Рубрика: Астрономија и астронаутика
Фото на месецот: Година на зајдисонца
Објавено на 21.06.2026 - 22:00

Денес е 21 јуни, познат кај астрономите како летен солстициум. Ден кога Сонцето ја достигнува својата највисока точка на небото, подарувајќи ни го најдолгото дневно светло и официјалното доаѓање на летото. Додека сите го користиме овој максимален ден за уживање во долгите сончеви часови, јас ве враќам наназад кон една моја долгогодишна небесна опсесија.

Сигурно се сеќавате на фотографијата со трите Сонца и патеката на еклиптиката објавена во декември минатата година. Таа излезе како гратис слика од овој проект, со кој имав план да го фотографирам зајдисонцето секој месец во годината, почнувајќи токму од 21 јуни, кој воедно е и најдолгиот ден во годината.

Целта на овој долгорочен потфат беше визуелно да се прикаже како Сонцето постепено ја менува својата позиција на заоѓање вдолж хоризонтот во текот на една цела година. Од фотографиите може да се види дека во зимските месеци тоа заоѓа далеку на лево, кон југозапад, а со доаѓањето на пролетта полека се движи од лево кон десно (од југ кон север) сè до 21 јуни, кога ја достигнува најдесната точка на северозапад. По летниот солстициум, Сонцето повторно се враќа назад по истата патека.

Сите фотографии се направени од исто место на покровот од зградата, со поставување на апаратот на статив и исклучително прецизно кадрирање и порамнување. Кога се фотографира директно кон Сонцето, предниот план секогаш останува во силна силуета. Затоа, за да добијам добро осветлена слика и во темните делови, сите кадри се направени во HDR техника, со спојување на три слики со различни експозиции.

Повеќето од фотографиите во пролетните и летните месеци, кога денот е долг и Сонцето заоѓа подоцна, се направени точно на предвидениот 21 јуни. Но, поради работни обврски во зимскиот период, кога зајдисонцето е доста порано (пред 17 часот), кадрите беа фатени во интервал од ± 3 дена од зацртаниот датум, во зависност од тоа како се паѓаше викендот. Исклучок беше декември, кога поради упорните и густи облаци, фотографијата успеав да ја направам дури на 27 декември. Сепак, поради зимскиот солстициум, привидната позиција на Сонцето на хоризонтот беше речиси идентична со онаа од 21 декември

Автор на фотографијата и текстот е Боби Кузманоски, член на Скопското астрономско друштво.

Клучни зборови: