Косово веќе успеа да изгради Национална опсерваторија, за чија изградба тамошната Влада обезбедила 300 000 долари. Македонија, иако има значително подолга астрономска и научна традиција, како и најмалку 14 забележани иницијативи во текот на околу 70 години, сметано од првиот познат предлог, сè уште нема ваква институција. Првиот конкретен буџетски амандман за почеток на проектот неодамна стигна до Собранието, но не беше усвоен. Затоа прашањето повеќе не е само зошто досега не сме изградиле опсерваторија, туку што е потребно оваа долгогодишна идеја конечно да добие трајна институционална поддршка.
Идеја со долга историја, првпат во Собранието
Залагањето Македонија да добие национална астрономска опсерваторија не започнува денес. Низ децениите повеќе научници, астрономски друштва, институции и поединци предлагале различни проекти и локации, но ниту една од тие иницијативи не стигнала до целосна реализација. Во досегашното истражување на Арно.мк и во активностите на Граѓанско-научната космичка агенција се евидентирани најмалку 14 обиди и иницијативи за основање национална астрономска опсерваторија во Македонија.
Арно.мк поактивно се вклучи на оваа тематика во 2022 година, со отворањето на групата „Астрономска опсерваторија во Македонија“, замислена како место за собирање историски податоци, стручни мислења, можни локации и поддржувачи на идејата. Но таа активност е само продолжение на работата на многумина пред нас, кои во различни периоди се обидувале прашањето да го придвижат од желба и научна потреба кон конкретен државен проект.
Затоа сегашниот момент не треба да се опише едноставно како уште еден неуспешен обид. За првпат од независноста, потребата од Македонска астрономска опсерваторија влезе во Собранието како конкретен амандман на Буџетот. Тоа е разликата што овој обид го издвојува од претходните: иницијативата доби архивски број, собраниско образложение и гласање, со што конечно стана официјално институционално прашање.

Времепловот во целост можете да го видите тука
Два гласа „за“, ниту еден „против“
Во рамките на расправата за ребалансот на Буџетот, во Собранието беше образложен амандман со кој се бараа 1.722.000 денари за почеток на процесот за основање Македонска астрономска опсерваторија. Таа беше претставена како современа научноистражувачка и образовна инфраструктура од национално значење, достапна за истражувачите, универзитетите, наставниците, студентите и учениците.
Не станува збор за целосна изградба и опремување на опсерваторијата, туку за првите неопходни чекори со кои една долгогодишна идеја би почнала да се претвора во институционален проект. Граѓанско-научната космичка агенција веќе подготвила иницијатива што ги опфаќа научните, техничките, инфраструктурните, организациските и финансиските аспекти на проектот.
По образложението, претставникот на Владата кратко соопшти: „Амандманот не се прифаќа“. Не беше наведено дали причината е недостиг од средства, несоодветна буџетска ставка, потреба од дополнителна документација или непостоење формален институционален носител.
Бидејќи никој не побара збор, расправата беше затворена. За амандманот гласаа двајца пратеници, додека гласови против и воздржани немаше. Претседавачката констатираше дека амандманот не е усвоен.
Тоа е процедурално јасен исход, но не е и суштински одговор на прашањето дали на Македонија ѝ е потребна национална астрономска опсерваторија. Амандманот не беше оспорен со научни, финансиски или развојни аргументи, туку едноставно не го доби потребното мнозинство.
Во сцената имаше нешто тивко кафкијанско: предлогот бил подготвен, заведен, архивиран и прочитан пред надлежното тело, но не најде ниту на вистински противник ниту на вистински соговорник. Никој не кажа дека идејата не вреди, но таа сепак не помина. Имаше расправа во која никој не побара збор и гласање во кое немаше ниту еден глас против.
Успех што не треба да се потцени
Сепак, овој настан не треба да се гледа само како неуспех. Граѓанско-научната космичка агенција успеа да направи нешто што досега не било направено: идејата за Македонска астрономска опсерваторија за првпат да влезе во Собранието како конкретен буџетски предлог.
Тоа е значаен институционален пробив. Идеите не стигнуваат сами до собраниските комисии. Зад овој амандман стојат истражувања, јавни настапи, поврзување научници, наставници, астрономи аматери и заинтересирани граѓани, разгледување можни локации, подготвување проектна иницијатива и постојано објаснување зошто ваквата инфраструктура не е луксуз.
Благодарение на упорноста на ГНКА, опсерваторијата веќе не е само желба што повремено се споменува во научните кругови. Таа стана официјално поставено прашање, со амандман, архивски број, собраниско образложение и гласање.
Признание заслужуваат и сите што помогнале граѓанската и научната иницијатива да добие парламентарен глас. Двата гласа „за“ не беа доволни за усвојување на амандманот, но беа доволни прашањето конечно да влезе во институциите. Сега е важно од нив да не излезе само со констатацијата дека не е усвоено.
Зошто на Македонија ѝ е потребна опсерваторија?
Националната опсерваторија не треба да се разбира како романтична желба на луѓе што сакаат да гледаат ѕвезди. Таа би била научна, образовна и технолошка инфраструктура што може да им служи на истражувачите, студентите, наставниците и учениците, но и да создава можности за меѓународна соработка.
Современата астрономија не подразбира само набљудување низ телескоп. Таа е поврзана со физиката, математиката, инженерството, програмирањето, роботиката, оптиката и обработката на големи количества податоци. Ваквиот проект може да поттикне научни истражувања, да им даде практично искуство на студентите и да им покаже на младите дека и во Македонија може да се создава современа наука.
Вредноста на опсерваторијата не би се мерела само во бројот на набљудувани небесни тела или објавени трудови. Таа би се мерела и во бројот на деца што првпат ќе погледнат низ телескоп, во студентите што ќе добијат можност да учествуваат во вистинско истражување и во младите научници што ќе добијат уште една причина својата иднина да ја поврзат со земјата.
Во време кога државата, научните институции и јавноста расправаат за рудници, индустриски дозволи и други крупни економски и еколошки прашања, особено е важно да покажеме дека институционална поддршка заслужуваат и проектите што создаваат знаење, кадар и долгорочен научен развој.
Косово, држава која нема ни блиску толку долготрајна и длабока астрономско-научна историја како Македонија, успеа да изгради Национална опсерваторија, при што од Владата на Косово донирала 300 000 долари за изградба.
Што понатаму?
Следниот чекор би можел да биде средба на претставниците на ГНКА со Владата, надлежните министерства, универзитетите, МАНУ и научните институти. На таа средба треба да се утврди што недостига за проектот да напредува: дополнителни анализи, институционален носител, попрецизен буџет, избор на потенцијални локации или поделба на проектот во повеќе фази.
Институциите не мора веднаш да ветат изградба на опсерваторија. Но би било важно да кажат дали ја препознаваат нејзината научна и образовна вредност и по кој пат иницијативата може да се развива. Доколку овој амандман не бил соодветниот механизам, потребно е да се посочи кој е соодветниот.
Проектот веројатно нема да се реализира брзо и ќе бара партнерства, постепено финансирање и повеќегодишна работа. Но не треба секоја генерација повторно да ја започнува истата иницијатива од почеток.
Македонија го има Кокино како сведоштво дека луѓето на оваа територија го набљудувале небото пред илјадници години. Тоа наследство нема целосно да го почитуваме само со повикување на минатото. Потребно е да создадеме и современа инфраструктура преку која новите генерации ќе можат да истражуваат, учат и соработуваат со светот.