Рубрика: Информатика
Во Охрид е пронајдена временска машина!
Автор: Редакција Емитер
Објавено на 07.08.2026 - 22:15

Само што оваа не го поместува времето како во научната фантастика — таа го оживува. Може да ве врати милиони години наназад, да ве прошета низ Охрид кој повеќе не постои, да ви овозможи да разговарате со луѓе кои одамна не се меѓу нас, да влезете во исчезнати храмови и светилишта, да ги слушнете приказните на Охридското Езеро и, на крајот од патувањето, да погледнете кон Охрид кој сè уште не постои.

Компанијата „Сефиданис“ се јавува како соосновач и технолошки архитект на „Охридски времеплов“, првиот дигитален интерактивен музеј во Македонија и на Балканот.

Во рамките на овој проект е оживеан препознатливиот охридски фенер, еден од заштитните симболи на стариот град, создаден по теркот на традиционалната охридска куќа. Фенерот сега „зборува“ и ги раскажува приказните за кои сведочел низ таинствените улички на стариот град, прераскажувајќи ги спомените на сокачињата, тишината на калдрмата и тајните што Охрид ги чувал со векови.

Создадени се и прозори со аугментирана реалност, преку кои посетителот го гледа градот во реално време, но истовремено патува низ неговите временски слоеви. Така се открива драматичниот судир меѓу минатото и модерноста, како и трагите на дисрупцијата што современоста ја оставила врз културното наследство.

Со помош, пак, на имерсивна реалност, посетителите можат да влезат во виртуелни светови на антички локалитети, ис-чезнати храмови и светилишта; да станат дел од ритуалите, животот и духовната атмосфера на Охрид; да се искапат во светлината што овој град ја еманира низ вековите.

Во дигиталниот аквариум, патувањето започнува милиони години наназад, во времето кога се создавале првите услови за живот во водите на охридскиот регион. Таму, ендемските видови на Охридското Езеро ги раскажуваат своите приказни во прво лице, потсетувајќи дека она што денес е загрозено, утре може да стане само спомен ако не се сочува.

Особено место му е посветено и на македонскиот лауреат Григор Прличев. По паметниот холографски споменик, тимот на „Сефиданис“ создаде и холографска биста со која посетителите можат да разговараат во реално време, не како со далечна историска фигура, туку како со жив духовен сведок на македонската културна меморија.

Преку дигиталниот свиток оживуваат уникатни текстови: од евангелските ракописи, преку „Сердарот“ и поезијата на браќата Миладинови, па сè до други значајни книжевни и културни траги на Охрид и Охридско.

Во собата на уметноста, посетителите можат да влезат во имагинарниот свет на охридските уметници како што се Наумоски и Манасиески, да создаваат сопствени дела со помош на генеративна вештачка интелигенција, инспирирани од пејзажите и визуелната традиција на градот. Холографското платно овозможува учење на автентични охридски ликовни техники — една од најсофистицираните форми на културна експресија во светот.

Развиена е и технологијата „Оромат“ — прва од ваков вид, преку која нематеријалното културно наследство не се набљудува само, туку се учи со сопственото тело. Со помош на 3D скенирање на движењата и интерактивни туторијали, посетителот може чекор по чекор да ги изучува традиционалните македонски ора, следејќи ги движењата, ритамот и кореографијата во реално време.

Во делот посветен на војните и човечките страдања, им е даден глас на фотографиите на Христо Узунов и Јасна Ристеска, кои зборуваат и раскажуваат за трагедиите, болката и искушенијата на народот што живеел тука. Тие стануваат сведоци, предупредувања и морална меморија за големите човечки катастрофи, со надеж дека таквите страдања никогаш повеќе нема да се повторат.

Во собата на носталгијата се наоѓаат реликви од најраните спомени за Охрид во СФРЈ: машината за шиење на мајката на Анис, Сафка, неговиот прв компјутер добиен од татко му Џезо од фабриката „ЕМО“, како и предмети, мебел и покуќнина на охриѓани што ја чуваат интимната современа меморија на градот.

Во собата на иднината, секој посетител може да ја нацрта својата визија за Охрид, онаков каков што го сонува, посакува и замислува. Со помош на вештачка интелигенција, таа визија оживува во реално време и се проектира во просторот, каде секоја линија и идеја му даваат нова възможност на Охрид да стане уште поубаво место за сите.

Целата оваа визија е плод на идејното концепирање и техничката реализација предводена од Анис Сефиданис, професор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ и основач на „Сефиданис истражување и развој“. Заедно со неговиот неуморен тим и талентираните колеги од универзитетот — Ана Попоска, Павел Тасков, Влатко Домазетоски, Абдула Бајрам, Дарко Крлески и Ангел Крстески — тие создадоа решенија за дигитална уметност базирани на вештачка интелигенција и виртуелна реалност кои претходно не постоеја. Целта беше културното наследство да не биде само изложено, туку доживеано, слушнато, видено и почувствувано кроз мултимедијални системи со иновативно корисничко искуство во светски рамки. Голем придонес за оваа успешна соработка има и основачкиот партнер Катерина Упевче Потер, со нејзиниот тим сочинет од Стивен Потер, Катерина Упевче, Никола Упевче, Александар Богоески и други.

„Охридски времеплов“ не е само музеј. Тоа е средба помеѓу минатото и иднината. Помеѓу каменот и светлината. Помеѓу паметењето и визијата. Помеѓу она што сме биле и она што допрва можеме да станеме.

Преку оваа инженерска и уметничка фузија, Охрид конечно добива простор каде неговата историја не стои зад стакло, туку зборува, дише, се движи и создава нови светови.

Клучни зборови: