Скопското астрономско друштво денес се организираше за набљудување на транзитот на Меѓународната вселенска станица пред Сонцето. Боби Кузманоски, Христијан Петрески и Радан Митровиќ од САД ја поставија опремата во близина на просториите и помошниот стадион на ФСМ во населбата Ново Лисиче, Скопје. Од настанот има неколку убави фотографии и одлична сторија.
Објектот на Меѓународната вселенска станица (ISS) помина преку Сонцето во 11 часот 17 минути и 41.56 секунди по македонско време. Во тој момент ISS се наоѓаше на околу 480 километри од нас.
Овој астрономски настан може лесно да се предвиди неколку дена однапред со помош на веб-страницата Transit Finder. Потребно е само временските услови да бидат поволни за моментот да може успешно да се фотографира и сними.

Транзитот на МВС пред Сонцето набљудуван од Скопје на 2 август 2026 година Фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво
Транзитите најдобро се снимаат кога Сонцето е што е можно повисоко на небото, односно во близина на меридијанот и неговата горна кулминација. Па иако сме во екот на топлотниот бран, тоа значеше околу еден час работа со телескопите на најголемата жештина. Сепак, овојпат среќата беше наклонета бидејќи трасата на транзитот помина практично „низ нашиот двор“, па за добра снимка немаше потреба од изминување на десетици километри, како што често се случува.
Со себе понесовме три монтажи, но поради ограниченото време одлучивме да се фокусираме само на две. Се покажа дека тоа беше вистинската одлука. Иако планот беше најмалку 10–15 минути пред транзитот целата опрема да биде целосно подготвена, и овојпат успеавме буквално во последните една до две минути да ги ставиме сите системи во состојба на целосна подготвеност.
Овојпат користевме и нова апликација со тајмер, која преку Bluetooth звучник ги најавуваше преостанатите секунди до транзитот. Системот функционираше одлично и навистина ми беше драго што се покажа толку прецизен и корисен.
Боби Кузманоски фотографираше со помош на најголемиот телескоп за астрофотографија во сопственост на Скопското астрономско друштво. Еве ги и неговите впечатоци
Со своите неверојатни 2800 mm фокална должина, Celestron C11 Edge го исполни целосниот full-frame сензор, па Сонцето не го собираше во еден кадар и беше пресечено на горната и долната страна. Поради тоа, уште на почетокот морав да направам посебни кадри од горниот и долниот дел за да ги спојам во целосна финална фотографија.

Транзитот на МВС пред Сонцето набљудуван од Скопје на 2 август 2026 година Фото: Боби Кузманоски, Скопско астрономско друштво
Најпрво направив 200 фотографии за стакирање (stacking), со цел да извлечам што повеќе детали од површината на Сонцето и сончевите дамки. Потоа, во точниот момент на прелетот, уловив 12 фрејмови на кои јасно се гледа МВС (камерата снима со 20 фрејмови во секунда, а прелетот трае сè на сè 0,60 секунди).
Благодарение на додадените горен и долен дел на оригиналната фотографија, се доби фрејм од околу 60 мегапиксели. Ова ми овозможи да направам и дополнителен исечок (crop) од централниот дел кој ги прикажува само дамките и МВС, а сепак да остане доволно висока резолуција за пристоен принт со голем формат.
Еве и втора композитна фотографија, направена од Христијан Петрески, со помош на вториот телескоп специјално наменет за набљудување и фотографирање на Сонцето во H-алфа (Hα) спектар.
На неа јасно се гледа Меѓународната вселенска станица (ISS) како минува преку сончевиот диск. Во близина на нејзината привидна патека се забележуваат и сончеви протуберанци – огромни лакови од врел јонизиран гас што се издигаат над површината на Сонцето под влијание на неговото силно магнетно поле. Тие можеа да се видат и на претходната фотографија направена од Боби Кузманоски.
H-алфа филтерот пропушта само многу тесен дел од црвената светлина што ја емитува водородот. Благодарение на тоа, стануваат видливи детали кои не можат да се забележат со обичен телескоп, како што се протуберанците, филаментите и активните области на Сонцето.
Овие фотографии се одличен пример за тоа колку далеку стигнала современата наука. За успешно фотографирање на ваков транзит потребно е однапред со голема прецизност да се пресметаат и точната локација на набљудување, во рамки на неколку десетици метри и точниот момент на преминот, со прецизност до дел од секундата. Само со вакви прецизни пресметки е можно да се забележи овој редок и спектакуларен астрономски настан.

Транзитот на МВС пред Сонцето набљудуван од Скопје на 2 август 2026 година Фото: Христијан Петрески,Скопско астрономско друштво