Рубрика: Фототехника
Фотоизложба: Малите нешта на Анне-Мет С. Сомер
Објавено на 23.06.2026 - 15:15

Зрно фестивал, во соработка со Скопско лето и со поддршка на Министерството за култура и туризам, во КИЦ – Скопје, ja претставува изложбата „Малите нешта“ од данската фотографка и визуелна уметница Анне-Мет С. Сомер, авторка зад Kelter Photography. Изложбата ќе биде отворена на 26 јуни во 19 часот.

По пресвртниот момент во 2017 година, кога Анне-Мет во The Photographers' Gallery во Лондон ја посетила полароид изложбата In an Instant на Вим Вендерс, таа целосно се посветува на експерименталните полароид процеси. Денес нејзината работа е препознатлива по истражувањето на текстурата, трансформацијата и креативната улога на несовршеноста.

Изложбата претставува избор на дела што го следат нејзиниот уметнички развој – од серијата „Течни фустани“, создадена со техниката на полароид емулзиски лифт, до понови истражувања како Polaroid Decay, film soup техники, интервенции со алкохолни мастила и експериментални емулзиски лифтови.


Серијата „Течни фустани“ настанала од случајна грешка за време на работилница во Копенхаген во 2018 година, кога еден емулзиски лифт се деформирал при трансфер и добил форма налик на фустан. Наместо да го отфрли, авторката ја прифатила случајноста како творечки принцип. Денес серијата брои 311 оригинални нумерирани дела и е изложувана во Норвешка, Данска, Германија, Швајцарија, Ирска и САД.

Покрај оваа серија, посетителите ќе имаат можност да видат и колекција од Polaroid Decays, емулзиски лифтови и полароиди обработени со алкохолни мастила и други интервенции. Низ овие дела фотографијата се трансформира од документарна слика во простор за истражување на сеќавањето, кревкоста, емоцијата и убавината на несовршеното.

Анне-Мет С. Сомер е членка на The 1212 Project, ирскиот уметнички колектив Interface Inagh и германскиот полароид колектив PolaPeopleFestival, а нејзината работа е претставувана и од Oscar Studio Gallery во Осло.

 

 

Поопширно за изложбата

Анне-Мет С. Сомер (Данска) е фотографката и визуелна уметница зад Kelter Photography.
 До 2017 година, нејзината работа
била фокусирана првенствено на свадбена, портретна и комерцијална фотографија. Но, за време на посета на The Photographers' Gallery во 2017 година, сè се променило. Таму таа ја видела полароид изложбата In an Instant од Вим Вендерс  – искуство што предизвикало моментална фасцинација со експресивната и непредвидлива природа на полароид фотографијата.

Од тој момент, Анне-Мет ја посветува својата уметничка пракса на експериментални полароид процеси, развивајќи препознатлив визуелен јазик обликуван од текстура, трансформација и несовршеност. Нејзината работа била изложувана и национално и интернационално.

Во Малите нешта, Анне-Мет претставува избрани дела што го опфаќаат нејзиното уметничко патување и го покажуваат нејзиниот уметнички развој во рамки на полароидот — од многу деликатната серија со емулзиски лифтови течни фустани до поновите истражувања, вклучувајќи Polaroid Decay, film soup техники, алкохолни мастила на полароид и експериментални емулзиски лифтови.

Анне-Мет моментално е членка на The 1212 Project, западноирскиот уметнички колектив Interface Inagh и германскиот полароид колектив PolaPeopleFestival. Нејзината работа е исто така претставувана од Oscar Studio Gallery,  Осло, Норвешка.

Течни фустани

Оригинални полароид емулзиски лифтови инспирирани од движење, случајност и трансформација. Една едноставна грешка била почетниот поттик за серијата Течни фустани. За време на Emulsion Lift Masterclass во Копенхаген во 2018 година, еден од полароид лифтовите на Анне-Мет се лизнал при трансферот и несовршено паднал врз керамичка плочка. Но, во тој случаен набор и движење, се појавило нешто неочекувано: кревката емулзија наликувала на силуета на мал фустан. Наместо да го отфрли неуспешниот трансфер, Анне-Мет ја прифатила случајноста — и така се родила серијата Течни фустани.

Денес, серијата се состои од 311 оригинални, нумерирани дела, секое обликувано од органската и непредвидлива природа на процесот на емулзиски лифт. Оваа изложба обединува дела од најраните експерименти до најновите фустани создадени во 2026 година, нудејќи им на посетителите можност да ја следат уметничката еволуција на серијата низ времето.

За фотографите и љубителите на аналогните процеси, Течни фустани открива како непредвидливоста, материјалното експериментирање и интуицијата можат да ја трансформираат фотографијата во скулптурални, поетски форми. Дела од серијата Течни фустани претходно биле изложувани во Лилестрем (Норвешка), Копенхаген (Данска), Њујорк (САД), Базел (Швајцарија), Бон (Германија) и Конемара (Ирска).

Polaroid Decays, алкохолни бои на полароиди и повеќе емулзиски лифтови

Покрај изложбата Течни фустани, ќе биде поставена и колекција што прикажува колаж-серија од Polaroid Decays, полароид емулзиски лифтови и полароиди насликани со  алкохолно мастило и/или лепак со светки.

Анне-Мет објаснува:

Да земам полароид што веќе го ценам таков каков што е — директно од камерата — и потоа свесно да изберам да го уништам во потрага по нешто ново — е и вознемирувачко и длабоко привлечно. Процесот е исполнет со ризик, интуиција и неизвесност. Секое дело постои во тензијата помеѓу зачувувањето и трансформацијата.

Анне-Мет често го споредува процесот со јапонската уметност Кинцуги, каде што скршените керамички фрагменти повторно се составуваат со злато, дозволувајќи пукнатините и несовршеностите да станат дел од самата убавина. На сличен начин, овие дела се појавуваат низ нарушување, распаѓање и реконструкција, резултирајќи со дела што се целосно уникатни и невозможно е да се повторат.

Низ изложбата, делата се движат подалеку од фотографијата како едноставна слика. Наместо тоа, тие истражуваат атмосфера, емоција, кревкост и сеќавање на минатото. Низ секој емулзиски лифт и decay процес, Анне-Мет трага по подлабок вид убавина — таква што се чувствува во срцето и умот исто колку што се гледа со окото.

Секое дело е обид да се фати емоционална суштина: минливо расположение, чувство на движење или тивката поезија скриена во несовршеноста.

 

--- промотивна објава ---

Клучни зборови: