Рубрика: Информатика
Македонија го доби првиот „паметен“ расадник
Објавено на 29.07.2026 - 15:45

Вештачката интелигенција влегува во домашното земјоделство

Македонското земјоделство доби нов пример за тоа како дигиталните технологии можат да го трансформираат традиционалното производство. Во Струга беше промовиран SMART Nursery – првиот паметен расадник и аналитичко-истражувачки центар од ваков вид во земјата, наменет за производство на висококвалитетен саден материјал од лешник. Зад техничката реализација на проектот стои компанијата „Сефиданис“, која разви интегриран систем што ги поврзува вештачката интелигенција, паметните сензори и анализата на податоци во единствена платформа за прецизно земјоделство.

Проектот не претставува само технолошка иновација, туку и пример за успешна соработка меѓу приватниот сектор, научно-инженерската експертиза и меѓународните партнери. Неговата цел е преку современи дигитални алатки да овозможи попрецизно следење на условите во расадникот, подобра контрола на развојот на растенијата и носење одлуки засновани на податоци, што треба да придонесе за поквалитетен саден материјал и поефикасно производство.

Од „Сефиданис“ велат дека амбицијата била да создадат платформа што ќе покаже како роботиката, вештачката интелигенција и анализата на податоци можат да станат практични алатки за модерното земјоделство. Според компанијата, ваквите проекти се доказ дека Македонија располага со знаење, инженерски капацитет и талент за развој на решенија според најсовремените светски стандарди.

SMART Nursery е реализиран во партнерство со „Нелкоски Органик Фуд“, со поддршка на програмата Increasing Market Employability (IME), Амбасадата на Швајцарија, HALBA Coop Switzerland, First Bio Cooperative и Здружението ЕКО Лешник – Macedonian Hazelnut.

При промоцијата беше истакнато дека иновациите и знаењето се темел на современото земјоделство и дека ваквите инвестиции се важни за зголемување на конкурентноста на домашното производство. Покрај паметниот расадник, беше претставен и современ погон за преработка на лешници, со линии за селекција, сортирање, миење, печење, мелење и пакување, со што се заокружува целиот производствен синџир – од производство на саден материјал до финален производ со додадена вредност.

Од компанијата упатија благодарност до сите институции, партнери и соработници кои придонеле проектот да стане реалност, а особено до тимот на „Сефиданис“, кој со својата посветеност и професионалност ја реализирал техничката имплементација.

Компанијата најавува дека ќе продолжи да развива решенија базирани на роботика и вештачка интелигенција, со цел овие технологии да станат подостапни за домашните претпријатија и да придонесат кон попаметно, поодржливо и поконкурентно македонско земјоделство.

Клучни зборови: