За време на големите топлински бранови (горештини) во некои европски земји (Франција, Англија, ...) на телевизија гледавме сцени како наутро при отворање на продавници се создаваа големи турканици за купување било какви апарати за ладење, а најчесто гледавме како грабаат вентилатори.

За да се разбере подобро дали и колку лади еден вентилатор треба едно мало објаснување за преносот на топлина.

При струењето на воздухот врз површината на човечкото тело (кожата), од тој дел на телото се предава топлина кон воздухот, бидејќи човечкиот организам има температура од 37оС, а на кожата околу 33оС, додека воздухот има пониска температура и во зима и во лето (во соба). Оддавањето на топлина е поголемо ако брзината на воздухот е поголема и ако температурата на воздухот е пониска. За овој начин се вели дека е конвективен процес на предавање топлина.

Покрај претходниот, постои уште еден начин наречен испарувачки (евапоративен) процес на предавање топлина кој се јавува кога површината на кожата е влажна, а тоа го има при потење на луѓето, што е нормална појава. При струење на воздухот врз влажна површина предавањето на топлина е поинтензивно бидејќи воздухот одзема добар дел од влагата во парна состојба која во себе има латентна (скриена) топлина. Поедноставно кажано: кога кожата е влажна, таа поинтензивно се лади.


Слика: ЕМИТЕР / ВИ

Може да се каже дека функцијата на вентилаторот е да создава струење на воздухот. Тој не ја симнува температурата на воздухот во просторијата, значи не врши ладење. Напротив, ако го оставите вентилаторот да работи во празна просторија, тој ослободува топлина од работата на сопствениот електромотор (околу 60 W) и просторијата малку ќе се загрее, значи нема да се олади. Според тоа, за да има ладење, струењето на воздухот од вентилаторот треба да се насочи кон телото на корисникот при што се одзема топлина, а лицето ќе почувствува разладување за 2 до 4°C на дел од телото. Ако се напушти просторијата, вентилаторот треба да се исклучи. Вентилаторите ги ладат луѓето, а не празните простории.

 

Ладење со лепеза?

При овие големи летни жештини гледаме некои луѓе користат лепези за ладење. Тоа се случува и во затворени простории во кои нема климатизација, но и надвор кога е жешко. Тие се направени од хартија што се преклопува (слично на хармоника), а крајните елементи се дрвени и тенки.

Лепезите ја имаат истата функција како и вентилаторите. Со нивното движење се создава струење на воздухот при кое се одзема топлина од површината на човечкото тело (кожата). Всушност, тие може да се наречат и “рачни вентилатори“.

Процесите на предавање на топлината од кожата на човекот кон воздухот што струи се остваруваат на ист начин како кај употребата на вентилаторите. Разликата е во тоа што тука нема механичко струење на воздухот. Се разбира дека мафтањето на лепезата по извесно време созадава замор кај корисникот, а и ефектот е многу помал отколку кај употребата на вентилатор.

Лепезите биле масовно користени во минатото пред појавата на вентилаторите.

На крај можеме да заклучиме дека вентилаторите не можат да ги ладат просториите, односно не се наменети за климатизација. Тие служат за создавање на струење на воздухот кое може да разлади дел од човечкото тело ако струењето е соодветно насочено кон него. Значи можат да служат само за мало ублажување на состојбата со жештината. За да се постигне целосно решение на проблемот со високата температура во просториите, односно за да има комфорни услови за престој и работа на луѓето, треба да се употреби клима уред или систем за централна климатизација.

Прочитав информација дека за монтажа на сплит клима уред во Англија се чека на термин по први септември, а цената на монтажата кај нив е приближно колку цената на клима уредот. Сервисерите што вршат монтажа кај нив мора да имаат сертификат за помината специјална стручна обука, најмногу заради штетното дејство на ладилните флуиди (фреони) кои струјат внатре во клима уредите.

Кај многу европски земји постои и друг проблем, бидејќи има прописи според кои не е дозволено поставување на клима уреди на фасадите од зградите, особено не во делови од градот со културно историско наследство. Од друга страна, тие згради се градени во време кога немало климатски промени, односно не биле предвидени за денешните временски услови со високи температури. Сега би можеле да инсталираат централна климатизација, но со “скриена“ опрема.

За нив вентилаторите може да бидат добродојдени, колку-толку.

Д-р Ристо Цицонков е редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје

Клучни зборови:

<p>Слика: ЕМИТЕР / ВИ</p>

<p>Слика: ЕМИТЕР / ВИ</p>