На 5 јуни 2026 година, НАСА им нареди на петте астронаути на Меѓународната вселенска станица (МВС) да се засолнат во закотвениот вселенски брод и да се подготват да ја напуштат станицата. Причина беше долгогодишното, сѐ полошо, истекување на воздух во рускиот дел од станицата.
Час и половина подоцна, тревогата беше укината, овозможувајќи екипажот да продолжи со својата работа. Но, епизодата нè потсетува дека најскапиот научен експеримент на човештвото – извонредниот симбол на меѓународната соработка – ја покажува својата возраст.
МВС произлезе од затоплувањето на односите помеѓу Вашингтон и Москва веднаш по Студената војна. На почетокот на 1990-тите, земјите одлучија да ги спојат одделните проекти за вселенски станици на кои работеше секоја од нив.

Истекот на воздух во постариот дел од МВС, познат како трансфер тунел Звезда ПрК, е доза на инженерска реалност. Предизвикан е од фините пукнатини во структурата на тунелот којшто овозможува пристап до местото за докинг на вселенските летала. Нема трајно решение, а пукнатините веќе беа крпени и повторно закрпени со заптивна смеса.

Астронаутите на SpaceX Crew-12 (првиот ред) и Крис Вилијамс од НАСА (во средината, заден ред) се засолниле во Crew Dragon, додека двајца руски членови на екипажот се подготвувале да ги поправат пукнатините. Слика: НАСА
НАСА и руската вселенска агенција Роскосмос имаат различни ставови за сериозноста на проблемот. Роскосмос вели дека бавното истекување не претставува опасност, додека американската вселенска агенција го смета за зголемен безбедносен ризик. Под притисок не е само структурата, туку и суштината на договорот што ја одржува МВС во функција.
Во 2024 година, претседателот на советодавниот комитет на МВС, Боб Кабана, откривајќи детали за расправијата рече: „НАСА изрази загриженост за структурниот интегритет на ПрК и можноста за катастрофален дефект“.
На почетокот од јуни 2026-та , се појавија нови пукнатини, а стапката на истек се зголеми. Ова го поттикна Роскосмос да предложи решение. Според една статија во технолошкото списание Арс Техника, Русите сакале да извршат поправки на трупот со помош на дупчалка.
НАСА се спротивстави на планот и Роскосмос подоцна го отфрли, но само за да предложи нов. Според овој втор предлог, руските космонаути би користеле пила за отстранување на носач во тунелот.

Пукнатините се наоѓаат во тунелот ПрК, мало предворје во рускиот сегмент на вселенската станица. Слика: ESA
Кога НАСА го слушна ова, претставниците на агенцијата им наредија на петте астронаути да се засолнат во капсулата Кру Драгон на Спејс Екс, подготвени да се одвојат од вселенската станица доколку се случи несреќа.
Роскосмос го отфрли и вториот план, по што НАСА ги повика астронаутите да се вратат назад. По инцидентот, Роскосмос ѝ соопшти на НАСА дека ќе го затвори тунелот ПрК од остатокот од станицата, во обид да стави точка на проблемот.
Комерцијална иднина
МВС никогаш не беше замислена како бесмртна. Планот отсекогаш бил да се дозволи конкурентниот комерцијален пазар да ја преземе контролата со приватно изградени вселенски станици. НАСА потоа би ги испраќала своите астронаути во овие нови орбитални позиции, кои исто така би биле посетувани од приватни вселенски патници.
Тековниот фаворит за достигнување до ниската Земјина орбита е Хејвен-1 на Васт. Со приближно една осмина од просторот за живеење на МВС, станицата е дизајнирана за кратки престои, најмногу до еден месец. Исто така, во голема мера зависи од ‘закачената’ капсула на Спејс Екс од која црпи воздух и енергија. Хејвен-1 е тест платформа, а не замена. И покрај оптимистичките проценки за лансирање во 2026 година, сега е малку веројатно дека ќе лета пред 2027 година.

Станицата Haven-1 на Vast се подготвува за лансирање во седиштето на компанијата во Лонг Бич, Калифорнија. Слика: Vast
Станиците што би можеле целосно да ја заменат МВС се подалеку. Модуларниот Хејвен-2 на Васт цели кон градба на првиот модул во 2028 година, со план за финиширање во 2032 година, истата година кога МВС треба да биде напуштена. Ова не остава простор за доцнењата коишто овие програми ги трпат рутински.
Две други компании, Аксиом и Старлаб Спејс, исто така планираат големи орбитални пунктови. Сепак, тие сѐ уште се во развој, а Аксиом неодамна се соочи и со финансиски проблеми.
Проблем е тоа што компаниите и оние што ги финансираат не се подготвени за преземање исчекор. Обемот во кој замените за МВС ќе бидат диригирани од пазарот постојано се преценува. Владините вселенски агенции ќе бидат главен закупец и плаќач, што го прави ова комерцијален сектор за чие создавање плаќаат САД.
Соочени со помалку од идеално ангажирање на приватниот сектор и со одложувања, американските законодавци го продолжија животниот век на МВС. НАСА требаше да управува со МВС до 2030 година. Неодамнешната правна дополна, којашто чека одобрување, би го одложила декомисионирањето на МВС до 2032 година.
Ова, делумно, се должи на застојот во набавката на комерцијални замени за МВС од страна на НАСА. Неодамнешната легислатива го признава ова, поврзувајќи го секое пензионирање на МВС со подготвеноста на замените и предупредувајќи на сценарио каде Кина е единствената земја со континуирано човечко присуство во ниската орбита на Земјата.
Како ќе заврши МВС ?
Постои хаотичен правен пејзаж надвиснат над МВС додека таа се ближи кон крајот на својот животен век. За да ја деактивира, НАСА ќе ја турне вселенската станица тешка 420 тони во атмосферата на Земјата користејќи адаптирано летало SpaceX Dragon, по цена од приближно 840 милиони американски долари.

За деорбитирање на МВС, НАСА ќе користи адаптирано вселенско летало Драгон на Спејс Екс за да ја помести станицата во Земјината атмосфера. Слика: SpaceX, CC BY-NC
Ова контролирано атмосферско влегување треба да се случи над Точката Немо, најоддалечениот дел од Тихиот Океан. Со тоа значително се намалува ризикот од пад на остатоци врз населени области.
Сепак, вселенската станица ќе биде најголемиот орбитален објект што некогаш бил испратен низ атмосферата и парчиња големи колку помал семеен автомобил би можеле да го преживеат спуштањето. Ако нешто тргне наопаку, кој ќе ја понесе одговорноста?
Според Конвенцијата за одговорност на Обединетите нации, договор од 1972 година, нацијата што го лансира вселенскиот објект е одговорна за каква било штета што тој ја предизвикал. Но, МВС е изградена од модули лансирани од повеќе од една земја, воглавно од САД и од Русија.
Кога две или повеќе држави се лансираат заедно, тие се солидарно и поединечно одговорни, при што вториот термин значи дека која било од нив може да биде гонета за целата штета. Партнери на МВС се САД, Русија, Јапонија, Канада и земјите-членки учеснички на Европската вселенска агенција.
Доколку дел од станицата слета таму каде што не треба, предизвикувајќи штета, одговорноста е апсолутна – нема потреба за докажување вина. Доколку при процесот на деорбитација се оштети сателит во орбитата, одговорноста зависи од вината. Докажувањето на вината во едно исклучително комплексно сценарио какво што е декомисионирањето на МВС може да се покаже исклучително тешко.
Истекувањето на воздух од МВС е потсетник дека вселенските станици бараат континуирано одржување. Еднаш кога ќе ги лансираат своите вселенски станици, приватните компании нема да можат да се извлечат со „продај и заборави“ начин на размислување.
Бидејќи нема очигледни клиенти кои плаќаат освен вселенските агенции кои се редат, разбирливо е што инвеститорите не сакаат брзоплето да преземат скапи обврски. Продолжувањето на животниот век на МВС обезбедува привремена поправка, но не го отстранува основиниот проблем околу тоа кој плаќа за нејзина замена.
Автор на овој напис е Кристофер Њуман, професор по вселенско право и политика при Универзитет Нортумбрија, Њукасл. Статијата е преземена од The Conversation под лиценца Creative Commons. Прочитајте ја оригиналната статија.