Гугл забележа најголем број пребарувања во својата историја за време на натпреварот од осминафиналето на Светското првенство во фудбал помеѓу Аргентина и Египет, изјави потпретседателот на компанијата за знаење и информации, Ник Фокс.
Како што пренесува Си-Ен-Би-Си, рекорден број пребарувања во секунда бил забележан веднаш по победничкиот гол на аргентинската репрезентација, со кој аргентинците направија пресврт и го совладаа Египет со резултат 3:2.
Фокс на социјалната мрежа Икс напиша дека Гугл пребарувањето „ги собори сите досегашни рекорди на користење“, додека потпретседателот за развој, Роби Стајн, потврдил дека тој ден бил забележан историски максимум во користењето на сервисот.
Компанијата, сепак, не објави конкретни податоци за бројот на пребарувања, ниту ја откри методологијата на мерење.

Според Си-Ен-Би-Си, најголемиот пораст на интересот следувал веднаш откако Енцо Фернандес го постигнал победничкиот гол за Аргентина во самиот финиш на натпреварот, што предизвикало глобален бран пребарувања поврзани со натпреварот, Лионел Меси и Светското првенство.
Инаку ова не е прв случај кога еден голем фудбалски натпревар довел до рушење рекорди на Гугл пребарувањето. Извршниот директор на компанијата, Сундар Пичаи, соопшти дека за време на финалето на Светското првенство во 2022 година помеѓу Аргентина и Франција, бил забележан најголемиот интернет-сообраќај во историјата на Гугл пребарувањето во претходните 25 години.
Новиот рекорд покажува дека најголемите спортски настани и натаму поттикнуваат милиони корисници ширум светот информациите да ги бараат токму преку интернет-пребарувачите.
П.С. Се чини дека метриката за пребарувањата за време на овогодинешното финале изгледа сè уште не е пристигната. Би се обложиле дека гуглањето на спорните моменти и хајлајти ќе го надмине овој рекорд :)