Рубрика: Колумна
Вештачка интелигенција на екранот, скепса во двор
Автор: Зоран Т. Ивановски
Објавено на 30.06.2026 - 15:00

Пред десетина дена на Балканот се случи нешто што за некого изгледа како научна фантастика - во Србија на телевизија се појави водителка целосно генерирана од вештачка интелигенција. Во меѓувреме, во Кина веќе две години се произведуваат стотици илјади кратки серии со актери, актерки, режисери и сценарија кои никогаш не постоеле. Кај нас? Кај нас сè уште дебатираме дали електричниот автомобил ќе може да стигне од Битола до Прилеп без да остане „на сред Плетвар“. 

Пред десетина дена на Балканот се случи нешто што за некого изгледа како научна фантастика, а за остатокот од светот е само уште еден вторник. Во Србија на телевизија се појави водителка целосно генерирана од вештачка интелигенција.

Во меѓувреме, во Кина веќе две години се произведуваат стотици илјади кратки серии со актери, актерки, режисери и сценарија кои никогаш не постоеле. Никој не бара хонорар, никој не доцни на снимање и никој не оди на пауза за кафе.

Кај нас? Кај нас сè уште дебатираме дали електричниот автомобил ќе може да стигне од Битола до Прилеп без да остане „на сред Плетвар“. Следната национална дебата веројатно ќе биде дали интернетот е минлива мода.

За неколку години класичната телевизија лесно може да изгледа вака: нема камери, нема студија, нема осветлување, нема миксери, а можеби и нема водители. Ќе остане само гледачот и алгоритмот. Искрено, ако веќе со години слушаме исти лица како си поставуваат исти прашања и си даваат исти одговори, можеби алгоритмот ќе внесе малку разновидност.

Ќе преживеат подкастите, но не затоа што вештачката интелигенција не знае да зборува, туку затоа што луѓето сè уште сакаат вистинска расправа, спонтани реакции и можност да постават незгодно прашање. Барем додека алгоритмот не научи и да се расправа со коментарите на Фејсбук.

Ние, пак, сме доследни. Имаме отпор кон дата-центри за вештачка интелигенција, сомнеж кон новите технологии, страв од електрични возила... но затоа немаме никаков проблем да возиме германски автомобил, да користиме американски телефон, кинески компјутер и да гледаме серии на стриминг-платформи. Значи технологија – да, ама само ако е произведена некаде далеку од нашиот двор.

Што се однесува до медиумите, не сум сигурен дека вештачката интелигенција ќе им ги земе работните места. За тоа прво треба да ги преземе работните задачи. Со години дел од новинарството повеќе личеше на ПР-служба на политичари и олигарси отколку на контролор на власта. Некои интервјуа беа толку „незгодни“, што единственото изненадување беше дали водителот ќе постави и второ комплиментарно прашање.

Но, не грижете се. Додека светот размислува како да ја регулира вештачката интелигенција, ние сè уште ќе расправаме дали таа има душа, дали троши многу струја и дали случајно е дел од нечиј заговор.

И кога конечно ќе стигне кај нас, ќе кажеме дека „не ни треба“, па ќе почнеме секојдневно да ја користиме. Исто како што беше со интернетот, паметните телефони, онлајн банкарството и уште десетина технологии за кои бевме сигурни дека немаат иднина.

Едно е сигурно – иднината нема да нè праша дали сме подготвени. Таа само ќе помине покрај нас.

Клучни зборови: