Пандемијата на ковид-19 зад себе остави последици што сè уште ги откриваме. Освен врз физичкото и менталното здравје на возрасните, ограничувањата и изолациите низ кои поминавме сите во годините 2020-2021 се чини дека оставиле трага и врз генерацијата што тогаш штотуку доаѓаше на свет.
Едно ново истражување укажува кон тоа дека децата родени за време на првиот карантин имаат послабо развиени извршни функции, како што се нарекува групата когнитивни способности што помагаат за контролирање на импулсите, регулација на емоциите, планирање, решавање на проблеми и за успешно приспособување кон нови ситуации.
До овие заклучоци доаѓа студијата објавена неодамна во списанието Archives of Disease in Childhood, која првпат се обидува да ги процени долгорочните ефекти од социјалната изолација врз децата кои биле родени токму во периодот на најстрогите мерки против ширењето на вирусот.

Слика: ЕМИТЕР/ВИ
Во истражувањето биле опфатени 205 деца родени во Англија во периодот помеѓу 23 март и 23 јуни 2020 година – кога нормалниот живот речиси целосно беше сопрен. Истражувачите ги тестирале нивните невербални способности за расудување и јазичниот развој, а истовремено собирале и информации од родителите за секојдневното функционирање на децата. Особено внимание било посветено на извршните функции, кои се клучни за учење, концентрација, организација и емоционална самоконтрола.
Резултатите покажале дека овие способности, во просек, биле пониски отколку кај децата родени пред пандемијата. Дополнително, кај околу една третина од испитаниците биле забележани изразени потреби поврзани токму со развојот на извршните функции.
Според авторите, најверојатното објаснување за ова е недостатокот од разновидни социјални контакти во текот на првата година од животот. Наместо редовни средби со поширокото семејство, други деца, воспитувачи или со непознати возрасни, повеќето бебиња го поминале речиси цело време исклучиво со своите родители. А токму таквите разновидни интеракции се сметаат за важен поттик за созревање на мозокот во најраната возраст.
Практично, недоволно развиените извршни функции можат да значат дека детето потешко започнува и завршува одредени активности, полесно го губи вниманието, потешко ги памети инструкциите или има поголеми тешкотии при приспособување на своето однесување врз основа на искуството и повратните информации од околината.
Интересно е што резултатите за јазичниот развој не биле униформни. Вкупните јазични способности биле во согласност со очекувањата за возраста, а во некои случаи дури и нешто подобри. Но, подеталната анализа открила важна разлика.
Децата покажале послаби резултати во експресивниот јазик, способноста активно да ги користат зборовите за изразување на своите мисли и потреби. Од друга страна, рецептивниот јазик, односно разбирањето на говорот, останал на очекуваното ниво. Истражувачите претпоставуваат дека честата комуникација со родителите можеби помогнала да се зачува разбирањето на јазикот, но не можела целосно да ги замени богатите разговори и разновидните социјални ситуации неопходни за развој на говорното изразување.
Авторите нагласуваат дека станува збор за набљудувачка студија, па не може со сигурност да се тврди дека карантинот е директната причина за забележаните разлики. Дополнително, дел од податоците се засноваат на проценките на родителите, што секогаш остава простор за субјективност.